Празник

08.09.2016 11:40
Празник

Гумите на ретките автомобили фатија да го љубат асфалтот на Булеварот АВНОЈ дури околу 7.30. Ехото на тие бакнежи беше единствениот звук што се пробиваше низ магичната тишина меѓу хотелот „Русија“ и кафеаната „Дежа ву“.

Мајло бираше грмушки за своето утринско празнење, а јас се прашував: кај се луѓето, бе, да не сме јас и кучето единствените створови што надлежните институции забравиле да ги соберат во општата евакуација пред некоја поплава?!

Но, бргу се сетив.

Празник е!

Сите ја обожаваат продолжената дремка. Ништо не е посвечено од продолженото излежување. Го знам тоа чувство: го фаќаш далечинското што се заглавило меѓу твојот газ и клисурата меѓу двата „Дормео“ мадраци и брзаш да избегаш од идиотските контактни програми на терористичките телевизии на некој музички канал.

Ако, си реков, заслужуват, дваесет и пет години, секој божји ден, без трунка одмор, луѓето работат како што работеле само уште ѕидарите на фараонските гробници и маларизираните копачи на Панамскиот канал. Многу позаебана работа и од најтешкото ѕидање.

На разградувањето на Македонија!

Четврт век граѓанките и граѓаните ги корнат праговите од шините на македонската пруга кон светлата иднина и ги боцкаат низ своите лозја!

Кварат век си ја силуваат мајката, ред е да ѝ се симнат, мртва е, јадната, а тие се уморни од ебење, нека малку се одморат.

Таа лежи измасакрирана покрај нив, тие палат цигари, пуштаат крукчиња кон лустерите и слушаат „Аманет“. Или некое друго срање.

Убавина!

А и тишината што ја прави нивното отсуство е фантастична. Подобро е, си реков, да нема жив човек отколку кучето да ми се штреца при секое мочање!

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: ШкАрт