Самоубиството на младиот С. С.

05.09.2016 11:01
Самоубиството на младиот С. С.

Се спуштил до реката, и во шумичката, на тополата, ги оставил сите свои јадови на своите осумнаесет години и празнотијата на вербата во робовската надеж дека поголемиот дел од својот претстоен живот ќе го помине достоинствено. Ова момче кое тукушто ја стекна полнолетноста, немаше сила да му се одмазди на општеството на кое не му е ни најмалку грижа за него. Единственото што можеше да го направи е тоа општество тивко да го задуши во себе, пресудувајќи си сам на себе со јамката околу вратот, ослободувајќи се од самиот себе.

Судејќи според неговото име и според претсмртната постапка на неговиот, повеќе од една деценија покоен татко, С. С. бил крстен во Српската православна црква, чиј храм во тоа бачко село, со унгарско име, е посветен на Свети Сава, и претставува културното наследство во нео-барокен стил, старо двесте години.

Не знам дали свештеникот ќе одржи опело над телесните остатоци во кои некогаш мачно живееше младиот осумнаесетгодишникот кој своето име го добил според името на првиот христијански маченик. Црквениот типик тоа го забранува – опело за оние кои сами си го одзеле животот. Но, денес не е реткост свештениците, соочени со порастот на самоубиства, особено меѓу младите луѓе, да се оглушат на оваа древна забрана.

Во тој случај, можеби и над мртвиот С. С. ќе се слушне пеењето за простување на неговата душа, која е стопати поневина од самата таа молитва за упокојување. За таквата одлука на црковните старешини може да придонесе и претсмртната одлука на таткото на ова момче.

Неговиот татко својот имот и куќата ги подари на Српската православна црква. Српската православна црква, пак, не почека пред да ги присвои овие „добра“, барем додека момчето малку не порасне. Таа делуваше според словото на световниот закон и го зема она што според него ѝ припаѓа, според волјата на еден човек, очигледно „поместен со умот“, кој со својата одлука, сопственото дете го остави без покрив над главата. СПЦ на оваа великодушна донација не одговори дарежливо, да речеме, водејќи сметка за иднината на детето чиј татко ѝ ја подарил куќата и имотот, дарувајќи туѓ дар - одземен од детето.

Затоа, С. С, кој името го добил според првиот христијански маченик, со својата мајка, која се вика онака како што се вика и Исусовата мајка, израснал во запуштената куќа на родителите на мајка си, во која во текот на неговите осумнаесет години немало струја.

Мајката и синот добивале социјална помош од која може да се живее ден-два (па нека бидат и десет!). Откако малку зајакнал, синот почнал да работи како сезонски работник. Но, дури и ако постои потреба за надничар, денес веќе не постои бачки замјоделец кој би можел да го плати.

Минатата година, момчето мораше да ја напушти третата година од угостителското училиште, бидејќи немало со што да ја плаќа месечната автобуска карта - од своето село до Бечеј и назад. Кога мајка му Марија отишла кај градоначалникот да моли за стипендија, за да може нејзиниот син да го продолжи своето школување, молела залудно. Момчето се обеси во неделата, на христијанскиот празник Успение на Пресевета Богородица, а денес е неговиот погреб.

Не знам дали денес над трупот на младиот човек С. С., од устата на свештеникот ќе излезе Псалм 90, „Оној кој живее во помош на Севишниот", и Псалм 118: „Блажени се праведните“, и дали потоа ќе се чуе химната: „Соборот на светите го наоѓа изворот на живот“, навистина музички трогателниот, еолски припев на авторитарниот стих: „Благословен си Господе, научи ме на Твоите заповеди“. Не знам дали црквените старешини на бачкото село ќе ја одобрат таканаречената богослужба, дали, всушност, во форма на позитивен одговор, самоубиството на сосема младиот С. С. ќе се прогласи како извршено во состојба на психичко растројство.

Во секој случај, знам дека тие се оние кои ќе одлучат за ова, па што и да одлучат, тие се соучесници во убиството на осумнаесетгодишниот човек С. С. кој допрва почна да живее. Единствената разлика е во тоа дали ќе бидат присутни на неговиот погреб, или не. Единствената разлика е во начинот на кој ќе го одбележат ова свое крунско соучество: со молк или со пеење.

И знам уште едно нешто, кога следниот јуни ќе ги однесам своите деца на Тиса, да ја набљудуваме додека цути – додека од неа се раѓаат роеви цветови само за да умрат – ќе се сетиме на храброста на еден млад човек кој си пресуди самиот на себе за на сите нас јасно да ни предочи каде им е местото на младоста и невиноста во Србија денес. Местото кое им го наменија нејзините институции со најголем углед: Владата и Црквата.

Момчето, речиси дете, во неделата го искачи на една топола на брегот на Тиса својот уништен, спречен живот, кој веќе не можеше да ја прифати лагата, имитација на животот. Се закачи самиот себе на гранката на тополата, како живо знаме на нашата татковина.

О, Србијо, бледа мајко! / Како извалкана седиш / Меѓу народите! / Меѓу валканите / Паѓаш во очи.
Лесна ти земја Стефане С., млад цвету!

Текстот е објавен на 02.09. 2016 година.

Извор: www.danas.rs

ОкоБоли главаВицФото