Против милосрдието

07.09.2016 10:35
Против милосрдието

Замислете дека сте сретнале мало дете кое се дави во бара, и сте единствениот кој може да му помогне. Би можеле лесно да сконете и да го спасите, иако тоа ќе ви ги уништи облеката и чевлите. Но, ако не го направите тоа, детето ќе умре.

Не треба да се мислите – треба да го спасите детето. Дали одговорот би бил поразличен доколку наоколу имало други кои би можеле да помогнат? Не. Треба ли да направи разлика доколку очајното дете не било директно пред вас? Не.

Прашањето, тогаш, е дали сте помалку обврзани да интервенирате, доколку детето не се дави, туку е во смртна опасност поради недостаток на храна, вода и медицинска помош, и единствените начини на кои можете да помогнете е да донирате пари во добротворни цели?

Питер Сингер не мисли така.

Во „Глад, богатство и морал“ и неговата книга од 2009 година, „Животот кој можеш да го спасиш“, познатиот филозоф вели дека си подеднакво обврзан да им помогнеш на оние кои живеат во екстремна сиромаштија преку филантропија, колку што си обврзан да му помогнеш на детето кое се дави.

Моралниот принцип во обата случаи е истиот: треба да го намалиме страдањето на другите, сè додека тоа не бара од нас „жртвување на нешто што е приближно вредно“. Во случајот со детето кое се дави, облеката и обувките не се ни приближно важни колку животот на едно дете. А, во случајот со филантропијата, монетарниот еквивалент на таа облека и обувки не се ни приближно значајни колку спасувањето на животот на тоа дете, доколку ги имате финансиските средства.

Овој основен аргумент инспирираше растечко социјално движење, именувано „ефективен алтруизам“. Ефективните алтруисти пресметуваат како најдобро да се потроши приходот, и ги предизвикуваат „релативно богатите“ да го насочат својот капитал соодветно. Меѓу најпознатите вакви каузи се Фондацијата против маларија (која дистрибуира мрежи за спиење премачкани со инсектицид), Иницијативата за контрола на скистомијаза и „Give Directly“ (која донира пари во готово на луѓе кои живеат во есктремна сиромаштија).

Повеќе од 17.000 луѓе се обврзале дека ќе дадат барем еден процент од нивниот годишен приход на ваквите каузи, а повеќе од 1000 се заколнале дека ќе донираат најмалку 10 проценти. Особено е популарно меѓу милениумците, поради што некои го нарекуваат „социјалното движење на нашата генерација“.

Иако тезата е стара околу 40 години, поголемиот дел од развојот на движењето се случуваше во изминатата половина деценија, а оваа година беа објавени голем број книги на оваа тема – „Како да се биде одличен во правењето добро“, „Прави го доброто подобро“, „Туѓинци кои се дават“ и последната книга на Сингер, „Најдоброто што можеш да го направиш“. Освен тоа има и огромна медиумска покриеност на темата во најпопуларните медиуми.

Не се сите убедени. Критичарите на движењето вообичаено ја истакнуваат недемократската природа на филантропијата, опасноста на поткопувањето на важните услуги на јавниот сектор и долгорочната потреба од економски развој по берењето на плодовите на филантропијата.

Левичарските критичари на движењето одат подалеку. Пол Гомберг, на пример, вели дека аналитичката рамка промовирана од аргументот на Сингер „промовира политички молк“ преку преместување на нашиот фокус од политички, социјални и економски проблеми, на апстрактни филозофски аргументи“.

Понатаму, Гомберг тврди дека ресурсите кои се потребни за успешно да се намали сиромаштијата преку филантропија, или да се постигне радикална системска промена се толку огромни што „преку правење на едното, го поништуваме другото“. Така што, мора да се постават како „компетитивни начини на користење на нашето време, енергија и други ресурси“.

Сингер и ефективните алтруисти тврдат дека „ја сакаат систематската промена“ потенцирајќи ја нивната поддршка за истражувањето и заземањето за (скромната) политичка реформа во однос на нештата како криминална правда, имиграција и интернационална трговија.

Забелешката на Сингер е следнава: „Ако има мала шанса за постигнување на револуцијата која ја барате, тогаш треба да погледнете наоколу за да најдете стратегија со подобри изгледи, која всушност ќе им помогне на некои од сиромашните луѓе“.

Но, додека ние шпекулираме за можностите за социјалистичка револуција, проблемот со ефективниот алтруизам оди многу подлабоко од несогласувањето за тоа кој е најдобриот начин да се подобрат животите на сиромашните глобално.

Проблемот во јадрото е буржоаската морална филозофија на која почива движењето. Ефективниот алтруизам потекнува од социјалната динамика која ја создава капитализмот. Резултатот е симултан лош морал и структурна анализа која сака да ги поправи најитните проблеми на светот, на капитално ниво.

Ефективниот алтруизам ги третира добротворните цели како црни кутии – влегуваат пари, излегуваат добри последици. Желбата да се постигне резултат за кој ќе се слави и честита станува императив пред давањето пари на хуманитарни организации.

Единствениот аспект на добротворните цели вреден за анализа е колку донаторите очекуваат да добијат за она што го вложиле – цената за спасен живот или години од животот со подобар квалитет на живеење. Во процесот, ефективните алтруисти се фалат преку значајни социјални врски, омаловажувајќи го моралот (и ефикасноста) на донирањето, или наредувајќи им на другите да го прават тоа.

Претставувањето на добротворните цели како „црна кутија“ ја прикажува единствената врска меѓу потенцијалниот филантроп и потенцијалната жртва на злото кое може да се спречи. Дури и овој дел од аналогијата мами, прикажувајќи ја размената како една личност да го има капацитетот да спаси, а само една личност има потреба да биде спасена.

Реалноста е дека потенцијалниот филантроп може да им плати на другите да ја спасат потенцијалната жртва. Донирањето пари станува основен начин преку кој филантропот може да спаси човек во опасност – без монетарниот трансфер, никој не е спасен.

Иронијата на ефективниот алтруизам е што ги поттикнува индивидуите да ги користат своите пари да набават потребни работи за оние на кои им се очајно потребни, но не вели ништо за системот кој одредува како тие потребни продукти се произведуваат и дистрибуираат.

Ако ги погледнеме институциите кои ги прават и алоцираат ресурсите кои на другите им се толку потребни, мора да се запрашаме дали е погрешно што ги држат тие ресурси од другите само заради профит. Тоа не само што се чини морално неодговорно, туку е и за морална осуда од токму истата причина поради која ефективните алтруисти сметаат дека е погрешно да не се донираат пари во добротворни цели: не е морално да се вреднува мала сума пари (или тоа што може да се купи со неа) повеќе од човечкиот живот или минималниот стандард на живеење.

Тоа е основната дисаналогија меѓу спасувањето на Сингеровиот хипотетички туѓунец кој се дави и донирањето во добротворни цели. Во првиот случај, цената е личната сопственост, а во втората цената е тоа што капиталистичките институции го бараат од нас како услов за да ни го дадат она што е потребно за спас.

Аналогијата на странецот кој се дави има многу поразлична конотација: на очајното дете му требаат средства за преживување (храна, чиста вода, лекарска нега итн.), кои капиталот недемократски ги произведува или поседува, и ги диктира условите во кои се дистрибуираат. Преку оние кои го олицетворуваат, капиталот потфрла да го спаси кој било туѓинец кој се дави на најмалку три начини.

Прво, капиталот всушност го има тоа што на туѓинецот во опасност му е потребно. Додека повеќето индивидуи генерално поседуваат само потребни производи за себеси и нивните семејства, институциите врзани од логиката за капитална акумулација колективно поседуваат речиси сè што им треба на луѓето да преживеат.

Второ, капиталот создава повеќе „туѓинци кои се дават“. Неможноста на компаниите да профитираат од оние кои немаат или имаат премала потрошувачка моќ е причината зошто толку многу луѓе имаат потреба алтруистите да ги спасуваат.

За крај, сè што е спомнато претходно ја ограничува можноста на загрижениот некапиталист да интервенира. Освен што го предизвикува законот на капиталот, неговата единствена опција е да донира на хуманитарните организации, или сосема да ги игнорира оние кои се во опасност.

Ефективните алтруисти како Сингер ја почнуваат и завршуваат својата анализа со тоа како да се справуваме со моралните дилеми кои потекнуваат од оваа динамика. Тоа го прави ефективниот алтруизам особено штетен.

Проблемот, очигледно, не е што капиталистичката институционализација на неморалните максими остава милијарди во сиромаштија и стотици милиони во егзистенцијална потреба од храна, вода, засолниште и основна медицинска нега.

Наместо тоа, проблемот е што релативно богатите не ги купиле овие продукти од капиталистичката класа за стотиците милиони на кои им требаат. Богатите „живеат на висока нога и оставаат другите да умрат“ или од незнаење за тоа што можат да купат со своите пари, или поради слабата волја во ова конзумеристичко општество.

Тогаш, решението е да се подигне свеста за тоа што можат парите да купат и да се создаде „култура на давање“.

Последната книга на Сингер ги охрабрува добронамерните, паметни младинци да изберат кариера во која ќе напредуваат преку филантропија и лобирање.

Нивните избори се: „а) Да се приклучат на Волстрит и да го спасат светот, б)да создадат или работат за филантропски организации или в) да работат во тесен избор професии во истражување, политика или заземање за тема поврзана со капиталот“.

Во меѓувреме, капиталистичката класа е трансформирана во најпотентниот можен спасител, а моралните филозофи зад него се претвораат во сметководители и рекламни агенции за добротворни цели, учејќи нè „што да правиме за да ѝ ставиме крај на сиромаштијата“ и „да дознаеме што е најдоброто што можеме да го направиме“.

Подмолната состојба на работите може да се избегне ако го применуваме моралниот принцип на ефективниот алтруизам: треба да им помогнеме на другите, сè додека тоа не значи дека ќе жртвуваме нешто за нас подеднакво важно.

За да се одбранат, ефективните алтруисти често цитираат влијателни филозофи и религиозни фигури. Еден од нив е Менциј, најпознатиот конфучијанист по самиот Конфучиј, кој рекол дека „има луѓе кои умираат од глад на патиштата, а кралот Хуи од Лианг не ги полни полиците за нив. Кога луѓето умираат, вели „Не е заради мене, заради годината е“. Како тоа се разликува од бодење на човек со нож и негово убивање, за потоа да кажеш : „Не е до мене, до оружјето е?“.

Принципот на кој се имплицира овде не важи само за тие со голема плата, важи за сите. Повеќе се однесува на членовите на капиталистичката класа кои, како и кралот, контролираат што на другите им треба за да преживеат и минимален стандард на живеење. Кога луѓето умираат од недостаток на храна, чиста вода и лекарска нега, припадниците на капиталистичката класа велат „не е до мене, до пазарот е“.

Наместо да прашуваме како индивидуалните потрошувачи можат да обезбедат основна живејачка за милиони луѓе, треба да прашуваме како да создадеме економски систем кој ќе ја спречи мизеријата и гладот ако е тоа профитабилно. Наместо едноставно да создаваме индивидуализирана „култура на давање“, треба да го предизвикаме институционализираното земање на капитализмот.

Не треба да ги прифатиме условите на капиталот и да не зборуваме за неговите проблеми и морални императиви. Можеме сосема да ги промениме тие услови.

Извор: www.jacobinmag.com / Радио МОФ

Слики: Џо Веб

Слични содржини

Општество / Активизам / Јавни простори
Општество / Активизам / Свет / Психологија
Општество / Активизам / Теорија
Општество / Активизам / Европа / Свет
Општество / Активизам

ОкоБоли главаВицФото