1032 hPa
93 %
0 °C
Скопје - Пет, 08.11.2024 02:59
„Сега, Меѓународниот олимписки комитет ќе продолжи да се занимава со своите стари проблеми“, пишува весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг. Еден проблем е нов: „Еден Ирец по име Хики моментално се наоѓа во озлогласениот затвор во западниот дел од Рио де Жанеиро, затвор кој народот го нарекува 'Бангу 10'. Според извештаите на ирските медиуми, на затвореникот му е избричена главата. Агресивноста со која бразилското правосудство се однесувало кон овој 71 годишен висок функционер повеќе зборува за вистинскиот однос помеѓу домаќините и гостите отколку сите официјални говори. Хики е обвинет дека е вмешан во валкан бизнис на банда која сакала илегално да продава билети за Олимписките игри по повисоки цени.“
„До саботата сè уште не беше изведен пред судија, но на интернет веќе е изложен на максимален потсмев заради видео снимката од неговото апсење кое немаше да се случи без учество на полицијата. Зошто такво понижување уште пред првото испитување? Хики беше член на комисијата за координација која со години се замеруваше со Организацискиот комитет на Игрите затоа што сакаше да постигне совршени услови за одржување на Олимпијадата, а бразилската економија е во сè потешка состојба. Томас Бах, претседателот на МОК, во Рио со ниту еден збор не го бранеше Хик, иако рече дека за него важи презумпцијата на невиност“.
Од друга страна, „МОК покажа, како што вели Бах, дека Олимписките игри можат да се организираат и во земји кои немаат голем БДП. Игрите не се одвиваа во меур – вистинскиот живот продолжува во градот во кој има социјални проблеми и големи спротивности. За секого би било добро да биде толку блиску до реалноста и нејзините предизвици. Тоа, додуша, Патрик Хики го гледа поинаку. А, и гостите кои беа соочени со секојдневниот уличен криминал во градот [...]
Олимписките игри никогаш не биле толку конфузни како овие, први во Јужна Америка, со оглед на спротивностите помеѓу блескавите спортски арени и бедните фавели во кои живеат сиромашни луѓе. Чист луксуз среде бедата и криминалот. Покрај сите други проблеми, тоа беше поглед во едно ново огледало“, пишува весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг.
„Ова беа“, пишува весникот Велт, „Игри во градот кој има безбедносен проблем. Олимпијадата 2016 беше рандеву со реалноста во Рио. Маракана светеше, а во соседната фавела беше мрачно – заради немањето струја [...] Во еден момент, Томас Бах и Себастијан Коу, претседателот на Светската атлетска федерација (ИААФ), им врачуваа медали на маратонците, што не е без пикантерии: ИААФ генерално ги исклучи руските атлетичари од Олимпијадата заради скандалот со допинг, додека Бах сакаше тие сепак да настапат. Една од исклучените сепак имаше голем настап: Јелена Ишинбаева, Олимписката победничка во скок со стап од 2004 и 2008 година, која е една од четирите нови претставнички на атлетичарите во МОК. Но, оваа атлетичарка блиска до Путин не смееше да одржи говор, исто како и нејзините тројца колеги.“
Интернет-весникот Шпигел онлајн пренесува дека емотивниот врв на Олимписките игри беше финалниот фудбалски натпревар помеѓу Германија и Бразил. „Кога Нејмар од слободен удар од соништата и гол од пенал на домаќините им донесе победа против Германците, луѓето се прегрнуваа, смееја и плачеа. Многумина се разголуваа до појас. Маракана е создадена за фудбал, на тој спорт домот му е таму. Во неделата, на програмата на стадионот беше уште и свеченото затворање на Олимписките игри. И брзо стана јасно дека тоа нема да биде врвот на оваа Олимпијада. Расположението беше добро, но и многу повоздржано и помирно. Многу столчиња останаа празни, дури и на почесните трибини. Веќе одамна сите атлетичари не беа во Рио.“
Пишувајќи за говорот на претседателот на МОК, Томас Бах, Шпигел наведува дека тој „со неподносливо воодушевување го нагласуваше значењето на спортот како елемент што ги поврзува народите. Предизвика иритација со тврдењето дека светот на спортот живеел под еден покрив во хармонија и единство. Или заборави, или не слушна, дека една делегација од Либан не ги пушти израелските спортисти во ист автобус, или дека еден египетски џудист не сакаше да му пружи рака на својот израелски противник. Очигледно ги пропушти и нападите на одредени спортисти кон сервисниот персонал од хотелот.“
Извор: http://www.dw.com