За фудбалот и политиката

30.08.2016 11:51
За фудбалот и политиката

Четврточниот плејоф меч во во Европската лига помеѓу Шкендија и Гент, како што и се очекуваше, се покажа како голем настан кој разни лица различно го доживеаја. Најпрво да почнам со старите вести кои се обновуваат при секој меч кога игра Шкендија: големо полициско засилување, безбројни вооружени возила и специјални единици распространети насекаде околу Скопје, а концентрирани во стадионот кој го носи името за кое нема да расправам во овој текст, а кој оди во прилог на целата таа политика на антиквизација што владата веќе цела декада ја следи и ја негува.

Не беше новост ни начинот на навивање на Балистите кои покрај тоа што се многу посветени и страсни навивачи знаат да извикуваат, помеѓу другото, и политички пароли кои не би се очекувале на некој нормален спортски натпревар, иако треба да се истакне дека во овој специфичен натпревар не се слушна никаков кснофобичен или дискриминаторски израз ниту пак каков било друг говор на омраза. Сепак, разни политички пароли се слушаат често на тие трибини од различни навивачки групи, со различни, до бескрај спротивставени дискурси. Таа е реалноста на навивањето во Македонија.

Од друга страна, имаше и многу новости во врска со овој меч кои се поврзуваат со општествено-политичките процеси во земјава за кои ретко имаме храброст отворено да дискутираме.

Првата новост беше фактот што навивањето на полниот стадиум беше значително шарено. Ќе почнам со родовиот аспект. Во овие балкански земји ретко се гледаат жени и девојки на стадион, но четврточниот меч беше исклучок кој се надевам ќе се повтори и во иднината. Покрај различните сексистички коментари по социјалните мрежи дека жените не се разбираат во спорт и во фудбал, стадионот беше полн со жени кои беа дојдени да го следат мечот. Немаше многу, но сосема доволно за почеток, а очекувам дека состојбата ќе се подобри во иднина. Длабоко сум уверена дека колку повеќе ваквите настани ќе се следат од женскиот пол, толку тие ќе станат поцивилизирани.

Втората новост беше шаренилото во однос на националноста. Ретка глетка беше тоа да се слуша навивање на различен јазик за една екипа во една земја каде што спортските натпревари знаат да бидат места на жестоки судири помеѓу разните националности. На трибината каде што седев јас со моето семејство се слушаше навивање на албански и на македонски, на друга трибина се вееја заеднички албански и македонски знамиња, а на социјалните мрежи беа споделени слики од лидерот на опозицијата, но и од други етнички Македонци кои одлучија јавно да ја покажат нивната поддршка за тетовскиот клуб и нивниот досегашен успех да го гледаат како заеднички. Убавината беше во тоа што сето ова на стадионот се доживуваше како нешто сосема нормално и убаво, како нешто очекувано. Не знам како би изгледала спротивната ситуација, кога со албанско знаме и на албански јазик би се навивало за ФК Вардар на сличен меч на Европската лига, тоа треба допрва да се види, и се надевам дека тоа исто така ќе биде нормално и очекувано во иднина.

Но, наместо ваквиот гест да се толкува како посебно важен и значаен чин на почеток на воспоставување на еден поинаков однос меѓу премногу поделените етникуми во оваа држава, истиот се презентираше како предавство во рамки на национално-шовинистичките кругови и медиуми кои единствено знаат да сеат омраза и нетолеранција, во овие времиња кога тоа е најмалку потребно од сè друго.

Едно треба да биде јасно, а тоа е дека ширењето омраза и нетолеранција не само што не му помага, туку значително му одмага на развојот на демократијата и на нормалното функционирање на една држава. А кога тоа организирано се прави и се шири преку медиуми, тоа веќе претставува голем проблем, па дури и битие на кривичните дела предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа, како и ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем. Друго што треба да биде јасно е дека ширењето на таквата омраза кај младите лица и особено кај децата е сигурна инвестиција во нивна турбулентна иднина (откако излеговме од стадионот и чекавме ред во блокираниот сообраќај во скопските улици, видов неколку случаи на деца кои имаа посебен проблем со шалот или маицата што јас ги имав облечено и не ми беше јасно како е можно на таква возраст, омразата која се рефлектираше во нивните зборови и извикувања да биде веќе толку цврсто воспоставена).

Пред нас стои долг пат на општествено созревање, бидејќи изгледа дека уште сме некаде сосема на почетокот. Созревање во однос на спремност на запознавање на другиот, толку близок а толку далечен комшија со кој живееме во паралелни универзуми кои често немаат никакви допирни точки. Многу често се уверувам дека причината за длабоката несигурност и взаемно неверување што толку често и толку лесно се злоупотребува за политички цели и од политички субјекти кои јавно водат етнички кампањи а зад кулиси сосема други политики во кои парите се многу посилни од нивните демагошки говори, е токму непознавањето на другиот и бескрајните резерви кои ги имаме воспоставено врз основа на низа историски настани и неправедни однесувања во минатото.

Извор: НоваТВ