Денис Хопер (1936-2010)

31.05.2010 12:10
Денис Хопер

Големиот американски глумец Денис Хопер утрово почина на 74-годишна возраст. Пред една година му беше дијагностициран рак на простата, а додека се бореше со болеста, поднесе барање за развод од сопругата. Зад себе Хопер остави пет поранешни сопруги, четири деца, две внучиња и бројни култни филмови.

Хопер дебитираше во класиката „Бунтовник без причина“, а беше добар пријател и со Џемс Дин, со кој настапи во филмот „Дива“. Се прослави како автор кога го напиша, режираше и глумеше во култниот филм „Голи во седло“, филм кој ја одбележа тогашната хипи култура и кој во Кан освои Златна палма. За сценариото на овој филм и за споредната улога во филмот „Hoosiers“ доби номинација за Оскар.

За време на полвековната глумечка кариера, Хопер играше во некои од најголемите остварувања, како Rebel Without a Cause (1955), Easy Rider (1969), Apocalypse Now (1979), Blue Velvet (1986)...

„Верувам дека колку што си полуд, толку си подобар уметник“, изјави во едно интервју од 2002 година.

За Хопер во 1970-те и 1980-те пишуваа во трач рубриките, но и оние од црна та хроника, па долго се бореше да ја отстрани од себе етикетата на разгален холивудски зависник.

Списанието Rolling Stone напиша дека цели дваесет години бил „еден од најозлогласените холивудски зависници“, како и дека бил познат по проблематичните односи со жените.

Сепак, засекогаш ќе го паметиме по култниот „Голи во седло“ од 1969, каде, покрај Питер Фонда, ја играше главната улога. За време на својата кариера, освен во глумата, Хопер се испроба и како фотограф, сликар и скулптор, а беше и познат колекционер на современата уметност.

Филмската кариера му стагнираше во 1970-те, а потоа доби споредна улога во „Апокалипса сега“, каде глумеше напушен фоторепортер. 80-те години ги одбележа неговата улога на манијак во „Син сомот“, по што сè почесто добиваше улога на негативци и психопати. Кога и да му затребаше на Холивуд глумец кој треба да одигра нестабилен или корумпиран лик, изборот секогаш паѓаше на Денис Хопер. Како што филмскиот критичар Роџер Еберт го опиша, „Хопер беше најдоверливиот и најморничавиот негативец во филмовите“.

„Не треба да ме викаш на кастинг бидејќи јас сум Френк Бут“, му рекол Хопер на Дејвид Линч во 1986 г. кога режисерот му ја понудил улогата на садист во „Син сомот“, и кој стана еден од најпознатите злосторнички ликови на американската кинематографија. Хопер тоа кратко го објаснил со следниве зборови: „Без никакви проблеми го сфатив Бут бидејќи, во суштина, тој е само средновековен изрод. Јас тогаш исто така бев средновековен изрод.“

Во март годинава тој ја доби и својата ѕвезда на холивудскиот Булевар на ѕвездите.

Вечна му слава.  

Вечна му слава.  

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото