Со „Skopje Secret Stories“ сакам да ја вратам љубовта кон Скопје кај луѓето

09.09.2016 13:27
Со „Skopje Secret Stories“ сакам да ја вратам љубовта кон Скопје кај луѓето

Страста за архитектурата и нејзините скриени приказни, желбата за истражување на Скопје, спомените од минатото и љубовта кон анимираните филмови, стрипови и видеоигри ја понесоа младата архитектка Тамара Забазноска на забавно креативно патување наречено „Skopje Secret Stories“, низ кое создава уникатни и несекојдневни креативни илустрации, каде што секојдневието се поврзува со фантазијата.

Тамара е активен урбан талкач, неуморно секојдневно темелно го истражува градот, секое негово ќоше, комуницира со неговите скриени и откриени простори, премини и ќошиња, кои поради секојдневната градска динамичност и хаотичност, повеќе не ги ни забележуваме кога поминуваме низ или крај нив и забораваме дека се дел од нас, нашата личност и нашиот град. Со еден поглед во илустрациите ќе се најдете во нивниот свет во кој е дозволено сами да кроите приказни и сценарија, прашувајќи се дали тие приказни што вие ги создавате и начинот на кој ги восприемате тие простори и архитектонски зданија се исти со оние на Тамара.

Приказната за илустрациите започнува од целокупните случувања во Скопје како град и начинот на кој расте и се развива. Како архитект, таа се чувствува на посебен начин приврзана со градот и со секој дел од него, поради што постојано и спонтано го анализира.

„Во еден момент јас бев прилично гневна на сето она што се случува во градот од естетска гледна точка. Со оглед на тоа што сум личност што постојано нешто црта и трага по креативни нешта околу себе, од каде би ја црпела инспирацијата, се најдов во ситуација кога веќе воопшто не сакав да шетам низ Скопје и постојано гледав само како најбрзо да стигнам од една дестинација до друга со велосипедот“, објаснува Тамара во разговор со Design.mk.

Овој момент таа го смета за клучен за да ја започне серијата илустрации со која, како што вели, се обидува на каков било начин да го промени барем начинот на кој таа во себе го гледа градот.

„Тогаш почнав да ги цртам и да ги создавам приказните за 'Skopje Secret Stories'. Со нив сакам да ја вратам љубовта кон Скопје на многу луѓе. Доволни се и само десет луѓе да ги видат илустрациите, она што што ми е важно е да знам дека кога ќе ги видат тие објекти ќе се сетат дека навистина вредат. Во својот град секогаш ги забораваме убавите нешта бидејќи се секојдневие, па оттука сакав да го потенцирам значењето на сите нешта за коишто ја изгубивме љубовта“, додава таа.

Изборот на Тамара во голем дел од случаите паѓа на зградите со бруталистичка архитектура во Скопје. Вели дека причината за тоа е нејзината вљубеност во острите архитектонски форми, студените линии и суровата функционалност. Такви објекти ја инспирираат и ја поттикнуваат активно да креира. Како наратор на „Skopje Secret Stories“, како што вели таа, е човек, вмешан во сите убавини, а и апатија на животот на градот – негов соучесник.

„Со 'Skopje Secret Stories' ми стана многу поинтересно шетањето по улиците на Скопје бидејќи излегувам сама, со слушалки во ушите, и постојано фотографирам и креирам приказни. Поентата е она што јас го размислувам и чувствувам кон тој објект да го потенцирам со одредени карактери. Илустрациите се прилично интровертни бидејќи пренесуваат нешта што мене лично ми се случуваат. Кога гледам објект, некогаш имам претстава за изгледот на карактерот што би го исцртала, некогаш за гласот со кој објектот зборува или гласот што му е потребен за да се 'разбуди'. Кога ќе го видам објектот, точно знам кој карактер ќе биде таму“, потенцира младата креативка.

Првиот цртеж таа го креира сосема спонтано, на работното место. Гледајќи низ прозорецот во студена, темна и тмурна слика, си замислила интересни карактери како играат. Нејзините цртежи се карактеристични по фантастичните сценарија, кои ги спојуваат педантното со хаотичното, од една страна покажуваат дисциплина, а од друга хаотичност во процесот на дизајнирање и креирање.

„Дисциплината ја имам додека размислувам за тоа што сакам да претставам, како сакам тој карактер да биде таму претставен и на кој начин ќе биде поврзан со архитектурата, а од друга страна хаотичноста ја имам кога цртам, бидејќи ако вметнам дисциплина во самата линија, тогаш ниедна илустрација нема да биде она што е“, потенцира Тамара.

1. МТВ – inert mater rise: Во еврејскиот фолклор, „Голем“ претставува анимирано антропоморфно суштество, целосно создадено од нежива материја. Тие се магични конструкции од неподвижна материја. Самиот „Голем“ не поседува знаење за она што е лошо или добро, како и за редот или хаосот. Тој е стартно неутрален, а неговите ставови се оние на неговиот творец. Исто како и нив, и „МТВ“ се има претворено во огромен блок неподвижна материја. А ние како и „Голем“ ѝ даваме потенцијал и идеја да се разбуди и да ни го пружи сето богатство од снимен материјал (музика, филмови…) што го содржи.

2. Универзална сала – a universal cup of tea: Културата на пиење на чај е дефинирана од страна на начинот на подготовка на чајот и неговата консумација, начинот на комуникација со околината и нејзината естетика. Универзална сала како граѓани ја имаме заборавено. Кога последен пат кој било ја има одбрано за збирно место? Осамената мечка во ладната зимска ноќ збунето нè потсетува дека за одредено место да 'живее', истото треба да има и корисници што ќе ја 'живеат' неговата убавина.

3. Железничка станица – game on, или кога бетонот станува мачка, а урбаната опрема глувче. Антропоморфизмот се однесува на давањето човечки карактеристики и емоции на нечовечки субјекти – формите што нè опкружуваат. Светот на железничката станица во Скопје (поставеноста на структурите, односот меѓу формите) е и самиот свет во кој живееме. Предизвици и нивното прифаќање, (не)односи, подготвеност да се завршат работите.

4. Градски ѕид – Дел од проектот на Танге за градот што е феноменален и во целост вон временски. Реализациски предизвик. Градскиот ѕид е единствената целосно изведена структура од планот на Танге. Тој е еден вид ѕид-тврдина во модерна интерпретација.

4а – Defend your inner fortress: бранење на сопствените внатрешни ставови и принципи. Секој ’ѕид‘ што го имаме во себе може да биде истовремено и пречка, а и постулат за негова деформација преку отвори и пасажи врз која растат структури.

4б – solus dont die – Iron giant: направен од метал (градски ѕид од бетон), но полн со чувства. Тоа значи дека поседува душа и покрај тврдиот изглед. А душата не умира.

5. Аnd justice for all – за растргнатоста помеѓу два света во еден град.

Извор: www.design.mk

ОкоБоли главаВицФото