Ќе победи организираното разноумие

07.09.2016 10:07
Ќе победи организираното разноумие

Драги пријатели, познаници и граѓани на Македонија,

Нашата иднина, личната и општествената, вреди многу повеќе од шпекулативните приказни кои се појавуваат од заматени и курирски извори. Затоа, апелирам на одговорност, прецизност, темелност и посветност во оваа наша заедничка акција за подобар живот и за подобра Македонија. Ова е време кога секој/а од нас треба да го даде најдоброто за ова општество. Секој во својата област, онаму каде најмногу се пронаоѓа и онаму каде цени дека најмногу може да придонесе. Сите ние кои ја избравме демократската страна од политичкиот спектар веќе сме дел од една широка акција на различностите – времето за масовно организирано разноумие веќе тече во наша корист. За да ја зајакнеме оваа акција мораме да прашуваме, да зборуваме и да слушаме, да се информираме, да потврдуваме и да аргументираме – не да шпекулираме.

Иако шпекулациите кои извираат од матно не заслужуваат коментар, во интерес на потребата час поскоро да се фокусираме кон акцијата, ве информирам дека не планирам да се натпреварувам како кандидат на овие избори. Но, и тоа како планирам да дејствувам, индивидуално, здружено, професионално и посветено со сите мои капацитети за да на крајот на овој општествен циклус победи демократската опција за Македонија. Тоа го правам подолго време и силно верувам дека е најисправно за нас и за државата.

Затоа, ќе ги поддржам сите граѓани кои ќе се појават на листата на кандидати за пратеници на демократската страна на избирачкото ливче. Ќе ги поддржам на денот на избори, но и пред тоа, за време на кампањата и пред кампањата. Ве повикувам и вие да го сторите истото, да го извлечете максимумот од себе, да се ставите на располагање на демократската акција која е веќе во тек. Ве повикувам да ја решиме оваа криза заедно по пат на организирано разноумие кое е посилно од која било партијa.

Во декември ќе победи разноумието и со тоа ќе се оневозможи да ни се повтори она што нè снајде изминативе 10 години или (ако тоа нешто менува) изминативе 25 години. Ќе победиме и нема да дозволиме да ни се повтори режим. Напред граѓани, напред Македонија!

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Небојша Гелевски