Покомотен костум за прекршителите во изборната медиумска кампања

01.09.2016 10:54
Покомотен костум за прекршителите во изборната медиумска кампања

„Добро вечер драги гледачи. Како што јавува денес порталот Курир …“ Оваа реченица, изговорена од водителот на вестите што се отвораат пред нас, често е дел од нашето вообичаено телевизиско мени. Телевизијата која е, по своите проценки, најгледана во македонскиот простор, се повикува на ставови на една редакција која за себе вели дека е информативна агенција. Но, таа, покрај читаноста и користењето како честа „патерица“ во многу медиуми во земјава, со скромна продукциска автохтона минутажа, останува енигматична во однос на многу елементи на јавната препознатливост. „Курир“ е најчитан портал според ИРИ, ама доколку некој се жали дека она што таа вечер го гледал на вестите со кои го почнуваме текстот, не одговара на новинарските принципи со кои се отвора прозорецот кон вистината, па дури има и некаква претставка за тоа до надлежно тело, големата телевизиска куќа ќе се повика на споменатиот извор. Таа релација ТВ-станица – портал (односно агенција), која ја даваме за пример, меѓу другото, како да служи и како маркирање за големиот и постар брат од Градскиот стадион, кој може да се повикува на повеќе или помалку анонимен „бунар“ за најагресивните вести кои одат на малиот екран?!

СОРАБОТКА МЕЃУ НЕКАЗНУВАНИОТ И НАЈГЛЕДАНИОТ

Овој пример на соработка меѓу една ТВ-куќа и еден портал е интересен од аспект на скоро поминатата јавна расправа за документот кој се вика Методологија за мониторинг на изборното медиумско претставување.

Имено, претставниците на радиодифузерите со национална концесија го имаат на заб отсуството на порталите во споменатиот акт. Навистина, не сите радиодифузери со иста енергија го правеа тој наводен притисок, а некои дури и видливо си одмолчаа по ова прашање: зошто Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со својата стручна служба вторпат изјавува дека еден законски текст за назор на изборно претставување е неприменлив во случајот на порталите?

Навистина, многу е чудна ситуацијата во која се констатира вторпат, за кусо време, практично за половина година, неприменливоста на одредба на законски текст во еден сегмент. А, тоа е – онаму каде една општествена тенденција јасно ја изразил законодавецот, а таа е дека порталите треба да бидат „во купот“ на набљудуваните од страна на Агенцијата или некој нејзин супститут. Практично, и владејачкото мнозинство во Собранието е ставено во чудна ситуација. Ако треба да се создаде претпоставки за тоа, како што се вели во Агенцијата, тоа мнозинство, значи власта, преку своите органи треба да го стори недвосмислено и, пред сè, конкретно, за да имаме спроведлив закон за медиуми. Кому му е упатена тогаш таа критика? На концесионерите со републичка значка на реверот? Дали и тие критичари, кога веќе доаѓаат од куќи на кои не треба да им е туѓо истражувачкото новинарство, не треба да се обидат да направат анализа со хипотезата – кому навистина му користи чувањето на споменатите портали во добро затворена „тегла“ во шпајзот на анонимноста и на недопирливоста? Кој има интерес или барем – поголем интерес во ова поделено општество по сите шевови за ваков третман на медиумите? Парламентот двапати ги става во ареалот, кој значи дека тие треба да излезат од споменатиот „шпајз“, ама Агенцијата, која хиерархиски тоа не може да го стори, ги враќа назад! Има ли тука вадење од типот – ние ќе усвоиме закон каков што се бара според европските изборни мерила (во принцип последната година има генерално подобрување на овој акт токму според копирањето на францускиот изборен модел), ама вие речете дека е неприменлив и – толку?!

 

НЕКОИ, СЕПАК, СИ ОДМОЛЧЕА

Претставникот на телевизијата која најчесто го почнува дневникот со повикување на извори кај порталите, а од групата концесионери од републички ранг и самата, неофицијално, има гледана веб-страница (!), за волја на вистината, не изусти ниту збор во дебатата. Можеби и затоа што ќебето на одговорноста би било тргнато од алибито кое сега, со порталот во оптек како неказнив, ѝ дава комотност! Најчесто и онака се работи за извори на најскокотливите вести во ТВ-дневниците (!). Но, и згора, таму, во дел од тие телевизии, речиси секој новинар си има свој приватен портал, па сите во редакцијата веројатно се задоволни од тоа двојство. Не навлегувајќи во некакви економски анализи во финансиската конструкција кај порталите од тој тип (во кои малку вложуваш, а сепак добиваш профит), само да констатираме дека ситуацијата на овој план е многу посложена од констатацијата дека тие се силни и комфорни конкуренти на ТВ-продукциите, кои мора пак да вложат големи пари за да преживеат!

Настрана тоа, да земеме дека порталот на чија понуда денеска ќе има најмногу кликови и кој може да биде извор на многу пренесени вести, не може евентуално да падне под санкции, заради изземањето од методологијата, ама затоа некој мала телевизија, која одвај да има 2.000 посети, да речеме тој ден, треба да плати казна ако ѝ се констатира прекршок. Навистина, ова го повредува чувството на правичност. Или – би требало!

Сепак, концентрацијата на расправата за методологијата само од аспект на одново ослободениот „интернетски“ информативен простор служеше како дефокусација од посуштинските проблеми кои искрснуваат со споменатиот акт, кој беше на јавна расправа.

СПОРЕД „КАЛЕНДАРОТ НА МАИТЕ“

Бидејќи, објективно и концесионерите со републичко „педигре“, како и другите „класични“ аудиовизуелни медиуми со оваа методологија добиваат доста мотиви за да ја пофалат. Во глобала, можат повеќе да бидат задоволни отколку ојадени и тоа поприлично. Едниот факт на задоволство е содржан во насока на ширењето (како кога тегнете ластик) на периодот на опсервација од страна на оној кој може да казнува недозволиви прилози. Така, тој орган пред да донесе суд за некаква информација или прилог, место седмичното салдирање на објавеното, овојпат поврзано за изборниот процес, дава веројатно посакувана ваканција на ТВ-продуцентите заради „декадниот систем“ во овој акт. Така, бројот десет, место вообичаениот седум, во методологијата станува доминантна аритметичка вредност. Такви прилики, да појасниме – анализи кои сега, по најново, треба да ги добива ад хок телото за контрола на медиумите во предизборниот процес, ќе ги доставува стручната служба на Агенцијата и ќе ги има десет: стоте дена (1 септември – 11 декември, како можен датум) ќе се делат на десет набљудувани, симетрични периоди. Претходно тој ритам, како што наведовме, беше седмичен, согласно оној кој постои во хронолошките пресметки на кој било план, едноставно во животот и тоа уште од времето кога е измислен календарот, кој и денес го користиме, а потекнува од далечната римска доба. Ад хок телото ќе добива сознанија, кои само од технички аспект не може да ги користи самото „на одложени рати“, а тоа за секој продуцент, кој намислил да прави непропорционални вести, да не речеме пропаганда во корист на една политичка страна на изборите, би умеел да ја исползува. Промената со календарот „на Маите“ го охрабрува таквото потенцијално однесување.

ДЕВЕТ ЖОЛТИ, ЕДЕН ЦРВЕН КАРТОН

Потоа, во Методологијата е вграден системот кој во кафеаните на шега е наречен „по девет жолти картони следува еден црвен, ама прашање е дали ќе го има“, каде одново се соочуваме со декадна квантификација, ситуација која е секако попогодна од аспект на оценуваните редакции! Навистина, со последните измени на Методологијата тие периоди, тие наблудувања само во првите 30 дена од опсервацијата се на десет дена а потоа, во следните 70 дена влегуваат во комбинацијата „пет жолти – еден црвен картон“. За да биде задоволството кај радиодифузерите поголемо, треба да се каже дека и височината на казните е намалена, па, ете, уште една добиена привилегија за нив. Некои можеби би рекле дури и – стимул повеќе за оној кој решил однапред да греши, па при тоа и плаќа по некоја казна од својот веројатно нафатиран џеб!

Зашто изготвувачот на Методологијата очевидно ги испуштил во овој акт дизгините на контролата и НА казнивоста? Особено на она што постоело во претходниот период и кое не дало резултат? Да речеме тоа како кога законодавецот би ги симнал казните за собраќајни прекршоци во период на масовно гинење на патиштата? Би имало ли тоа оправдување? Впрочем, што е тоа што се сменило од периодот кога е донесена претходната Методологија (22 јануари годинава)?

Таа нова перцепција на изготвувачот на Методологија може да биде видливо поврзана само со новиот факт – постоењето на ад хок комисија, официјално Привремено тело, што е единствена промена на амбиентот на контрола за која инаку беше задолжена Агенцијата. Тоа тело би било построго во однос на медиумите, се претпоставува, па сега да им скроиме на прекршителите „покомотен костум“!

 

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Дан Крету

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото