Што може да направи Италија за да биде поотпорна на земјотреси?

30.08.2016 10:30
Што може да направи Италија за да биде поотпорна на земјотреси?

Отприлика на секои пет години Италија ја погодува земјотрес со човечки жртви. Експертите велат дека можат да се направат многу нешта за да се спречат таквите трагедии, но со висока финансиска и симболичка цена.

Големите потреси се појава која е зачестена во Италија. Во последните 50 години ги имаше девет. Загубени се вкупно 5.000 човечки животи, вклучувајќи ги и оние 250 жртви од последниот земјотрес.

Последната трагедија во планинското подрачје на Средна Италија, каде три населби беа срамнети со земја, повторно ја отвори националната расправа за тоа што може државата да направи за да биде поотпорна на земјотреси. По последниот земјотрес, како главна причина за штетите се истакнуваше несоодветното спроведување на прописите за безбедност во градењето.

„Другите земји на сеизмички активни подрачја одамна спроведуваат опсежни програми за превеција и тоа значително ги намали ризиците“, пишува водечкиот италијански сеизмолог Енцо Боски во Il Messagerо.

Професорот Џанпаоло Росати, прв човек на градежниот факултет на миланскиот универзитет Политекнико, вели дека технички е можно старите згради, па дури и оние средновековните, да се заштитат од потреси, но тоа е многу скапо.

„Старите куќи едноставно треба да се урнат“

„Ја имаме вистинската технологија, имаме знаење, дури имаме и прописи за тоа, но проблем е што зајакнувањето на структурите на старите згради чини речиси исто колку и изградбата на нови. Приватните сопственици главно не можат да си го дозволат тоа“, вели Росати.

Според една статија во La Stampa, трошокот за зајакнување на една стара зграда изнесува околу 300 евра по квадратен метар. Росати вели дека станува збор за реална процена и го споредува тоа со трошокот од 500 евра по квадрат за изградба на нов објект.

Затоа, тој се залага за попрагматичен пристап. „Важно е да се направи разлика помеѓу обична стара зграда или куќа од оние кои навистина имаат историска вредност која треба да им се пренесе на поколенијата. А потоа овие првите едноставно треба да се урнат. Мораме да најдеме храброст за тоа“, вели Росати.

Според пописот на населението од 2011 година, повеќе од една третина од приватните објекти во Аматриче, Акумоли и Арквати дел Тронто, кои се уништени во минатиот земјотрес, биле постари од 100 години.

По разорниот земјотрес во Л’Аквила во 2009 година сите нови градби во Италија мораат да бидат отпорни на земјотреси, а на постоечките мора да им се испита цврстината. Росати вели дека досега се испитани само клучните јавни згради, како болниците и училиштата, и тоа не секаде, што се покажува и од примерот на урнатите болници и училишта во Аматриче.

Треба да се направат уште многу нешта, а гратчето Норчија нуди позитивен пример. Ова гратче, сместено во близина на епицентарот на последниот земјотрес, е квалитетно обновено по земјотресите од 1979 и 1997, па неговите згради го издржаа овој удар и никој не настрада.

Луѓето не знаат како да се однесуваат

Сеизмологот Франческо Брага смета дека зградите треба да се центрифицираат по отпорност на потреси, исто како што сега се центрифицираат според енергетската ефикасност.

Оваа скапа постапка владата може да ја поддржи со даночни олеснувања, сугерира Брага, и додава дека избегнувањето на ова прашање изминативе 50 години ја чинеше Италија помеѓу 100 и 200 милијарди евра потрошени за обнова по земјотресите.

Националното здружение на геолози има сличен предлог и додава дека е потребно да се воведе едукациска програма во училиштата, за луѓето да станат посвесни за ризиците на подрачјата во кои живеат. „Не смееме да заборавиме дека, според некои студии, помеѓу 20 и 50 отсто од смртните случаи во земјотресите се предизвикани затоа што луѓето не знаат како правилно да се однесуваат за време на сеизмичките активности“, вели претседателот на CNG Франческо Педуто.

Џулио Роки, 18-годишник од Аматриче, изјави дека локалните жители не биле свесни дека живеат во ризична област, но властите никогаш не им организирале никаква обука. „За тоа сигурно никогаш не сме разговарале на училиште“, вели тој.

Извори: Reuters, N1Info
Фотографии:
 Филипо Монтефорте