Филмови кои ги рушеле табуата

07.09.2016 13:01
Филмови кои ги рушеле табуата

Inspiration, 1915

Од првата псовка, до првата смрт прикажани на филмското платно, Би-Би-Си претставува десет филмови кои ги срушиле табуата.

Првата псовка

Врежано е мислењето дека последната реченица од филмот „Одвеано со виорот“ (Gone with the Wind), „Frankly, my dear, I don't give a damn“, е првата реченица во филмската историја во која е изречена вулгарност. Меѓутоа, треба да се вратиме назад во минатото и тоа во 1925 година, кога во немиот филм „Големата парада“ (The Big Parade), еден од ликовите својот гнев кон војската на непријателот го искажува со зборовите: „Goddamn their souls“. Во адаптацијата на „Улис“ на Џојс од 1967 година, првпат е изговорен зборот f *ck, а со шепот е изречен и во филмот Sink the Bismarck! од 1960 година.

Првата секс сцена

Хеди Ламар во филмот Ecstasy од 1933 година, предизвика сензација кога во една сцена пливаше гола во езеро, а во друга сцена водеше љубов со маж, што воедно беше првата таква сцена во филмската индустрија, а да не станува збор за порнографски филм .

Првиот експлицитно хомосексуален лик

Иако присутна во филмовите уште од самиот зачеток, хомосексуалноста се прикажувала во завиена форма, меѓутоа, филмовите кои не биле наменети за масовни прикажувања имале поголема слобода. Сепак, откако во 1947 година го сними Fireworks во кој прикажува еден млад хомосексуалец, Кенет Енгер заврши пред калифорнискиот Врховен суд кој пресуди во негова корист утврдувајќи дека не се работи за порнографија, туку за уметност.

Првиот меѓурасен бакнеж

Холивуд имаше правило за меѓурасните бакнежи, и тоа уште од 1934 година, но веќе во 1950 година, работите почнуваат да се менуваат. Стенли Кјубрик и неговиот Killer's Kiss од 1955 година прикажува бакнеж меѓу бела жена и афро-американец. Филмот Island in the Sun од 1957 година прикажува како со образи се допираат девојка од Карибите и британски офицер, а The Crimson Kimono од 1959 година прикажува бакнеж меѓу Јапонец и бела жена.

Првото пуштање вода во тоалет

Познат во целиот свет по сцената под тушот, филмот на Хичкок Psiho е интересен и поради тоа што во него за прв пат било видено пуштање вода во тоалет. Иако тоалетот и претходно се прикажувал во филмови како што е The Crowd од 1928 година, водата никогаш не била пуштена, а во Catch-22 на Мајк Николс од 1970 година, публиката првпат видела маж како седи на тоалетна школка.

Првото прикажано женско тело

Иако е изгубен, Inspiration од 1915 година, за уметникот кој е во потрага по совршениот женски модел кој би бил негова муза, ја држи титулата на првиот филм на кој било прикажано голо женско тело, а тоа да не биде за порнографски цели. Во подоцнежните години само во документарците можело да се прикаже голото тело на припадниците на различни племиња, инаку би биле цензурирани. Мајкл Пауел и неговиот Peeping Tom (1960) ги прикажа градите на Памела Грин, а Ингмар Бергман вметна кадар со жени со разголени гради во својот филм „Лето со Моника“ (Sommaren med Monika) од 1953 година.

Првата сцена со убивање во еден кадар

Холивуд во своите прописи од 1934 година утврди дека убивањето мора да биде прикажано во две сцени. Првата прикажува како напаѓачот испукува куршум, а втората прикажува како жртвата паѓа. Нештата се менуваат со филмот For a Fistful of Dollars на Серџо Леоне кога за прв пат се користи ефектот на „пукачот во прво лице“ затоа што камерата е поставена зад Клинт Иствуд во моментот во кој тој пука во своите непријатели.

Првото пукање натопено со крв

За да го зајакне впечатокот на убиството, Алфред Хичкок често употребувал облека извалкана со крв во своите црно-бели филмови, а особено во Foreign Correspondent од 1940 година. Таквите сцени биле ретки во филмовите во боја. Првиот филм кој го промени тоа беше Bonnie and Clyde (1967), во кој се очигледно видливи последиците од повредата.

Првото прикажано голо машко тело

Машката голотија е помалку прикажувана, а раните обиди, како оној на Линдзи Андерсон во филмот This Sporting Life и Џон Франкенхајмер во Seconds, биле цензурирани пред да бидат пуштени во јавноста. Поради тоа, се смета дека Women in Love на Кен Расел од 1969 година е првиот филм кој прикажува машка голотија и тоа во сцена на борење меѓу Оливер Рид и Алан Бејтс.

Првата смрт

Меѓу првите документарни филмови кои прикажувале вистинска смрт е Gimme Shelter (1970), кој ги следи Ролинг Стоунси и нивниот концерт во калифорнискиот Altamont Speedway во 1969 година. Прикажано е како Мередит Хантер се обидува да се качи на сцената со пиштол во раката, меѓутоа Алан Пасаро, член на Hells Angels кои го обезбедувале настанот, избодел девојка со нож неколкупати, а од судот беше ослободен бидејќи се сметало дека станува збор за самоодбрана. Филмот The Passenger од 1975, на Микеланџело Антониони, е првиот филм во кој е прикажана вистинска смрт на осуденик кој е застрелан.

Извор: www.bbc.com

ОкоБоли главаВицФото