Југословенската економска теорија (1)

06.09.2016 12:16
Југословенската економска теорија (1)

Југословенскиот социјализам стекна специфични обележја, и тоа не само во практиката, туку и во теоријата. Во практиката тој е единствена комбинација на работничкото самоуправување, опсежната употреба на пазарните механизми и цврстиот политички монопол на Комунистичката партија на Југославија, чии позитивни страни (поголема работничка иницијатива и поголема идеолошка слобода) и негативни страни (зголемена општествена нееднаквост и зголемено отфрлање на централното планирање) можат едноставно да се препознаат. Во теоријата, потешко е да се опфатат тие особености зашто југословенските лидери ги обликуваат своите идеи избрзано и нејасно, што создава одреден идеолошки тренд кој е многу тешко да се постигне (можеби токму тоа е причината заради која се изразуваат на тој начин). Заради тоа, појавата на текстот Towards a Theory of Planned Economy1 на Бранко Хорват на англиски јазик е добредојдена. Тука, најпосле, имаме обид за сеопфатен опис на југословенската економска теорија која, во најмала рака, има полуформален карактер.2

Бранко Хорват ја започнал својата кариера како формален партиски економист во Југославија во текот на педесеттите години од минатиот век. Исто така, тој стекнал звање доктор на науки од областа на економијата на Универзитетот Манчестер, каде бил на постдипломски студии на Институтот за општествени науки во Хаг (Холандија) и ја извршувал должноста претседател на Работната група на Одборот за индустриски развој на Обединетите народи. Не е претерано да се каже дека тој многу повеќе е следбеник на школата по економика на благосостојбата од Кембриџ, отколку марксист. Доказот даден во делото Towards a Theory of Planned Economy едноставно ја потврдува наведената дијагноза.

Традиционалната марксистичка теорија започнува од претпоставката дека изградбата на социјалистичкото општество е идентична со постепеното исчезнување на стоковото производство и пазарните механизми. Навистина, повеќето марксистички теоретичари отсекогаш знаеле дека вештачкото запирање на пазарите веднаш по рушењето на капитализмот е невозможно. Секогаш имале на ум дека некои облици на пазарните механизми ќе го преживеат периодот на транзиција од капитализам во социјализам (или, како што велат некои други, дури и „првиот период на социјализмот“). Тие, исто така, се подготвени да признаат дека тие пазарни механизми за планирање ќе можат да ги направат корисни за да се постигне поголема ефикасност. Но, она што и покрај тоа отсекогаш било основа на нивните мислења е претпоставката дека, историски гледано, постои јасна некомпатибилност помеѓу социјализмот – или, поинаку кажано, бескласното општество со висок степен општествена рамноправност и економска ефикасност – и стоковото производство.

Тоа уверување е втемелено на две фундаментални основи. Стоковото производство неизбежно води кон општествена нееднаквост (Ленин дури отишол чекор подалеку кога во неколку наврати изјавил дека едноставното стоково производство неизбежно ја репродуцира примитивната акумулација на капиталот, односно потенцијалниот капитализам). Исто така, стоковото производство неизбежно губи многу економски ресурси, што не е во склад со целта за зголемување на општественото производство и приходот.

Различните мислења или политичките тенденции во традиционалното социјалистичко движење можат значајно да не се сложуваат кога станува збор за количината на стоковото производство и пазарните механизми кои не можат да се игнорираат во различни степени во текот на периодот на транзиција од капитализам во социјализам. Некому може да изгледа дека е утопија во земјоделството да се воведе централно планирање и општествена сопственост над средствата за производство, додека тоа сè уште генерално се темели на едноставните фарми за стоковно производство. Други, спротивно, можат да го сметаат за утопија постигнувањето централно планирана економија сè додека производството на стоки и приватната сопственост доминираат со селото. Дискусиите водени околу ова прашање се добро познати од историјата на Советската комунистичка партија од средината на дваесеттите и раните триесетти години. Меѓутоа, какви разлики и да произлезат од овие школи на мислења и акции, тие биле поврзани со консензус за социјално непожелниот карактер на пазарната економија – дури и таа да е нужно зло во текот на еден долг период.

Западноевропската социјалдемократија раскина со оваа концепција по Втората светска војна и започна да ја осмислува пазарната економија во основа како правилна и пожелна. Програмата Годесберг на германската социјалдемократија ја изнесе формулата: „Натпреварување колку што е можно повеќе; планирање, само ако е неизбежно.“ Но, од тоа тешко може да се избегне заклучокот дека западноевропската социјалдемократија го ревидираше класичниот социјалистички став за пазарната економија до степенот до кој го отфрли класичниот став и за капитализмот и за социјализмот. Впрочем, социјалдемократијата сега отворено ја признава својата интеграција со буржоаското општество. Нејзиниот идеал денес е непреченото спроведување на капитализмот, прочистен само од своите највпечатливи општествени болести: државата на благосостојбата. Од тоа следува дека класичните антитези помеѓу пазарната економија и бескласното општество се целосно потврдени од страна на социјалдемократската опција во корист на пазарната економија, чија друга страна е отвореното отфрлање на бескласното општество.

Југословенските комунисти први се обидоа да ги обрнат тие антитези. За нив пазарната економија не е нужно зло за време на периодот на транзиција помеѓу капитализмот и социјализмот; и покрај тоа, таа е тука да остане и по завршувањето на изградбата на социјализмот. Некои од нив сè уште сметаат дека стоковото производство најпосле ќе се укине „во комунизмот“. Но, тие, всушност се неконзистентни. Некои поконзистентни теоретичари како Хорват храбро го замислуваат комунистичкото општество со стоковото производство во полн сјај.3

Очигледен е прагматичниот и апологетскиот извор на овие концепции. Она со што југословенските теоретичари се навистина преокупирани е објаснување и оправдување на она што се случува во нивната сопствена земја. Со некои теоретски импликации на „подолги патеки“ поврзани со наведените оправдувања – тие не се запознаени или, погрубо кажано, не им е грижа. Тоа не е единствената заедничка карактеристика на југословенските теоретичари и советските теоретичари од епохата на Сталин.

Не е тешко да се открие потеклото на југословенскиот обид да ја поврзе пазарната економија со социјалистичкиот углед. По Информбировската екскомуникација на Југославија во 1948 година и економската блокада на Сталин на таа земја, југословенските теоретичари, пред сè, биле преокупирани со објаснувањето на тој крајно антисоцијален и непријателски став на владетелите од СССР кон нивната земја. Тоа прашање ги одвело директно кон социјалната критика на Советската држава и економија. Дошле до заклучок дека централизираното административно планирање неизбежно ја засилува бирократијата; дека таа бирократија де факто ужива монопол над вишокот социјални производи и неизбежно мора да доминира во сите сектори на општествениот живот; дека таквиот бирократски монопол на моќта станува сè поголем товар за прогресивната еволуција кон социјалистичкото општество (како и, споредно, пречка за максимизација на економскиот раст).

За да се избегнат ваквите замки, потребно е да се пресече коренот на злото, централизираното планирање со административни средства; она што била и е југословенската расправа. Со намерата да се укине притисокот на бирократијата над социјалистичкото општество, потребно е секаде да се започнат процесите на самоуправувањето на произведувачите и граѓаните. Но, самоуправувањето на економските единици може да биде реално само ако на тие единици им се дозволи најголем можен удел од социјалниот вишок што го произведуваат. Тие можат да го остварат тоа само ако во максимална мера ја избегнат директната административна контрола на планирачките авторитети. Заради тоа, максималната автономија и натпреварувањето меѓу економските единици и максималната употреба на „еластичните“ пазарни механизми од страна на планирачките авторитети станува главна карактеристика на идеалниот „модел“ на социјалистичката економија: „Со намера да го избегнеме злото на бирократијата... иницијативата и одговорностите мораат да бидат преместени надолу и да останат блиску до местата на директната работа. Заради тоа, претпријатието, персонифицирано во работниот колектив, ќе стане основна економска единица (овластена да донесува одлуки) на успешно планираната економија“. (Хорват, стр. 225)

Од социолошка перспектива основната слабост на теоријата на Хорват е комплетен недостаток на каква било дефиниција или прецизен опис на бирократијата. Се чини дека на некои места го усвоил стариот сталинистички тип на размислување кој „бирократијата“ едноставно ја изедначува со „навиките на оние кои се навикнати да водат од канцелариска столица“, што е толку неадекватно што станува комично. Од друга страна, на некои места тој, пак, површно зборува за „интересите на бирократијата како социјална група“ (стр. 86), но тој концепт никогаш не е аргументиран ниту интегриран во генералната анализа на бирократијата.

Ние сметаме дека, од марксистичка гледна точка, бирократијата во општеството кое избива од соборениот капитализам може да биде дефинирана само како збир од привилегирани елементи и слоеви кои не се приватни сопственици на средствата за производство. Кога еднаш ќе ја прифатиме оваа дефиниција, можеме веднаш да ја откриеме фаталната слабост на анализата на Хорват. Она што тој не го докажал и што не можел да го докаже е дека централизираното планирање со административни средства е единствениот и главен пат за јакнење на бирократијата во периодот на транзиција од капитализам во социјализам.

Неговата единствена теза, која е очигледна до точката кога станува тавтологија, е дека централизираното планирање со административни средства е главен извор на централната бирократија. Меѓутоа, од тоа воопшто не следува дека растечката децентрализација и супституцијата на пазарните механизми за планирање можат некако да го спречат растот на бирократските видови и слоеви покрај претставниците на одборите за централно планирање или „индустриските“ министерства.

Всушност, повеќе би требало да го очекуваме спротивното. Зголемената употреба на пазарните механизми мора да води до зголемена нееднаквост – нееднаквост помеѓу погоните на исти индустрии; помеѓу различните индустриски гранки, помеѓу работниците од различни религии, помеѓу работниците и управувачкиот персонал општо. Тие претпоставки на социоекономската теорија се целосно потврдени од актуелната еволуција во југословенското општество во текот на последните десетина години, која ја покажа растечката нееднаквост во приходите во републиките, нееднаквост кај заработката на работниците и управителите и нееднаквоста во рамки на работничката класа. Заради тоа доаѓаме до заклучокот, кој е поткрепен и со факти, дека растечката употреба на пазарните механизми ја јакне бирократијата на ниво на погоните и локалните заедници, токму како што и премногу централизираното планирање со административни средства ја јакне на национално ниво.

Од економски аспект, аргументот на Хорват не е поточен од оној на социолошкиот аспект. Тој е за „целосно одредување на цените“ како спротивност на „граничното одредување на цените“. Тој го поставува вообичаеното „водечко начело“ – „цената треба да биде поставена така што ќе ја изедначува побарувачката со понудата“ – (стр. 30) и тогаш доаѓа до мошне далечниот заклучок: „Ако институциската програма го осигурува идентитетот на интересите на фирмата и заедницата, профитот станува уред за континуирано корегирање на производствените избори со цел постигнување максимална економска продуктивност“. (стр. 30) Потрошувачите „ја искористуваат својата слобода на избор во рамки на ограничувањето на својот приход и својата скала на привилегии. Тоа е доволно за одредување на системот на цените... Следејќи го правилото за максимизација на профитот, индустриите за потрошувачка стока го комбинираат својот влог на најекономичен начин и така ги пренесуваат потрошувачките избори на индустријата за производствени стоки; последниве тоа понатаму си го пренесуваат меѓу себе и назад до индустријата за потрошувачка стока. На тој начин континуирано е одредена комплетната структура на излезните цени во економијата.“ (стр. 31)

(продолжува)

__________________________________________________

[1] Бранко Хорват, Економската теорија и планските стопанства. Југословенски институт за економски истражувања: Белград, 1964.

[2] Бранко Хорват е извршен директор на Југословенскиот институт за економски истражувања, член е на Економскиот совет на југословенската федерална влада и Колегиумот на Југословенското федерално биро за планска економија.

[3] Со цел да се зачува таквата концепција, Хорват треба целосно да ја измени теоријата на Маркс за дистрибуцијата во комунизмот, доследно бранета од Германската идеологија до Критиката на Готската програма. Тој сега го прифаќа класичниот буржоаски критицизам на марксистичките норми, тврдејќи дека „потребите или желбите на човечките битија се неограничени и заради тоа комунизмот на Маркс се чини како очигледна невозможност.“ (стр. 132) Според сфаќањето на Хорват за комунистичкото општество во кое „еднаквоста“ би постоела заедно со генерализираната парична економија и стоковото производство, а тоа не е ништо друго туку моменталното југословенско општество, но со малку повисоко ниво на економски развој! Лесно е да се воочи дека недостатокот на општествена имагинација на авторот или неговата неможност за поимање на поинакво општество од она во кое и самиот живее, се типичен облик на идеолошка инхибиција или отуѓеност, чиј пак корен има апологетски карактер.

 

Извор: www.radnickaborba.org

ОкоБоли главаВицФото