25 години независна Македонија

08.09.2016 12:30
25 години независна Македонија

На 25-годишнината од независноста на Македонија, ги пренесуваме коментарите, сеќавањата и согледбите на Денко Малески, Исмет Рамадани, Зоран Иванов и Стојан Андов, во врска со драматичните настани што доведоа до независност на македонската држава, предизвиците со кои Македонија успешно се справи, но и грешките кои ја воведоа Македонија во опасни конфликти и во најголемата политичка криза во нејзината модерна историја.

 

Денко Малески: Извојувавме победа, но не успеавме да ја препознаеме

„Непомирливите национализми кои во услови на демократски промени кои ни се налагаа од надвор, ги потпалија другите републики и се наоѓавме во една тешка ситуација како да излеземе од тоа без да бидеме сплеткани во етничките војни. И тогаш се формулира надворешната политика. Нашата девиза беше, разговор и дијалог со сите, барање решение на тешките сложените меѓунационални проблеми во федерацијата само на маса, неупотреба на насилство и соработка со меѓународниот фактор. Тоа беше нашата основна идеја, бевме свесни дека процесите на дезинтеграција и војни во Југославија се спротивни на процесите во Европа – интеграција, соработка, мирољубиво барање на решенија. Знаевме дека е тоа само една фаза, по која ќе мораме да се вклучиме во генералниот тренд на Европа, бидејќи нема Европа да се менува заради нас, ние ќе мора да се менуваме. Работата беше како во меѓувреме да не изгориме, да не се запалиме“, вели Малески.

„Запалената јавност во тоа време, бараше конфликт, и ниту претседателот Глигоров ниту јас не делувавме како некакви јунаци, туку повеќе како разумни луѓе кои се обидуваат да најдат излез од ситуацијата на мирен начин. Македонскиот национализам почна да се буди, некои луѓе постојано говореа 'Македонија доцни', но тоа не е точно, ние одевме поспоро. Ние не доцневме, туку другите брзаа во војна. Станавме членка на Обединетите Нации десет и пол месеци по Словенија и Хрватска само заради внимателноста. Останавме пријатели со сите републики, вклучувајќи ја и Србија со која имавме повлекување на македонската војска, плус Брисел и Вашингтон“, вели Малески.

„Имав можност да прошетам три месеци во Босна, и Македонија да имаше половина од проблемите кои ги имала Босна со војните, мислам дека денешниот разговор ќе беше сосема различен. Младите би требало да бидат благодарни за мирниот процес на разидување со Југославија и наоѓање на решенија кои нема да ги загрозат граѓаните. Младите генерации имале можност да растат во општество кое не поминало низ хорори и војни“

За професорот Малески, важна е борбата против губитничкиот менталитет за вечната неправда кон Македонците, кој е претворен во начин на размислување.

„Иста таква приказна, како да е најтрагична, има секој балкански народ. Словенците имаат таква приказна, плачел еден човек на пат и поминал Господ и го прашал 'Зошто плачеш?'. Тој одговорил 'Па јас сум Словенец' и потоа и Господ почнал да плаче со него. Ние мораме да се ослободиме од тоа. Значи ние во тоа време извојувавме победа, но не успеавме да ја препознаеме“, смета Малески.

Deutsche Welle

Исмет Рамадани: Уставот беше генератор на криза

„Не беше лесно, затоа што требаше да се направи премин од еден систем, од комунизам, кон плурализам“, се сеќава Рамадани на 1991 година. „Имаше такви сили кои тешко прифаќаа промени на системот. Уште потешко беше, бидејќи тогаш почнаа првите организирани паравоени формации во Хрватска, а во Србија беше режимот на Милошевиќ. Република Македонија се најде во ситуација да мора да одигра филигранска игра за да го одбегне најлошото -војна“, вели Рамадани.

Рамадани кажува и зошто пратениците Албанци не гласаа за првиот Устав: „Партијата за демократски просперитет, како единствена опција која ги претставуваше Албанците, имаше барања во однос на националните права и затоа и имаше несогласувања. ПДП не гласаше за Уставот, затоа што тогаш мислеше дека за некои прашања кои се однесуваат за правата на Албанците треба уставно подобро да се решат. Тогаш ние кажавме дека можно е понатаму самиот Устав, како највисок правен акт, да биде генератор на некоја политичка и правна криза. И времето покажа дека Уставот во 2001 година беше генератор на криза“, вели Рамадани.

Тој потсетува дека ПДП имаше умерени барање за правата на Албанците.

„Одевме чекор по чекор, прво сакавме да се создаде позитивна јавност и правата да си дојдат како нешто нормално. Ние тогаш доставивме декларација за рамноправен статус на Албанците во Македонија. Влезе во парламентарна дебата, но немаше спремност да се донесе. Оправдувањето на СДСМ, со која тогаш бевме во коалиција, беше дека радикално може да реагира ВМРО-ДПМНЕ и дека можеме да создадеме ситуација која нема да може да се контролира“, вели Рамадани и додава: „Времето покажа дека да се пристапеше сериозно кон таа декларација и кон тие барања, можеби ќе немавме потреба од Рамковен договор после конфликт“.

Сакам да кажам

Зоран Иванов: Македонија едноставно беше „истуркана“ во самостојност

„За волја на објективноста, мнозинството македонски граѓани само некоја година пред бурните настани во почетокот на последната декада од минатиот век, не ни помислуваа за самостојност на државата. Како и сега, и тогаш меѓу причините беа и стравот како колективен ментален белег на нацијата во тие премрежни времиња предизвикани од бранот на Берлинскиот ѕид, распадот на социјализмот и атрофијата на комунистичките партии во таканарачениот социјалистички блок. Економската криза, српскиот хегемонизам и хрватскот егоцентризам, со национализмот како основна алатка ја втурнаа федерацијата во крвавиот конфликт и веќе во таа 1991 година беше сосема јасно дека Југославија се распаѓа, за среќа само по шевовите на републичките граници. Во такви околности, во кои почна да звечка оружјето и внатре во сојузната армија и меѓу локалните новокомпонирани војски и паравојски, Македонија без оглед на поделените желби на нејзините граѓани да се осамостои или да се бори за враќање на федерацијата, едноставно беше „истуркана“ во самостојност. Ова секако не го велам во негативен контекст.

* * *

Референдумот беше неизбежно успешен. Народот го кажа своето и, натаму Собранието и другите институции повеќе или помалку успешно, ги моделираа атрибутите на новиот меѓународен субјект, за прв пат во својата историја, на самостојна Република Македонија. Ние современиците сме сведоци дека во тие, сега веќе историски околности, биле пренагласени и еуфоријата и скепсата. Малкумина од тие генерации, кои заедно со сите граѓани на плеќи ја истуркаа самостојноста, денес се задоволни од резултатите. Но ете, тој факт нека биде предизвик за сегашниве генерации. За нашата, ова време пред 25 години беше и мотив и предизвик. И желба и провокација. Во тогашниот само никулест плурален амбиент неколкуте медиуми мошне самосвесно го презедоа својот дел од одговорноста. Да информираат, но и да комуницираат со граѓаните за сите настани, дилеми, стравови, неизвесности, но и на очекувања, ентузијазам и радости за историски дадената можност Македонија да стане самостојна и независна.

Deutsche Welle

Стојан Андов: Сегашната политика е спротивна на целите што ги имавме во 1991 година

Во овие 25 години независност земјата мина низ сериозни предизвици и искушенија. Кои се најкритични фази што би ги издвоиле од осамостојувањето до денес ?

Андов: Првата, најкритична фаза настапи од 27 април 1992 година кога беше донесена Лисабонската декларација во која стоеше дека Европската Заедница ќе ја признае нашата земја за независна држава, доколку Македонија прифати во нејзиното име да не биде содржан зборот Македонија и придавки од него. Таа ,,критична состојба“ траеше негде до пред приемот на Македонија во Обединетите нации на 8 април 1993 година. Втората критична фаза беше со обидот за атентат врз Глигоров, што имаше основна политичка намена, да го спречи Собранието да ја ратификува Привремената спогодба заклучена на 13 септември 1993 година меѓу Република Македонија и Република Грција, со која Грција ја призна независноста на Македонија, ги призна нејзините граници, воспостави дипломатски односи со неа и ја прифати неповредливоста на границата меѓу Македонија и Грција.

Таа криза потраја само 2–3 месеци, до приемот на нашата земја во ОБСЕ (тогаш КЕБС) и до заклучувањето на Договорот за пријателство за мир со НАТО. За критична фаза може да се смета и периодот од крајот на 2000 и до донесувањето на 15-те амандмани со кои во Уставот се вградени усогласените решенија од Охридскиот Рамковен Договор. Последниот кризен период може да се каже дека започна на 24 декември 2012 година, кога полицијата од пленарната сала на Собранието ги исфрли партиите од опозицијата, а потоа од галеријата ги исфрли акредитираните новинари. Таа криза сè уште трае. На 11 декември оваа година ќе видиме дали таа ќе биде окончана, или пак и натаму ќе се продлабочува.

Дали ситуацијата во која се наоѓа денес Македонија, ги става на испит и стратешките цели на државата, зацртани уште во самиот зародиш на независноста?

Андов: Кризата која е во тек е подлабока од сите досегашни кризи бидејќи трае подолго и е резултат на делување на сили кои не можат да прифатат Македонија да постои и да се развива како вистинска демократска земја. Затоа сметам дека иако некои форми на делување на владејачката партија имаа свој корен и во времето на прогласување на Република Македонија за независна држава, во целина земено целата сегашна политика е спротивставена на целите и тенденциите што ги имавме пред себе во 1991 година.

Фактор

Слични содржини

Општество / Став / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Општество / Став / Историја

ОкоБоли главаВицФото