1023 hPa
52 %

18 °C
Скопје - Нед, 22.06.2025 06:59
Дозволи ми да ти се обратам директно, во одговор на една порака што ми ја испрати преку Фејсбук со линк до статија во која што ја напаѓаш работата на Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД), непрофитна и невладина организација со седиште во Вашингтон, САД.
Најпрво да појаснам неколку работи. Ти и јас не сме „пријатели“ на Фејсбук, ниту пак се познаваме „во живо“. Ти ми ја испрати својата статија против ОМД без какво било барање од моја страна. Истовремено, ова писмо не го пишувам во одбрана на ОМД, ниту кои било поединци и групи од дијаспората. Пишувам затоа што и по неколку препрочитувања на преписката на Фејсбук меѓу тебе и неколку иселеници, не ми се верува дека како официјален претставник на Република Македонија, си си дозволил да користиш толку погрден јазик во изразување на своите ставови.
(За оние кои што не се запознаени, се работи за преписка на една Фејсбук група на македонски граѓани во Вашингтон во втората половина на август, во која што Оливер Ристиќ користи зборови за членови на дијаспората од типот на „телетабиси“, „цигани“, „банда“, „клошари живи“, „џаболебари“, „неписмена“, „гниди“, „суштество“, „измеќари“, „двоцевки“, итн. https://www.facebook.com/groups/249639008451676/)
За многу нешта што ги кажуваш околу активноста и неактивноста на дијаспората се сложувам со тебе. Македонската дијаспора е сè побројна во светов, но се подалеку од нешто што може да се квалификува како обединета заедница – поради бројни историски, политички, социјални и културолошки фактори за кои што треба отворено да се разговара и пишува.
Кога македонската дијаспора би функционирала како заедница, нејзините членови би учествувале многу поактивно во економскиот и политичкиот живот на земјата од која што потекнуваат. Пред сè, би ги остварувале своите права гарантирани со закон, како преку гласање на изборите, така и преку избор на соодветни претставници во македонскиот парламент.
Уште поважно, кога македонската дијаспора би функционирала како заедница, би можела посериозно да им помогне на сите субјекти и организации во Република Македонија кои што се борат за владеење на правото и разобличување на криминалите на одредени елити што ја доведоа земјата до сегашната политичка и економска криза.
Оваа криза не ја споменувам како оправдување за нашата неактивност. Напротив, таа треба да служи како поттик за ангажман затоа што нејзиното надминување е предуслов за секоја понатамошна промена во позитивна насока. Во една политички здрава Македонија, уделот на дијаспората во вкупниот износ на БДП не само што би се зголемил, туку би станал и поконструктивен – со повеќе директни инвестиции наместо доминантната досегашна пракса на неформална помош кон најблиските, која што (за жал) индиректно им помага на криминалните елити во нивното самоодржување.
Оливер, се сложувам, дијаспората мора да биде поприсутна со дела наместо зборови – но тоа не го менува мојот став околу „приватната“ преписка на Фејсбук меѓу тебе и неколку нејзини членови.
Колку и да е оваа преписка неофицијална, твојот погрден јазик не може да се оправда, како што не би можело да се оправда недолично однесување на дипломатски претставник во „приватен“ контекст.
Од друга страна, можеби звучи парадоксално, но на извесен начин сум ти благодарна. Прво, отворено ни стави до знаење како гледаш на македонската дијаспора. Второ, со одбраната на погрдниот јазик што го употреби, ти и твоите работодавци ни кажувате уште појасно колку е паднато нивото на политичкиот и социјалниот дискурс во Република Македонија и зошто секој од нас во дијаспората – обединета или разединета – мора да биде многу поактивен отколку досега. Од лошо секогаш може да биде и полошо.
Поздрав,
Анета Георгиевска-Шајн