СК014 ќе биде споменик врз гробот на Македонија!

06.09.2016 10:20
СК014 ќе биде споменик врз гробот на Македонија!

За сите што имаат сомнеж дека Тереза требала да биде прогласена за светица, почекајте да ја видите капата што Грујо ја гради во епицентарот на циркусот Скопје 2014. Зарем не мислите дека е чудо од „мајка“, жената што успевала на глава да носи капа висока околу 40 метри, капа која е поголема и од Ацета сосе Букефал за некои 5 - 6 метри. Ако сè уште меѓу вас има некој „неверен Тома“, истиот нека стави на глава капа од стиропор и лажна бронза со тие димензии на глава и нека фати џенем до Индија.

Чудо!!! Вистинско чудо достојно за кандидатура за светец.

Граѓаните секојдневно се пробиваат низ цел лавиринт од нови градилишта, нови пипци на овој уметнички и културолошки монструм и сè уште не се свесни за последиците, не се свесни дека Скопје 2014 не само што е архитектонски Чернобил, туку ако потрае и остане, тие споменици ќе бидат споменици врз гробот на Македонија и македонштината. Оти овој „проект“ несомнено претставува смислен акт за одродување на овој народ, за промена на генетскиот код, за откорнување на Македонецот од корен, кој очигледно во моментот им успева! „Преродбениците“ очигледно ќе си ја остварат целта - Македонија да стане балван без корен и без гранки, кој ќе лебди меѓу земјата и небото.

Луѓе! Скопје 2014 треба да почне да се урива, да се урива! А не да се гради, да се гради, и сè уште да се гради и безобразно да се крадат наши пари!

648 милиони евра! 648 000 000 евра!!! Толку е досегашниот цех (званично признат од Владата ), цех за стиропор и железо премачкано со бронзена боја за чунци... Ако тие 648 милиони не можете да си ги претставите во пари, тогаш пресметката направете ја во: колку се тоа згради со социјални станови (цела населба), колку е тоа во километри автопат или железнички пруги, колку е тоа во векни леб - колку пати гладта би била заменета со ситост во Македонија која веќе се вбројува меѓу дваесет најсиромашни земји во светот...

Токму затоа, вистински „свет чин“ би бил кога некој од нас, со ланци, би се врежал во споменатите градилишта, со цел да го оневозможи понатамошното градење... таков некој „светец“ , такви „светци“ и „светици“ ѝ требаат на Македонија, за да ѝ дадат надеж на оваа изгладнета, болна и напатена земја...

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото