1009 hPa
94 %
15 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 06:59
Мајка Тереза со папата Јован Павле Втори, Калкута, 1986.
Се очекува половина милион луѓе да присуствуваат на канонизацијата на Мајка Тереза во Ватикан во недела, на свеченоста која сигурно ќе се пренесува во живо во нејзиниот усвоен роден крај Калкута и ширум светот, за многубројната католичка публика.
Двочасовната миса на Плоштадот Свети Петар, која ќе ја води папата Франциск, речиси 19 години по нејзината смрт, ќе ја трансформира ситната по раст калуѓерка која стана глобална икона поради својата работа со сиромашните, во Света Тереза од Калкута. Но, тоа исто така повторно ќе покрене сериозна критика на редот на Мисионерките на милосрдието, кој таа го основаше, а кој според критичарите, беше насочен кон глорификација на страдањето, наместо на негово олеснување.
Аџиите ќе се поклонат на нејзините мошти и ќе имаат можност да купат примерок од 1,5 милиони пригодни поштенски марки по цена од 0,95 евра, издадени во петок, во слава на нејзината „голема сила, едноставност и вонредна хуманост... и неуморна посветеност“, се наведува во придружната брошура.
Во подготовките за неделната миса, сликите од Мајка Тереза се јавно изложени во Ватикан и околу него. Низата семинари, прослави, музички настани и молитвени собири одржани за аџиите ги нагласија паралелите помеѓу нејзиното животно дело и централната порака на Папата Франциск за социјална правда и понизност. Настапот на британската поп ѕвезда Рита Ора е планиран во Ватикан непосредно пред свеченоста на канонизација.
Во Калкута се планираат тримесечни комеморации, вклучувајќи издавање книги, ликовни изложби, миса на стадионот и откривање на бронзена статуа на калуѓерката во природна големина.
Премиерот на Индија Нарендра Моди ѝ оддаде почест на Мајка Тереза во радио емисија, говорејќи: „таа го посвети целиот свој живот на сиромашните“. „Кога таква личност ќе се прогласи за светица, природно е Индијците да се исполнети со гордост“, додаде тој.
Во писмото до Ватикан, Претседателката на Конгресот, Соња Ганди, рече дека секој Индиец, не само 20-те милиони католици, колку што ги има во земјата, чувствува „огромна гордост и радост“ поради канонизацијата на „жената која била овоплотување на безграничното сочувство, милосрдие и благодарност“.
Меѓутоа, критичарите протестираа против одлуката на премиерот Моди да испрати делегација од стотина членови, на чело со министерот за надворешни работи Сушма Свараџ, на неделната миса. Во онлајн петицијата се вели: „Запрепастувачки е тоа што министерот за надворешни работи на една земја чијшто устав ги поттикнува граѓаните да имаат научен пристап кон нештата, одобрува канонизација базирана на 'чуда'.“
Мајка Тереза зборува со пациент во Калкута, 1979.
Хинду-националистите тврдат дека Мајка Тереза била „собирач на човечки души“, ги преобраќала сиромашните и со своите следбеници тајно ги крстела луѓето пред умирање без нивно знаење.
Аруп Чатерџи е лекар кој пораснал во Калкута, а сега работи во Велика Британија. Тој е еден од најгласните критичари на Мајка Тереза. „Многу арамии станаа католички светци“, вели тој. „Она што ми пречи е дека светот пее и игра во слава на еден таков суеверен, црно-магиски ритуал.“ „Очигледно е дека луѓето се измамени, станува збор за менталитет на стадо. Но, медиумите имаат одговорност да не се впуштаат доброволно во сето тоа“, додава тој. Чатерџи ја опишува Мајка Тереза како „средновековно суштество од темнината“ и „лажен и фантастичен лик“ кој поминал без никакво спротивставување од страна на светските медиуми.
Според наводите од неговата книга од 2003 година, „Мајка Тереза: Конечна пресуда“, врз основа на сведочењето на десетина луѓе кои работеле со Мисионерките на милосрдието, пружената здравствена помош за болните и луѓето на умирање била занемарлива. Иглите се користеле повеќекратно, без стерилизација, работата на олеснување на физичкото страдање била непостоечка или недоволна, а условите нехигиенски. Во меѓувреме, Мајка Тереза го поминувала поголемиот дел од своето време патувајќи по светот со приватен авион и сретнувајќи се со политички лидери.
Слични критики наведува и покојниот писател Кристофер Хиченс во книгата „Мисионерска поза“. Мајка Тереза, пишува тој, „е религиозна фундаменталистка, политичка оперативка, примитивна проповедничка и соучесничка на светските секуларни сили“. Фокусот на дејствувањето на оваа калуѓерка, вели Хиченс, „не е искреното олеснување на страдањето, туку промовирање на култ кој се темели на смртта, страдањето и покорноста“.
Меѓу оние кои Хиченс ги цитира е и Сузан Шилдс, некогаш вработена во „Мисионерките на милосрдието“, која тврдела дека огромни суми пари завршувале на банкарските сметки, но многу малку е потрошено на медицинска експертиза или на тоа животите на болните и луѓето пред умирање да се направат полесни.
Мајка Тереза со Хилари Клинтон, Вашингтон, 1995.
Робин Фокс, уредник на Lancet, во 1994 пишува за несериозниот пристап кон грижата од страна на калуѓерките и волонтерите, како и за недостигот од медицински обучен персонал во домовите на Редот.
Истражувачкиот новинар Донал Мекинтаер поминал една недела на тајна задача работејќи во дом на Мисионерките на милосрдието за деца со посебни потреби во Калкута, во 2005 година. Во статија во Њу Стејтсмен, тој ги опишува сцените на бедата. „Во повеќето случаи, грижата која децата ја добиваа беше недоволна, непрофесионална, и во некои случаи, груба и опасна.“
Пред три години, во студија на научници од Универзитетот во Монтреал, заклучено е дека Ватикан го игнорирал „прилично сомнителниот начин на грижа за болните на Мајка Тереза, нејзините проблематични политички контакти, нејзиното сомнително управување со огромните суми пари кои ги добивала, и нејзините претерано догматски ставови во врска со... абортусот, контрацепцијата и разводот“.
Мајка Тереза е родена како Агнеса Гонџа Бојаџиу во 1910 година во денешна Македонија. Станала калуѓерка на 18 години, а во 1946, како што тоа самата го опишала, „го примила внатрешниот повик“ да работи и живее меѓу сиромашните. Две години подоцна се преселила во Калкута каде го поминала остатокот од својот живот.
Во 1950 година го основала редот Мисионерки на милосрдието со 12 следбенички. Денес редот има 5.600 членови, стотици илјади волонтери, и води сиропиталишта, школи и домови за болни луѓе и луѓе пред умирање, засолништа за бездомници, здравствени установи и нуди други услуги во 139 земји.
Во 1979 година, Мајка Тереза - во тоа време веќе глобално позната фигура - ја добива Нобеловата награда за мир. Изјави дека не ја заслужува наградата, но ја прифати „во име на гладните, голите, бездомниците, осакатените, слепите, инвалидите, и сите оние луѓе кои се чувствуваат непожелни, несакани, занемарени од страна на општеството“.
Мајка Тереза поздравува девојче на улица во Калкута, 1979.
Во својот говор на доделувањето, беше сосредоточена на абортусот, нејзината омилена тема. „Абортусот е закана за мирот. Денес абортусот е најголемо зло и најголем непријател на мирот... ако мајката може да го убие сопственото дете, што ќе нè спречи да се убиваме едни со други? Ништо.“
По неколку години боледување, Мајка Тереза почина на 5 септември 1997 година во 87-та година од животот, а индиската влада ѝ организираше државен погреб. Барањата за нејзина канонизација почнаа речиси веднаш по смртта.
Две години по нејзината смрт, Ватикан го започна процесот на беатификација, првиот чекор да се прогласи за светица. Во 2002 година Ватикан го призна „чудото на оздравување“ на една индиска жена која ѝ се молела на Мајка Тереза да ја излечи од рак, иако според наводите на нејзиниот маж и лекарите, ракот бил третиран со лекови.
Минатата година, Папата Франциск го призна второто чудо припишано на Мајка Тереза, со што е отворен патот за нејзина канонизација.
Пет чекори до светост
Мајка Тереза ќе биде 640-от светец канонизиран од 1963 година, што го одразува големиот пораст на бројот на светци произведени од страна на модерните папи. Во претходните 375 години, канонизирани се само 218 светци.
1. Процесот на станување светец/светица обично не може да започне додека не се навршат пет години од смртта. Историски гледано, светците се канонизирани многу години по нивната смрт. Св. Беде морал да почека 1.164 години - но во последно време процесот е забрзан. Во случајот на Мајка Тереза има отстапување од оваа пракса.
2. Понатаму, доказите и исказите на сведоците за животот и делото на личноста ги собира нивниот бискуп. Ако постојат доволно докази, бискупот потоа бара од Ватиканската конгрегација за иницијација на светци да отвори случај. Кандидатот сега може да се нарекува „слуга Божји“.
3. Ако по преиспитувањето Конгрегацијата го одобри случајот, тој се испраќа до папата кој може да изјави дека кандидатот живеел живот со „херојски доблести“. Кандидатот тогаш може да се нарекува „чесен“.
4. Чудото мора да биде признаено за да се трасира патот кон беатификација. Тоа мора да се случило откако кандидатот умрел, што покажува дека тој е на небото и има моќ за интервенции. Само мачениците - оние кои умираат за својата вера - можат да ја прескокнат оваа фаза. Кандидатот сега станува „Благословен“.
5. За канонизација, мора да се признае и второ чудо. По посебната миса, папата кажува молитва на латински со која личноста се прогласува за светец.
Извор: The Guardian, 02.09.2016.