Небитна дискриминација

02.09.2016 02:07
Небитна дискриминација

Ние самите не покренуваме постапка, освен ако е нешто многу битно. Така Александар Даштевски, претседателот на Комисијата за заштита од дискриминација, го објаснил молкот, игнорирањето на случајот со скандалозниот расистички текст на Фејсбук, за кој општинската организација на СДСМ од Виница тврди (приложува фотодоказ) дека ги напишал Димитар Прокопенко, директор на Центарот за социјални работи – Виница.

Така тоа изгледа кога ќе донесете лисица за чувар на кокошарник, волк за заштитник на овците, злосторничко здружение да владее со државата. Кога Даштевски стана претседател, а Тони Науновски член, јасно беше дека граѓаните прво што ќе треба да направат е да бараат некој, некое тело, што било што ќе ги заштити токму од таквата Комисија. Ретки се тие - иако конкуренцијата е жестока - што имаат искажано повеќе навреди и клевети, што имаат пуштено повеќе зла крв против опозиционерите, отколку Даштевски. Со сличен арсенал п(л)ука Науновски кон албанскиот блок. За нив нема ништо побитно од заштитата на Пастирот. Во секоја држава вакви гадости се за осуда, а не за препорака. Освен во таа во која на власт е злосторничко здружение, а за претседател конкурира истакнат активист на ГДОМ.

Извор: Слободен печат