Кој тип си?

05.09.2016 11:58
Кој тип си?

Спаѓаш во меланхолици? Или си сангвиник? Можеш ли навистина врз основа на начинот на кој спиеш или јадеш кекс да дознаеш на која група припаѓаш? Дали всушност воопшто постои некаква класификација на луѓето што е оправдана во современата психологија?

Дека луѓето се разликуваат, не е потребно да се докажува. Дека луѓето се заинтересирани за индивидуални разлики, е исто така очигледно. Ако на интернет пребарувачот го отчукате зборот personality, ќе добиете неколку стотици милиони податоци, од кои најпосетени страници се оние кои се однесуваат на тестирање на личноста. Меѓутоа, на интернет навистина може да се најдат секакви тестови, вклучувајќи ги и оние кои тврдат дека може да ви ја проценат личноста врз основа на речиси што било – од положбата во која спиете до начинот на кој јадете Јафа кекс. Иако забавни, овие тестови најчесто се несигурни.

Меѓутоа, толкавата заинтересираност за разликите помеѓу луѓето започна многу пред интернетот, а всушност, стара е колку и самата цивилизација. Со нив од почетокот го правиме она што го правиме и со сите други информации – ги вбројуваме другите луѓе, па и самите себе, во одредени категории. Се поставува, меѓутоа, прашањето, дали и во колкава мера научниците кои ја проучуваат личноста навистина ги класифицираат луѓето. Или пак користат нешто сосема друго што го нарекуваат димензија, со чија помош ги класифицираат разликите во мислењето, чувствата, мотивацијата и однесувањето што го забележуваат обидувајќи се да откријат што ги генерира тие разлики?

Иако не е сосема јасно кога психологијата поминала од типолошки на таканаречен димензионален пристап на личноста, забрзаниот развој на методата за проценка и обработување на податоците за личноста во првите децении од 20 век веројатно е најзаслужна за напуштање на праксата за поделба на луѓето во категории. Теориските типологии на личноста на значајните фигури на психологијата, Јунг и Фројд, го отстапија местото на емпириската потрага по особините кои стојат во основата на личноста. Во втората половина на 20 век беа собрани многу наоди кои укажуваа на тоа дека разликите меѓу луѓето во поглед на личноста може да се објаснат со ограничен број особини. На одреден начин психолозите продолжија да ги класифицираат информациите за личноста – слично како што некогаш ги делеа луѓето во типови, сега ги распоредуваат специфичните карактеристики на личноста во посеопфатни особини.

Овие особини се она што психолозите го нарекуваат димензии. Тоа укажува на нивната природа – станува збор за континуум на кој лицата се позиционираат според степенот на изразеноста на одредена особина. Современата психологија го напушти гледиштето според кое лицето може да припаѓа на само еден тип, односно не може да манифестира карактеристики на некој друг тип личност; денес се смета дека сите луѓе ги поседуваат сите особини, но во различна мера. Иако типовите на личност и понатаму се спомнуваат во психологијата, тие главно се однесуваат на специфичните конфигурации на особините и служат за дескриптивни цели, како поедноставени генерализации на комплексните наоди за личноста. Кога станува збор за практична примена на знаењата за личноста, димензиите ја добија битката – тие се многу поуспешни од типовите во предвидувањето на реалните исходи, како успехот во работата.

Пет димензии

Структурата на човековата личност ја сочинуваат таканаречените пет големи димензии: невротицизам, екстроверзија , совесност, соработка со други и отвореност за искуства. Овие димензии се релативно независни една од друга и може да објаснат голем број разлики помеѓу луѓето.

Невротицизам обично се одредува како емоционална нестабилност, со тенденција за доживување негативни емоции. Луѓето со изразен невротицизам многу се грижат дури и кога навидум сè е во ред и бурно реагираат на настаните кои повеќето луѓе не би ги вознемириле. Затоа се поподложени на стрес и лесно се лизгаат во анксиозност и депресија.

Екстроверзијата е веројатно најпознатата особина од моделот на „големите пет“. Луѓето кои на прашалниците на личноста имаат високи резултати на димензијата екстроверзија се свртени кон надворешниот свет. Тие уживаат во друштво на другите, расположени се и полни со енергија. Исто така се активни, постојано во потрага по возбуда и подготвени да ризикуваат.

Совесност е осбина најважна за постигнувањата во училиште или на работа, со оглед на тоа дека се однесува на самодисциплината. Совесните луѓе лесно започнуваат различни активности, бидејќи се претприемливи и решителни, а потоа успешно ги довршуваат, бидејќи се темелни, организирани и истрајни.

Особина многу важна за меѓучовечките односи е соработката со други. На луѓето со висок резултат на оваа димензија исклучително им се важни кооперативноста и хармонијата во меѓучовечките односи, и затоа обрнуваат внимание на емоциите и потребите на другите. Луѓето кои сакаат да соработуваат со други се пријателски настроени, подготвени да помогнат и да се сложат на компромис и генерално имаат оптимистичен поглед на човечката природа.

На крајот, отвореноста за искуства го опишува односот на луѓето кон идеите. Луѓето отворени за искуства се помалку конвенционални, интелектуално се љубопитни и заинтересирани се за уметност и новости. Тие уживаат во различностите и цената на убавината.

Повеќето тестови кои денес се користат за проценка на личноста ги мерат токму овие пет димензии, односно даваат информации за изразеноста на секоја од нив. Така, на пример, некој може да биде многу совесен и отворен за соработка со други, просечно отворен за нови искуства, благо екстровертен и нималку невротичен.

Вака одредените особини на личноста се поврзани на бројни начини со различните животни исходи, како што се успех во работата или должина на животот. Исто така, многу психички проблеми – од злоупотребувањето на супстанци преку состојби како што е депресијата или анксиозноста до пореметувања на личноста – може да се предвидат доколку познаваме нечија личност. На пример, пушачите имаат зголемен невротицизам, а намалена совесност; сличен образец, само поекстремен, се среќава и кај злоупотребувањето на кокаин и хероин. Од друга страна, лицата кои конзумираат марихуана имаат повисок резултат во отвореноста за искуства, а пониски резултати во соработката со другите и свесноста.

Гени и пореметување

Голем број истражувања во претходните децении покажаа дека особините на личноста се под значајна генетска контрола – наследноста на „големите пет“ се движи во дијапазон од 40 до 60 проценти. Денес е генерално прифатен ставот дека наследството фаворизира одредени особини, а дека средината го одредува начинот на кој тие ќе се манифестираат.

Особините на личноста се, исто така, релативно стабилни во текот на животот. Порано се верувало дека личноста се формира до триесеттата година и дека промените во особините на личноста се забавуваат со созревањето. Меѓутоа, наодите на најновите истражувања сугерираат дека личноста сепак може да се менува; дури и по триесеттата година. На пример, совесноста најмногу се менува во дваесеттите, соработката со други во триесеттите и продолжува да се развива сè до шеесеттите.

Иако особините на личноста се нешто што не можеме директно да го набљудуваме, веќе за нив заклучуваме најчесто врз основа на исказот на личноста, истражувањата покажуваат дека постои големо сложување помеѓу проценките што лицето само ги соопштува и проценката што за неа ја соопштуваат другите. Исто така, во истражувањата во различните култури се добива иста структура на особините, а сето тоа ни укажува на тоа дека особините на личноста одредени на начин на кој тоа го прави современата психологија навистина претставуваат реални концепти.

Доколку се точни наодите во структурата на личноста до кои доаѓаат психолозите, би требало да е возможно да се идентификуваат биолошките основи на особините на личноста. Со оглед на тоа дека личноста е многу комплексна појава, за да се откријат нејзините биолошки корелати би било потребно да се здружат генетичари, молекуларни биолози и невронаучници. Иако сè уште не се лоцирани конкретните гени кои ги одредуваат различните особини, идентификувани се мозочните системи кои се поврзани со нив. На пример, лицата со изразен невротицизам имаат почувствителни амигдали, структури сместени во лимбичкиот дел на мозокот, задолжени за одговор на заканувачките стимуланси.
И додека димензиите веќе со години се користат за проценка на личноста на лица кои припаѓаат на општата популација, кај дијагностицирањето на психичките пореметувања, како шизофренијата или депресијата, работата е донекаде покомплицирана. До пред неколку години Дијагностичко-статистички прирачник за ментални пореметувања (ДСМ) на Американската психијатриска асоцијација, која е главен водич за поставување психијатриски дијагнози ширум светот, ги наведувал психијатриските пореметувања како дистинктивни категории. Ова се покажало нефлексибилно, бидејќи постојат пациенти кои се на границата – било на нормалноста или на друго пореметување – па, во петтата ревизија на овој прирачник која е објавена во 2013 година, беше усвоен димензионалниот пристап кон одредувањето на пореметувањето; сега е возможно да се манифестира одредено пореметување во помала или поголема мера.

Иако различната изразеност на особините на личноста доведува до различни исходи, ова не е самото по себе добро или лошо. Што ќе биде оптимална изразеност за одредена особина ќе зависи всушност од средината во која лицето се наоѓа. Бидејќи разликите во особините на личноста веројатно се развиле како одговор на променливите услови на живеење, истиот степен на развиеност на одредена особина ќе биде пожелен во една ситуација, односно непожелен во друга. Затоа вистинското значење одредена личност го добива дури во контекстот.


Извор: „Елементи“, списание за промоција на науката
Слики: Лота Ханерц

ОкоБоли главаВицФото