Кој е луд?!

05.09.2016 13:03
Кој е луд?!

Повторното навраќање на Амди Бајрам, ќе речете, е губење време со личност со која и природата си поиграла - со неговата „сива маса“, така што ептен му ги помешала ганглиите, а каменчињата не успеала да му ги среди. Да не речеме - жестоко го казнила.

Но, не ќе е баш така, господо. Констатацијата дека е „удрен со мокра чорапа“ и тоа мариовска, не зборува толку за него, колку за нас. Мора ние да сме доживеале некое колективно ментално поместување, па не реагираме кога ординарен панаѓурски џамбас допира врвови на тајкун. Прави свадби во авион - изигрува Гагарин на нашето жабокречно време. И за чудо, тој човечки фелер го доживуваме како Рокфелер. Премиерот без чукање му отвора врата. Со првиот полициски пендрек се два родени брата. Четвртина век во највисокиот законодавен дом изведува кловновски паради, катапултира малоумни тиради и непречено династија од криминали гради. И додека ние во тој расипан човечки материјал гледаме партал-забавувач, провинциски циркуски комедијант, тој спокојно тера еден зад друг пратенички мандат.

Драги мои, тоа човечко деграде, проверено штуро семе, е заштитниот знак на злосторничкото режимско племе. Анализирајќи го поведението на овој апаш и на неговиот ментален блуд, прашувам - кој, всушност, е луд?!

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Свирачиња