„Скопје 2014“ и големиот Друг на груевизмот (1)

07.09.2016 13:27
„Скопје 2014“ и големиот Друг на груевизмот (1)

Она за што не можеме отворено да говориме, може да се дознае од формата на нашето делување.

- Лудвиг Витгенштајн

Првата и најтемелната поука од психоанализата е дека секој психички акт, колку и да изгледа безначајно, воопшто не е случаен и има одредено значење и логика. Без разлика дали станува збор за сон, за лапсус, или за апсурдно пелтечење на душевно болниот - секој од овие акти има своја „функција“ која може во потполност да се разбере ако стане предмет на подетална анализа.

Втората темелна поука од психоанализата е дека нашиот свесен ум раководи со мал дел од нашиот психички живот. Поголемиот дел од човековите ментални процеси се несвесни, т.е. се одвиваат во несвесниот дел од нашиот психички апарат. Несвесниот дел од умот ги содржи сите наши најдлабоки желби и стравови - но тие се потиснати и немаат директен достап до нашето сознание (свест). И покрај тоа што не сме непосредно свесни за психичките процеси на несвесниот ум, тие сепак влијаат врз нашите секојдневни постапки, убедувања и емоции. Овие несвесни, длабоки и скриени мотиви сепак можат да бидат откриени и осознаени со помош на психоаналитичкото толкување на „симболичкиот јазик“ на несвесното.

Психоаналитичката техника за толкување на несвесните ментални процеси е разработена од Зигмунд Фројд во неговото капитално дело „Толкување на сништата“, каде тој објаснува дека сништата, исто како и лапсусите, имаат одредена логика. Фројд тврди дека секој сон е составен од две компоненти под влијание на два паралелни процеса. Првата компонента на сонот е неговата манифестирана (прикажана) содржина, т.е. сите оние личности, настани, емоции и слики со кои се соочуваме додека сонуваме и на кои површно се сеќаваме кога ќе се разбудиме. Втората компонента на сонот е неговата латентна (неприкажана) содржина, која воедно ја претставува и движечката сила зад самиот сон. Латентната содржина на сонот е поврзана со скриените, нејасни, нелогични или „замаскирани“ моменти во манифестираниот сон – зад кои стојат несвесните желби, мотиви и нагони.

За да го заштити сонувачот од директно соочување со нејзините/неговите примитивни и праисконски нагони и желби, психичкиот апарат активира „соновна цензура“ која ја потиснува, т.е. блокира латентната содржина на сонот. Не можејќи во целост да ги блокира латентните мисли и желби, соновната цензура им дозволува да се манифестираат, но во видоизменета и нејасна форма.
Оттаму и оние моменти на нелогичност во сонот. Кога би направиле споредба со познатата Фројдова алегорија за сантата мраз, тогаш манифестираната содржина на сонот би била самиот врв на сантата кој се наоѓа над површината на водата, а латентната содржина – сиот останат дел од сантата под вода. Според тоа, може да се рече дека сонот ја има структурата на „симптом“, т.е. сонот претставува компромисно решение на конфликт помеѓу две спротиставени тенденции – едната е латентната мисла/мотив, а другата е соновната цензура. Компромисот се состои во тоа што латентната желба доаѓа до задоволување, но во нејасна и преиначена форма.

Според Фројд, со толкувањето и разоткривањето на нечии скриени мотиви, мисли и идеи, таа или тој стануваат свесни за своите внатрешни конфликти и противречија - и на тој начин доаѓаат поблиску до решение на проблемите кои создаваат тензии во нивните животи.

Каде е тука поврзаноста со проектот Скопје 2014? Проектот Скопје 2014 не може да се поистовети со психички акт – тука, поточно речено, станува збор за еден поширок наратив. Одговорот на ова прашање ќе го најдеме ако на Скопје 2014 погледнеме низ наративната теорија на американскиот литературен критичар Фредерик Џејмсон.

Според Џејмсон, секојдневната реалност со која се соочуваме ни доаѓа во наративна форма – ние не создаваме приказни за светот со цел да го разбереме, туку „светот ни доаѓа нам“ во форма на приказни. Повикувајќи се на Фројдовата теорија за психичкиот живот на човекот, Џејмсон тврди дека наративите претставуваат симптом на делување на политичкото. Според него, наративот има форма на симптом зашто од една страна го осветлува/разоткрива, а во исто време и го замаглува нашиот светоглед.

За да подлежи на психоаналитички прочит, Скопје 2014 треба да се сфати како симптом - како извитоперен наратив кој претставува замена за нешто сосема друго. Првото нешто на кое треба да обратиме внимание во нашата анализа е да пронајдеме „наратив во самиот наратив“. Треба да се сосредоточиме на оние симптоматични елементи на нејасност и двосмисленост, каде авторот/авторите на проектот одбегнува(ат) или пренагласува(ат) дадена тема или мотив. Овие места се „несвесното“ на самиот проект.

Но пред да можеме да ги протолкуваме елементите кои го сочинуваат „наративот во самиот наратив“ кај проектот Скопје 2014, треба прво да се запознаеме со симболичниот јазик на наесвесниот ум, претставен од Зигмунд Фројд во „Толкување на сништата“.


Симболизмот во сонот

Веќе споменавме дека, според Фројд, сонот претставува психички акт кој е компромисно решение на конфликтот помеѓу две тенденции: помеѓу силниот инстинкт на несвесниот ум за задоволување на дадена желба (латентна мисла) по секоја цена, од една страна, и спротиставувањето оваа желба да биде задоволена, од друга страна.

Начинот да дојдеме до латентната мисла која стои зад нејасната манифестирана содржина на сонот, е да ги анализираме поединечните елементи на самиот сон. Исто како и во случајот со симболизмот во сонот, симболиката во Скопје 2014 е клучот кон откривање на скриениот мотив, смислата зад самиот проект.

Во „Толкување на сништата“ Фројд вели дека во огромен број сништа кај различни индивидуи тој забележува исто значење зад одредени елементи на сонот, кои тој ги нарекува симболи.

Симболичниот јазик на сонот му е непознат на сонувачот, т.е. станува збор за знаење кое е несвесно. Тоа му е непознато на свесниот ум, но претставува интегрален дел од несвесниот ментален живот на човекот.

Фројд вели дека овие симболи му се познати на човештвото уште од антиката, и се присутни во митови, бајки, народни приказни, поговорки, анегдоти, вицови и др. Симболизмот во фолклорни елементи на разни народи нудат паралели со симболичниот јазик на сонот протолкуван од Фројд.

Нештата кои наоѓаат симболична претстава во сонот се, на пример: човечкото тело, родителите, децата, браќата и сестрите, раѓањето, смртта, летањето, голотијата итн.

Типичен пример за симболично прикажување на човечкото тело во сон е формата на куќа. Има случаи кога во манифестираната содржина на сонот сонувачот се симнува надолу по фасадата на куќа. Кога куќата во сонот има рамна и чиста фасада, станува збор за машко тело, а кога фасадата има балкони или чардак, тогаш станува збор за женско тело. Овој симболизам за човековото тело како куќа може да се најде во секојдневниот говор, кога пријатели се поздравуваат со зборовите „куќо стара“, или кога за жена со бујни гради некој коментира дека таа има „големи балкони“.

Родителите во сонот често се појавуваат како цар и царица, или други високодостојни личности. На идентичен начин родителите се симболизирани и во детските бајки: „Си биле еднаш еден цар и царица“. Дури и во секојдневен колоквијален говор родителите своите мали дечиња ги нарекуваат принцеви и принцези.

Раѓањето се појавува во сонот речиси исклучиво во форма на вода – сонувачот или некој во сонот влегува или излегува од вода или е спасен од давење. Често ваквиот симболизам асоцира на мајчинска поврзаност со дадена личност. Кога во сонот некој некого спасува од давење, тој станува негова/нејзина „симболичка мајка“. Оваа симболика е присутна и во античките митови, како на пример во еврејскиот мит за Мојсеј, кој е спасен од давење од страна на египетската принцеза, која станува негова мајка.

Смртта во сонот се појавува во форма на патешествие. Оваа симболика е често употребувана во поезијата кога поетот говори за „пат од кој нема враќање“, а и до ден денес кога децата прашуваат за починат човек, возрасните им одговраат дека тој или таа „заминале на пат“. Смртта како патешествие е симболика позната уште од времето на древните Египјани, кои свите мртви ритуално ги подготвувале за пат во оностраниот свет.

Доколку извонредно богатиот симболизам на проектот Скопје 2014 го погледнеме низ оптиката на Сигмунд Фројд, тогаш првото нешто кое станува очигледно е дека огромниот дел симболи присутни во проектот се полови симболи. Поточно, станува збор за диспропорционално претставување на машки полови симболи, т.е. „фалусни“ симболи.


Симболите на Скопје 2014

Според Фројд, соновните симболи кои го претставуваат машкиот полов орган се исклучиво предмети кои имаат карактеристики на пробојни оружја, кои се внедруваат во телото и нанесуваат повреда. Такви симболи се сабјите, ножевите, камите, како и пушките, пиштолите и друг вид огнострелни оружја. Скопје 2014 изобилува со вакви атрибути кои симболично го претставуваат машкиот полов орган. Пример за фалусни симболи во Скопје 2014 се дигнатиот меч на воинот на коњ, камата на Андон Ќосето, вперениот пиштол на војводата Чакаларов, итн.

Женскиот полов орган пак, во сонот е често симболично претставен како отворено пространство (плоштади, природни пејсажи) или како празен предмет/простор кој може да биде исполнет со нешто, како на пример садови, пештери, шишиња, кутии, тегли, ташни, и др. Бродовите исто така спаѓаат во оваа категорија. Врати и порти исто така симболизираат женски полови отвори, а собата ја симболизира утробата на жената.

Најживописниот симбол на жената и женственото во сонот доаѓа во форма на дрво, вклучувајќи ги тука и предметите направени од овој „матер“-ијал, како на пример, маси, хартија, книги и др. Симболи на жената се и зелените површини, особено градините со дрвја.

Претходно во текстов споменавме дека симптомот може да се сфати како наратив кој претставува маска за нешто сосема друго. Исто така споменавме дека при психоаналитичко читање на даден наратив, потребно е да се сосредоточиме на оние елементи на нејасност и двосмисленост, каде авторот/авторите на проектот одбегнува(ат) или пренагласува(ат) дадена тема или мотив. Тоа се елементите од наративот кои „стрчат“ од целината. Овие места се „несвесното“ на самиот проект.

Земајќи го предвид фројдовското толкување на симболичниот јазик на сонот, првата работа која се забележува во наративот на Скопје 2014 е агресивниот мачоизам. Огромниот дел од централните симболи на проектот се фалусни и нападни – помислете само на диспропорционално големата кама на Андон Ќосето, пиштолот на Чакаларов, долгите копја на фалангата во подножјето на фонтаната „Воин на коњ“ итн.

Уште еден интересен момент во наративот претставува и стравот от женственото, манифестирано преку агорофобијата - уништувањето на секаков вид отворени урбани пространства и зелени површини. Да не заборавиме дека една од најголемите жртви на Скопје 2014 се отворените плоштади и градски паркови.

Прашањето кое сега се поставува е следното: „За кого ДПМНЕ ја приредува оваа маскарада? Кому Скопје 2014 ја испраќа својата симболична порака?“

Одговорот е во она што структуралистите го нарекуваат големиот Друг.

Кон вториот дел

Кон третиот дел

 



Слики: Anne Buckwalter

Слични содржини

Јавни простори / Психологија / Теорија
Јавни простори / Психологија / Теорија
Јавни простори / Теорија / Историја
Општество / Психологија / Живот / Теорија

ОкоБоли главаВицФото