Валканата војна на Ердоган

26.08.2016 10:40
Валканата војна на Ердоган

Во Силопи, град со 80 000 жители на југоистокот од Турција, на помалку од 15 километри од границата со Ирак и Сирија, турските сили за безбедност во периодот од декември 2015 до јануари 2016 година, спроведуваа операција против локалното население и борците на Работничката партија на Курдистан (ПКК) која бара автономија во курдските подрачја каде тие се мнозинство. Битките беа скриени од јавноста – во повеќе наврати изложен на долготрајни „полициски часови“, односно вонредна состојба, Силопи како и низа други градови беше изолиран цели 37 денови.

Истовремено, ширум земјата, па така и во Истанбул и Анкара, бројните напади против полицијата и војската водат до засилувања на контролата и репресијата на власта. Радикалната организација Соколите на слободата на Курдистан (ТАК), која се одвои од ПКК, ја презема одговорноста за автомобилот бомба поставена на 10 јуни пред полициска станица во Истанбул. Владата неколку дена претходно наметна закон со кој се овозможува укинување на имунитетот и казнен прогон за парламентарните претставници на опозицијата, со што пред сè се обидува да се замолчат 59 претставници од Народната демократска партија (ХДП).

За време на нашата посета во градот и потоа владееше напната атмосфера. Честото поминување на возилата на турската војска и хеликоптерот кој кружи над Силопи, потсетуваат дека војната секогаш е блиску. Пред државните службеници кои излегоа на улица со столици на склопување и машини за пишување се формираа две редици за чекање. Во вакви времиња имаат повеќе работа отколку што се навикнати. Населението им предава жалби за уништувањето на куќите, им предава писма на управителите на затворите или пријавува смрт на членови на семејства.

Шеесетгодишната Риские Сефлек живее во средиштето на зоната во која се одвиваа борбите. „Тенкот кој се наоѓаше зад куќата нишанеше кон џамијата, но гранатата помина низ мојата дневна соба!“ Под белиот вел украсен со тантела, кој често го носат курдските жени, се крие изморен поглед. Нè прими во градината, со својот сопруг, нивните ќерки и нивните внучиња. Едно од момчињата донесе нова облека која ја прегледува семејството: „Тоа е за Темер, мојот внук,“ објаснува госпоѓата Сефлек. „Има 16 години и е во затвор. Пред тоа помина три дена во болница затоа што низ колкот му помина куршум.“ Адолесцентот не бил борец, но – како и сите жители на Силопи – бил затекнат во градот претворен во замка, упаднал во замката на конфликтот.

Собравме бројни сведоштва како ова во многуте градови што ги посетивме во турскиот Курдистан. Насекаде истиот заклучок: процесот на воспоставување мир помеѓу владата и ПКК, започнат 2009 година со надеж за прекинување на конфликтот кој трае од 1984 година, веќе не постои. За турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот нов премиер Бинали Јилдирим, избран на 24 мај оваа година, „веќе не е можен никаков дијалог со ПКК“. Во нивниот вокабулар нема двосмисленост: „чистење“ и „апсолутна победа“ се најчестите термини што ги користат.

Пролетта 2013 година мировните преговори доведоа до повлекување на курдските борци во Ирак, но најпосле ги прекина ситуацијата во соседна Сирија. Напнатоста помеѓу Курдите и турската влада особено порасна за време на опсадата на Кобане, градче на турската граница кое главно курдските сили го бранеа од силните напади на самонаречената Исламска држава (ИСИС)1. Истовремено, во курдските градови во Турција дојде до бунт заради однесувањето на турската влада која посакуваше пораз на Курдите во Сирија. Потоа, ИСИС на 20 јули 2015 година во градот Суручу, наспроти Кобане, го изврши својот прв бомбашки напад на турска територија. Во него загинаа над триесет членови на турската социјалистичка организација која организираше акција за солидарност за обнова на Кобане. Протестите станаа двојно посилни. Два дена подоцна ПКК во знак на одмазда уби двајца полицајци во градчето Цејланпинару, близу сириската граница, обвинувајќи ја владата и нејзиниот репресивен апарат за соработка со ИСИС. Турската влада, пак, ја прогласи својата „војна против тероризмот“, формално насочена и против ИСИС и против ПКК, која всушност во реалноста цели главно кон курдските сили.

Од септември, во сите главни курдски упоришта се одвиваа конфликти. Припадничките и припадниците на курдското Револуционерно патриотско младинско движење (YDG-H) од почетокот на декември во Силопи ископаа ровови на улиците и ставија барикади за заштита од турската полиција, прогласувајќи автономија во градот. Младите активисти, сепак (според некои извештаи), во меѓувреме беа заменети со поискусни борци кои дојдоа од Ирак, особено од планината Кандил каде се наоѓа командата на ПКК. Градските бунтови поттикнаа интервенција на десет илјади турски војници со оклопни возила и хеликоптери. Насекаде беа воспоставени трајни блокади за да се овозможи неконтролирана репресија. „Полициските часови станаа средство за уништување градови“, изјавува Ферат Енчу, претставник на Народната демократска партија (ХДП). Кога ќе заврши една фаза од градските битки и кога борците на ПКК ќе се повлечат, курдските општини повторно се наоѓаат на удар на репресијата на власта. Бројни градоначалници од редовите на ХДП се уапсени, како Емине Есмер во Силопи, обвинети за „поттикнување вооружен бунт против владата“.

Бројни жители од југоистокот на земјата се убедени дека Ердоган е поврзан со ИСИС и дека постои дури и договор со таа организација за да се загушат курдските барања. Бомбашкиот напад од октомври 2015 година, за време на големиот собир на ХДП во Анкара, кој предизвика смрт на 97 лица (сторителите не се идентификувани ниту уапсени), го зголеми тој сомнеж. Истото важи и за прогонот на двајцата новинари од дневниот весник Cumhuriyet, уапсени, а потоа и осудени заради „разоткривање државни тајни“ откако објавија видео кое сугерира дека турските тајни служби им доставувале оружје на сириските исламисти2. Некои сведоштва укажуваат на присутност на странски џихадисти и во борбите во Турција. „Не зборуваа турски, можеби азерски. Имаа долги бради и личеа на борците на Даеш (ИСИС)“, прераскажува Абдулкерим Ф.3, жител на Сур, кој избегал од својата куќа заради борбите, за во неа, кога се вратил по документите, да затекне странци на молитва.

Прикривање на злосторствата

Засега не постојат цврсти докази за присутност на странски џихадисти. Меѓутоа, бројни набљудувачи и дипломати ја критикуваа леснотијата со која регрутите за џихад, како и камионите натоварени со прокриумчарено гориво, ја преминуваат турско-сириската граница. Освен тоа, во операциите во Турција учествуваа специјалните сили на PÖH и JÖH (полиција и жандармерија), за што сведочат расистичките и сексистичките натписи кои ги оставија тие сили на ѕидовите во градовите. Така во Силопи може да се прочита: „Драга наша Турцијо, те чистиме во име на Бог: ние сме PÖH, дојдовме да ве испратиме во пеколот!“ Или, на рушевините во Цизре, повикот за силување на курдските жени: „Наш ред е да ве едуцираме! – PÖH“; „Девојки, ние сме тука, каде сте вие? – JÖH“.

Според информациите кои ги собрале локалните новинари и претставниците на ХДП на местото на настаните, многу е веројатно и JİTEM (разузнавачка и антитерористичка служба на жандармеријата) да е повторно активна, иако се сметаше за згасната. Таа тајна група, организирана во единици составени од жандарми, војници и членови на ултранационалистичката група Сиви волци4, изврши бројни масакри над Курдите во текот на деведесеттите. За нејзиното присуство сведочат натписите на ѕидовите во Сур: „Крвта е мамец за волците, треперете!“

Методите користени против курдските цивили се слични на оние од пред дваесет години, а групите на JİTEM своите активности ги промовираат на социјалните мрежи. Објавуваат фотографии од курдски борци разнесени од гранати или запалени со бензин. Особено се горди со мртвите женски тела.

Турското здружение за човекови права (İHD) засега ги проценува жртвите на 300-400 убиени и 600 000 раселени. Од крајот на јануари Амнести Интернешнел ја обвинува турската влада за загрозување на „животите на речиси 200 000 луѓе“. Оваа организација го смета тоа за облик на „колективно казнување“. Во Сур, стар дел од градот Дијарбакир (Амед), кој се смета за престолнина на турскиот Курдистан, западната половина од населбата е сосема исчистена од жители. Со оглед дека 70 проценти5 од населбата се уништени, пристапот е особено отежнат. Еден ден по нападот во кој животите ги загубија седум полицајци и кратко пред да даде оставка, премиерот Ахмет Давутоглу се упати таму во посета, придружен со импреснивни безбедносни служби. Го пофали планот за обнова на градот кој го најави Ердоган за уништените зони: „Сур ќе го претвориме во ново Толедо!“ извика со аплауз од избраната група присутни. Малку понатаму, младите келнери вчудоневидено стоеја пред телевизискиот екран на еден ресторан. Тоа беше нивниот град, нивниот живот, за кој властите ветуваа дека ќе го срамнат со земја со победоносен извик.

Кога заврши говорот и кога заминаа официјалните лица, жителите на Дијарбакир ѝ се вратија на својата рутина која се состои од контрола на секој агол, ако воопшто можеа да се вратат во своите домови. „Ова стана окупирано подрачје!“ нервозно вели Гафур С. Секое утро ги поминува полициските барикади на влезот во Сур, за да одржи настава во едно од двете училишта кои сè уште не се изгорени. Секој ден строго го проверуваат, го присилуваат да се соблече до половина и секогаш да ги одговара истите прашања на истите полицајци кои веќе го познаваат. Со повеќе од десет години стаж во струката, дури би можел да побара и промена на работното место. Но, тој го одбива тоа: „Нема да ги напуштам овие деца. Сур веќе и онака е најрисомашниот предел од Дијарбакир. Тие деца полагаат исти тестови како и другите ученици во Турција, но на другите не им паѓаат бомби на куќите. Каде е еднаквоста помеѓу Турците на запад и Курдите во образовниот систем? Сите деца можат да станат инженери. Треба само да им се даде можност.“ Професорот С. ѝ припаѓа на генерацијата која доживеала полициско злоставување ако на улица зборувала курдски, или доживеала нивните баби и дедовци да не ги примат во болница зашто не можеле да се изразат на турски. Денес, како и сите жители на турскиот Курдистан, повторно трпи рестрикции на движењето.

Од повторниот почеток на војната, на сите патишта во Бакур (како што турските Курди го именуваа својот регион) се поставени барикади. Поминувањето на патниците зависи од добрата волја на полицајците. Во последните месеци, наместо вообичаените четири часа, треба да се сметаат седум часови возење со автомобил од Дијабракир до Џизре. Од декември 2015 година, полициските часови, кои може да траат неколку недели, стапуваат на сила зависно од нивото на насилството или од расположението на властите. Успеавме да влеземе во Џизре по конфликтите. Таму нè дочека уништен предел, трауматизирано население и голема несигурност. Од четвртта Цуди, која се наоѓа на левиот брег од Тигар, останале само рушевини од згради, сведоци на систематското уништување со тенковски гранати. Уништени се околу осумдесет проценти од станбените површини.

Дури и неколку месеци по подигнувањето на блокадите, не е реткост оние кои ќе дојдат да си ги бараат личните предмети под рушевините од своите куќи да пронајдат остатоци од човечки трупови. Меѓу пријавеното насилство, сторено за време на 79 дневната целосна изолација, „варварските подруми“ оставија најголеми траги во психата на населението. Потврдени се најмалку два случаи. Во двата случаи триесетина лица со денови, а понекогаш и недели, останувале заробени во бомбардираните згради. Турските сили оневозможиле пристап, оставајќи ги ранетите да умираат еден по еден. По завршувањето на „антитерористичките операции“ пронајдени се повеќе изгорени тела, меѓу кои и детски. Блиските на жртвите морале да дадат ДНК примерок за да се идентификуваат телата. Се враќале со пластична ќеса, „пет килограми изгорени коски и месо“, прераскажува 17 годишно момче, избезумено, за својот татко.

Додека влегувавме во подрум во една улица во населбата Бостанци – на 24 март сè уште беше можно да се влезе во населбата – мирисот на смртта го преплавуваше затворениот простор, а воздухот не се дишеше. Трагите на подот исцртуваа облик на распаднати тела. Во пепелта, лежи заборавено нешто што наликува на куп детски коски. Изолацијата која ги погаѓа Курдите во Турција повеќе од осум месеци го достигна врвот во оваа костурница која дури нема ни да стане спомен-место: уништена е по нашата посета. Ако планот за обнова на градот кој го најавија властите почне да се спроведува во април, сите тие подруми, како и останатите траги кои би можеле да докажат дека се направени воени злосторства, ќе бидат отстранети со булдожери и дигалки.

Здружението Рожава Солидарити на волонтерите од целиот турски Курдистан, кое настојува да им пружи помош на жителите на Рожава (сирискиот Курдистан), беше многу активна во Кобане. Овојпат, интервенирајќи во сопствената земја, на 9 март успеа да стигне до Цизре, еден ден по почетокот на блокадата. Нејзин приоритет беше да ја организираат поделбата на храна од напуштеното складиште неколку улици оддалечено од Куди. Го оформиле социјалистичките активисти од западот на Турција, ангажирани против авторитативноста на нивната влада, како и жителите на Курдистан.

Ферид Б., кому половина лице му е разнесено од експлозија на граната, на членовите на здружението им ја раскажа првата „валкана војна“, онаа од деведесеттите. Поминал многу години в затвор заради припадноста кон ПКК. Прочитал десетина историски книги за Француската револуција. „Не знам дали Франција доживеала народна или буржоаска револуција. Но, ние во Курдистан сфативме дека ни треба поинаква револуција! Курдската демократија е феминистичка, еколошка, втемелена на локалната автономија. Заради тоа ги влечат маченичките трупови на нашите жени по улиците, ја уништуваат нашата околина и ги апсат нашите градоначалници.“

Во темнината на полициските часови, оваа нова „валкана војна“ и колективното казнување го оставаат населението избезумено и го продлабочуваат јазот помеѓу Курдистан и остатокот од Турција.

________________________________________________________________

(1) Тој курдски град во Сирија на почетокот од септември 2014 година делумно го зазеде ИСИС, а потоа на почетокот од јануари беше ослободен од страна на курдските сили кои оттогаш напредуваат кон југ.
(2) Главниот уредник, Чан Дундар, е осуден на пет години и десет месеци затвор, а шефот на канцеларијата во Анкара, Ердем Ѓул, на пет години. Беа ослободени по три месеци со одлука на Уставниот суд и на слобода чекаат решение по жалбите.
(3) Некои од лицата што ги сретнавме не сакаа да ги споменуваат нивните презимиња.
(4) Сивите волци се фашистичка вооружена организација тесно поврзана со Партијата на националистичкото движење (МХП). Од доцните шеесетти учествувале во бројни масакри сторени против малцинствата и социјалистичкото движење.
(5) Според податоците од општината Дијарбакир, 1 март 2016.

Извор: http://lemondediplomatique.hr