Југословенската економска теорија (2)

07.09.2016 13:19
Југословенската економска теорија (2)

Хорват – пред сè југословенски комунист! – прифаќа само едно ограничување на оваа неверојатна имитација на илузорно „совршениот“ пазар на буржоаските либерали – а, тоа е улогата на одборот за централно планирање како периодичен регулатор на цените (да спречи експлозија на цените, ако се следи регулацијата на слободниот пазар) и како коректор на потрошувачката „ирационалност“ (забрана за дрога и алкохол; поддршка на издаваштвото; задолжително школство и бесплатно здравство). Она што произлегува наликува на буржоаската држава на благосостојбата, а не на социјалистичка економија.

Хорват претпоставува дека профитот од самоуправните автономни производствени единици може да стане апарат за континуирано корегирање на производствените избори во насока на постигнување максимална економска ефикасност. Но, таа основна претпоставка е нереална и неизводлива.

Од моментот кога приходот на фирмата (и нејзините работници) во голем дел ќе зависи од профитот на фирмата реализиран преку натпревар, невозможно е да се обезбеди „идентитетот на интересот на фирмата и заедницата“. Тогаш очигледен интерес на фирмата е максимизацијата на сопствениот профит, а тоа никако не е исто со максимизацијата на националниот приход или социјалната благосостојба.

Во случаите во кои фирмата ужива монополистичка или квазимонополистичка положба, ќе настојуваат да ги зголемат своите продажни цени, овозможувајќи на тој начин „изедначување на побарувачката и понудата“ на трошок на потрошувачкото задоволство на стотици милиони граѓани. Во случаите во кои постои една или неколку големи единици и неколку помали во иста индустриска гранка, натпреварот и соработката (ценовното водство!) набрзо ќе одведат во ситуација слична на монополизираната индустрија. Во случаите во кои постојат многу производствени единици и во кои тие се само со средна големина, дивиот натпревар ќе ги намали цените до точката каде многу единици ќе бидат принудени да се повлечат од пазарот кој тогаш ќе претрпи многу загуби во скапите погони и голема невработеност. Во случаите во кои максимизацијата на сопствениот профит ја доведува фирмата до извоз на сите или главниот дел од нејзините производи, резултатот многу малку може да биде недостаток од суровини или опрема за останатите фирми, што последниве ги принудува да дејствуваат на ниски нивоа и да поднесуваат огромни загуби во општествениот производ и приход.

Всушност, конкретните примери од сите овие форми на однесување можат да се пронајдат во актуелното функционирање на југословенската економија, барем во последните неколку години. Каде и да погледнеме, наидуваме на биланс на големи количества ресурси потрошени или неискористени или искористени на општествено неефикасен начин. Некој може да праша дали тоа трошење глобално е поголемо или помало отколку што е во централизираната економија од сталинистички тип. Меѓутоа, повеќе од очигледно е дека двете економии содржат огромни загуби на ресурси.

Но, тоа не е сè. Иако, Хорват патем споменува дека „изедначувањето на побарувачката и понудата“ преку пазарот значи дека потрошувачите ја „искористуваат својата слобода на избор во рамки на ограничувањата на својот приход“, тој од тоа не извлекува никакви заклучоци. Меѓутоа, заклучоците се многу важни. Ако потрошувачите имаат различни приходи, тие ги трошат своите пари во различна мера на различни стоки и услуги. Последица од тоа ќе биде дека индустријата за потрошувачка стока едноставно ќе ги пренесе „потрошувачките избори“ на индустријата за производствена стока – со други зборови, кога вложувањето во основа е водено од ефективната побарувачка – целата индустриска структура ќе се прилагоди на нееднаквата дистрибуција на приходот. На тој начин луксузната стока ќе биде произведена пред да се исполнат потребите за основната стока во сиромашните општествени слоеви. Ќе дојде до хиперпродукција на машини за перење облека пред секое семејство да има неколку добри зимски чевли. Вложувањето ќе се концентрира на побогатите региони на штета на посиромашните, на ист начин на кој ќе се настојува да се задоволат потребите на поголемите приходи пред потребите на оние пониските. Па, дури и скромните „општествени приоритети“ кои Хорват и понатаму ги брани, ќе бидат предмет на ерозија. Алкохолот сепак се соочува со поголема „ефективна потрошувачка“ отколку книгите по социологија или филозофија, а да не зборуваме за марксистичките текстови; така фирмите ќе го сметаат за попрофитабилно ненадејното зголемување на производството на алкохолот. Финансиската автономија на станбените единици ќе доведе до „економски ренти“, на пример, монопол на модерното урбано домување за бирократијата, со работниците кои се враќаат во сиромашните четврти. Принципот на бесплатното здравство исто така ќе биде во конфликт со истиот принцип на „финансиска автономија“ и сè повеќе и повеќе ќе биде нарушен. Субвенционираните издавачки куќи сами ќе настојуваат да произведуваат сè повеќе и повеќе комични стрипови и крими романи затоа што „потрошувачките избори“ ги диктираат таквите одлуки.4

Хорват се обидува да аргументира дека каматниот механизам самиот треба да управува со вложувањата. Единственото ограничување кое експлицитно го признава е случајот на новите индустрии. Аргументира дека „доколку флуктуациите на цените можат да се избегнат, тогаш исто така ќе бидат избегнати и случајната добивка и незаслужените загуби... И доколку е постигната стабилност, профитите и загубите на претпријатијата ќе зависат од производните придонеси на колективите.“ (стр. 119)

Ова е речиси класичен non sequitur. Доколку е постигната стабилност, профитите и загубите ќе зависат од почетната релативна продуктивност на фирмите, во комбинација со продуктивните придонеси на колективите. Тоа значи дека колективите кои се создале несреќно или преку здружување, со миграции предизвикани од војна или револуција, од нарушувања предизвикани од индустријализацијата или напуштање на селото, надарени со повисока продуктивност и од почетокот – и без никакви сопствени заслуги – можат да се надеваат на повисок приход наспроти оние колективи на кои не им се случиле вакви несреќи. Тоа значи дека незаработените приходи (резултатите од претходните вложувања) одат кај некои од колективот, додека загубите им припаѓаат на останатите. Додека повисокото ниво на потрошувачката нормално го стимулира производството, и затоа што побогатите колективи можат да си дозволат повеќе вработени кои го трошат времето на посебни курсови, тие „добивки“ и „загуби“ на побогатите и посиромашните колективи неизбежно ќе станат заеднички. На крајот повторно наидуваме на моделот на Хорват на тенденцијата за пораст на општествената нееднаквост.

Сега Хорват уверливо аргументира дека „најрамноправна дистрибуција на приходите во склад со максималната потрошувачка... е оптималната дистрибуција.“ (стр. 124) Веќе видовме дека тој модел не обезбедува најрамноправна дистрибуција на приходите. Дали барем обезбедува најдобар распоред за максимизирање на производите? Тука, повторно, не можеме да го следиме Хорват.

Со намера да го следиме неговиот оптимизам, мора да претпоставиме дека фирмите кои ex ante пружаат најголеми стапки на враќање на кредитите за кои ќе се пријават, некако автоматски исто така ex post произведуваат најголем пораст на националниот производ и приход. Во оваа претпоставка имплицитно ја пронаоѓаме наивната хипотеза дека максималниот национален производ е резултат на збирот од сите поединечни обиди на фирмите за максимизација на индивидуалниот производ и профит. Во реалноста, оваа хипотеза е погрешна; и најголемата предност која ја пружа општественото планирање, во споредба со „слободното претпријатие“, лежи во неговата способност да овозможи максимизација на производот и приходот, на национално ниво, што може многу добро да ги пренесе намерните загуби (субвенциите) на разни поединечни претпријатија.

Понатаму, идејата дека ex ante претпоставките и ex post резултатите некако ќе завршат со совпаѓање во рамки на притисокот и напорот за максимизација на профитот, е исто така нереална. Антиципираната стапка на враќањето ќе резултира со збир од сите конкретни услови во кои фирмата бара дополнителен кредит; на тоа ќе влијаат монополистичките и квазимонополистичките очекувања опишани погоре; и, на тоа исто така ќе влијаат нецелосните информации и погрешните претпоставки за однесувањето во останатите фирми, задолжително со условите за натпреварување и автономијата на вложувањата.

Заради тоа сме убедени дека заради можноста за постигнување максимизација на општествената еднаквост и заради максимизацијата на производите и приходите на национално ниво, изедначувањето на побарувачката и понудата треба да биде постигнато во многу области a priori со помош на централен план и не a posteriori со помош на пазарот. Тоа се однесува на целата стока и услугите кои се поврзани со свеста за општествен приоритет за брзо постигнување одреден просек на потрошувачката, како и со главните средства за производство. Затоа веруваме дека сите проекти поврзани со големи инвестиции треба да бидат централно детерминирани и тоа во голема мера да се однесува на „управуваните“ цени на опремата. Централното планирање треба да ги искористи пазарните механизми за да ги прилагоди периодичните цени на одредени потрошувачки стоки во рамки на тие ограничувања, а не преку нив.

Дали таквиот модел за раст посочува кон тешките бирократски машинерии, заедно со чистките, концентрационите логори, идеолошкиот монолитизам, општествениот реализам и недостатокот од каква било работничка иницијатива на ниво на погоните? Не, воопшто!

Прво, остава доволно простор за слободна иницијатива на колективите со оглед на оптималноста на искористувањето и комбинацијата на постоечката опрема и работната сила на ниво на погоните. Затоа, ние во секој случај сме спротивставени со деталните насоки на централното планирање управувано од страна на одредени фабрики со оглед на распонот на нивните производи и методите за производство. Кога еднаш приоритетите се поставени, работничките совети и работничките колективи треба да имаат слобода за зголемување на производите и приходите и тоа на начините кои им се на располагање, земајќи ги предвид потребите на општеството кои можат свесно да бидат формулирани (со помош на регуларни анкети упатени до фабриките, продавниците и потрошувачите). Дополнителниот приход што можат да го постигнат со подобра комбинација на дадените „фактори за прозводство“ во голема мера треба да им остане на располагање, и така поставувајќи го поттикот за константно преисполнување на плановите, но без дезорганизација на централниот план за зголемување на општествената нееднаквост.

Второ, изгледа дека Хорват и многу други критичари на сталинизмот ја загубиле свеста за една единствена вистина. Постојат две форми на централизација: бирократска централизација и демократска централизација. Фактот дека, во историјата на Советскиот сојуз, првото следува по второто не подразбира дека тоа нужно мора да се случи секогаш и секаде.

Не е тешко да се замисли моделот на економски менаџмент и планирање кој, на пример работничките совети од југословенски тип го комбинираат во централно федерално тело кое владее со најголем авторитет и има право на прескокнување на одредбите донесени од кој било поединечен работнички совет, а на тој начин истото да стане бирократизирано. Ќе биде доволно да се воведат стриктни услови во системот на тоа централно тело, следејќи ги основните правила што ги формулираше Маркс во своето сфаќање на Париската комуна или Ленин во Државата и револуцијата. Ако разгледувањето на алтернативните економски планови остане слободно и ако на работниците им се обезбедени политичките и граѓанските слободи, таквиот модел би бил убедливо посупериорен за прецентрализацијата на Сталин и претераната југословенска децентрализација.

Исто така, нашиот модел би имал огромна општествена предност. Ќе ја зајакне и обедини работничката класа, додека и сталинистичкиот и југословенскиот модел би тежнееле кон фрагментација на таа класа или дури нејзино распрснување. Очигледно, нашиот модел би бил поетички зашто би постигнал поголемо изедначување на приходите и зашто сите нужни жртви би биле свесно прифатени жртви. Исто така, тој би избегнал поголема загуба на ресурсите, што и бирократскиот промашен менаџмент и пазарните механизми неизбежно би го наследиле. Имено, тогаш ќе дојде и до максимизација на производите и приходите во вистинска смисла и многу повеќе отколку што тоа го дозволуваат претходните модели.

(крај)

Кон првиот дел

__________________________________________

[4] Промислено се ограничивме само на економските контрадикции на моделот на Хорват. Меѓутоа, едноставно е да се покаже дека општествените, политичките и моралните контрадикции не се помалку разорни за социјалистичкото општество. Генерализацијата и идеализацијата на стоковото производство и пазарните односи подразбираат препознавање на паричните вредности („сè има цена“ набрзо доведува до „сите имаат цена“) како највисоки општествени вредности. Потерата по индивидуално богатство станува универзален идеал на сите членови на заедницата. Потоа, тоа имплицира бесен натпревар на индивидуите во сите сегменти на општественото однесување, а на штета на солидарноста и соработката. Феномените како распространетата корупција, проституцијата, поткупливоста на интелектот и духот, растечката загуба на општествените идеали и општествениот идеализам во младоста, мораат неизбежно да израснат во таква атмосфера. Ќе остане мистерија како Хорват може да верува дека, во услови на универзална стокова и парична економија, ќе исчезне отуѓувањето од работата, додека кај Маркс стоковото производство е исклучиво еден од главните фактори за отуѓувањето! Да не зборуваме за „неотуѓената работа“ која одеднаш стана бескорисна и без никакви ресурси!

Извор: www.radnickaborba.org

ОкоБоли главаВицФото