„Скопје 2014“ и големиот Друг на груевизмот (2)

10.09.2016 10:24
„Скопје 2014“ и големиот Друг на груевизмот (2)

Концептот за големиот Друг е воведен од страна на францускиот филозоф и психоаналитичар Жак Лакан, како обид за опишување на „несвесниот посредник“ помеѓу индивидуата и општеството. Големиот Друг е она што на несвесно ниво го оформува нашето восприемање на реалноста. Нашиот идентитет и нашите убедувања секогаш се конструираат виз-а-ви хипотетичкиот голем Друг, т.е. вообразената (измислена) авторитетна фигура која не’ „суди“ од привилигирана позиција.

Големиот Друг се појавува во моментот кога индивидуата се соочува со дадена симболичка структура. Лакановата теорија исто така тврди дека секоја симболичка структура (на пример, социјален или културен слој, или политичка идеологија) воспоставува ваква позиција на авторитет и обраќање.

Првата средба со големиот Друг се случува на најрани години, кога детето од своите родители (или старатели) го учи основните правила за однесување и пристојност. Детето наскоро осознава дека нејзините/неговите родители и нивните постапки се исто така подредени на нечии други правила - правила на кои тие се повикуваат и на кои се покоруваат. Лакан тврди дека кога таткото (симболичкиот татко)1 интервенира, дисциплинирајќи го детето, тој тоа го прави како гласноговорник на некој „Друг авторитет“ кој го диригира Законот на општеството, кому и мајката и таткото му се потчинуваат. Ова несвесно воплотување на општествените правила (пишани и непишани), за малото дете станува големиот Друг на нејзината/неговата социо-лингвистичка заедница.

Концептот за големиот Друг зазема важно место во Лакановата психоаналитичка школа, и игра критична улога во разбирањето и третирањето на неврози, перверзии и (одредени видови) психози. Според Лакан, секој симптом е „обраќање кон големиот Друг, кој знае се’“. Многу невротичари, на пример, се опседнати со мислите да не направат некоја грешка, зашто за нив постојано постои лебдечка опасноста да бидат оценувани (судени) од некаков невидлив „трибунал“ кој ги следи и запишува сите нивни мисли и постапки. Оваа позиција на општествен авторитет, носител на Законот, кај опсесивецот е несвесниот голем Друг. Исто така, различните психички позиции на субјективност (невротична, первертирана и психотична) се структирираат зависно од позицијата која индивидуата ја зазема спрема својот голем Друг.

Секоја идеологија, религија, политички ентитет, организација, заедница..., секој симболички систем проектира различно лице на фантазматскиот голем Друг, како носител на анонимен авторитет и позиција на сеопшто знаење. Може да заклучиме дека големиот Друг е онаа „позиција“ во дадената симболичка структура (општество, религија, идеологија) со која индивидуата/субјектот се поистоветува и преку која тој или таа „гледа на себе си“ на начин на кој сака да биде виден/а и прифатен/а од другите. Примерите за различните лица на големиот Друг проектирани во различни симболички системи ги вклучуваат: Богот, Природата, Државата, Историјата, идеолошката Кауза итн.

Прв добар пример за илустрација на овој концепт ни дава христијанството. Вистинскиот христијанин се труди да живее според зборовите на Христос, да живее според Неговите начела; со други зборови, христијанинот се поистоветува со Него. Исус Христос е големиот Друг на христијанството, кој одредува што е право а што грешно (системот на вредности), а Неговото знаење е неизмерно.

Во својата книга „Групна психологија и анализа на Егото“ Фројд објаснува ситуација која можеме да ја земеме како пример за Големиот Друг. Кога новиот регрут во касарната ќе ги усвои и асимилира навиките и манирите на другите војници, тој станува еден од нив – дел од групата. Но ако новиот војник се обиде да ги усвои манирите на Генералот, тогаш тој станува смешен и апсурден. Во овој случај генералот го зазема местото на големиот Друг – овоплотување на позицијата на авторитет, позиција преку која обичните војници се здобиваат со координатите за меѓусебно симболично осознавање, т.е. интерсубјективност.

Да земеме пример уште поблизок до нашата тема. Во почетокот на 50-тите години на минатиот век урбанистите и архитектите во Социјалистичка Република Македонија проектираат планови за градски средини кои го отсликуваат идеалот за модерниот социјалистички град. Повеќето од илјадниците згради и урбаните комплекси создадени во СРМ се олицетворение на идеологијата на модернизмот и ги комуницираат неговите најснажни идеали. На пример, отвореноста на ГТЦ го симболизира еманципаторскиот потенцијал на новото општество кое во тоа време се гради во младата република. Четирите влеза кои гледаат кон четирите страни на градот се воедно и подадена рака/покана кон граѓаните од различни вероисповести и народности кои со векови живеат во градот. Во ГТЦ тие стануваат едно.

Станбените и административните згради со минималистички фасади (без било каква фасадна чипка или неокласични декоративни елементи) го симболизираат отворањето ново поглавје во македонската историја – ново општество ослободено од бремето на историјата, во кое научниот прогрес, како и економското и културното издигнување на населението, се најважни приоритети. Но македонска модернистичка архитектура симболизира и нешто уште поважно – „ослободена“ од неокласичните фасадни елементи (во минатото сметани за статусни знаци на управувачките класи и симболи на класен елитизам), оваа архитектура го симболизира и социјалниот идеал за ослободување на македонското општество од историските нееднаквости и создавање нов егалитарен поредок.

За архитектите во СРМ новата архитектура претставува осуштествување на потреби кои доаѓаат од повисока инстанца – потребата да се изгради егалитарно и бескласно општество. Овој „утрешен ден“ е големиот Друг на повоената македонска архитектура и урбанизам.

Или, кажано со други зборови, архитектонската и урбанистичка етика и форма во поземјотресно Скопје преставува обраќање кон големиот Друг на македонскиот модернизам (и социјализам).

Скопје 2014 како порака

Последниов пример е особено важен, имајќи предвид дека урбанистичката и архитектонската форма непосредно се во релација со човековото несвесно и поттикнуваат одредени реакции. Архитектонската форма дејствува врз несвесниот однос помеѓу индивидуата и големиот Друг на општеството, упатувајќи кон одговор за темелните прашања: „што сака големиот Друг од мене“ и „каде е моето место во однос на големиот Друг“?

Кому тогаш е приреден театарот наречен Скопје 2014? Кое е лицето на големиот Друг на груевизмот – т.е. кои се идеолошките постулати и принципи со кои авторите на Скопје 2014 се идентификуваат?

Австрискиот филозоф Лудвиг Витгенштајн вели дека она за кое не можеме отворено да говориме, може да се дознае од формата на нашето делување. Следејќи ја оваа максима, првото што може да се констатира во наративот на Скопје 2014 е агресивната родова политика, присутна на сите нивоа. Реконфигурирањето на јавните пространства преку пролиферирање на машки полови симболи, од една страна, и узурпирањето на секаков отворен простор, плоштад, зелена површина2 (симболи на женственост во јазикот на несвесниот ум), од друга, може да значи само повик за возобновување на „изгубениот“ патријахален авторитет на македонското општество.

Скопје 2014 претставува отфрлање на напредните идеи на модерната и своевиден стремеж за навраќање кон предмодерни форми на општествено уредување и родови односи. Ако Скопје 2014 навистина сугерира покорување на женската субјективност, тогаш каде во проектот се предлага новото местото за македонската жена? Одговорот лежи: во подножјето на „фонтаната на мајките“, поставена недалеку од споменикот на Филип II, од другата страна на кејот на Вардар.

Во „утопистичката“ визија прикажана преку Скопје 2014, македонската жена е олицетворение на жената од „фонтаната на мајките“. Нејзината единствена општествена улога е да одгледува партиски војници, чувари на тоталитарниот поредок - исто како што древната Македонка одлгедувала воини за фалангата на Филип и Александар. Тоа е функцијата на жената во груевизмот.

Втората централна тема на Скопје 2014 е отпорот кон идеалите на модернизмот, олицетворен во деструктивниот однос кон автентичната македонска модернистичка архитектура. Агресијата насочена кон модернистичките фасади е симболичен атак против еманципаторскиот проект на модерната, а воедно и негирање на егалитарниот идеал на социјализмот. Во овој контекст треба да се навратиме на Џејмсон, кој вели дека архитектонската форма содржи кодирана порака која функционира како враќање на потиснатото на официјалната идеологија. Промената на фасадите во Скопје 2014 дава одлична илустрација за овој концепт. Имено, иако во својот говор по повод 25-годишнината од основањето на ВМРО-ДПМНЕ Груевски истакна дека целта на партијата е градење општество „во кое сите граѓани имаат еднакви шанси и можности... општество базирано на знаење и креативност, на иновативност и силен претприемачки дух“, формата на изразување во Скопје 2014 го покажува сосема спротивното. Покривањето на бруталиситичките и минималистички фасади со „псевдо-барокна“ чипка и класични фасадни елементи треба да се сфати како копнеж по нова реалност – реалност на класни поделби и нови хиерархизации.

Овој момент од наративот на Скопје 2014 претставува враќање на потиснатото на официјалната идеологија на груевизмот, и фрла светлина врз противречностите вградени во груевистичкиот идеолошки проект.

Земени заедно, овие две централни теми од наративот на проектот Скопје 2014 го обелоденуваат лицето на големиот Друг на груевизмот: пред-модерното органско корпоративно општество раководено од просветена конзервативна владејачка класа, во кое секој си го знае и цени своето место. Во идеалното груевистичко општество македонскиот народ е органски монолитен, сите внатерешни политички антагонизми се задушени, а неистомислениците (граѓанската опозиција, „соросоидите“ и другите „странски агенти“) отстранети од националното ткиво.

Кон крајот на 80-те и почетокот на 90-тите години обичните граѓани на Македонија веруваа дека вистинска слобода ќе дојде само по падот на корумпираниот социјалистички режим и неговата комунистичката идеологија. Но кога социјалистичкиот режим се распадна, а со него и Големиот Друг на комунистичката идеологија, луѓето се фрлија во потрага по нови идеологии и институции кои би овозможиле услови за социо-економски просперитет и достоинствен живот. Разочараноста од изборот на политичките раководства од 1991 наваму, изолираноста, сиромаштијата, и општата бесперспективност, водат до тоа огромен број луѓе да почнат да се идентификуваат со спомените од украденото „среќно минато“, како и да копнеат по нов голем Друг кој би им обезбедил стабилност и надеж за подобро утре. Голем Друг кој би им дал убедлива приказна и објаснување за очајната состојба во која државата и народот се наоѓаат. Ова е почвата на која започнува подемот на груевизмот.

Станувајќи симпатизер на Груевски, Македонецот/Македонката станува дел од строго дефинираната група во која се знае каде се наоѓа авторитетот, што е добро а што е лошо, кој е патриот а кој е предавник, која е заедничката цел и како таа цел да се реализира. Штом некој биде прифатен во таква група веднаш исчезнуваат сите сомнежи за тоа кој е виновен за сите наши неволји и неправди – домашните „предавници“ и странските „душмани“. Станувајќи симпатизер/поборник на груевизмот, индивидуата доаѓа до долгоочекуваната сигурност и достоинство, преку возобновениот патријархален авторитет.

Ако ја тргнеме на страна коруптивната компонента на Скопје 2014, тогаш главна функција на проектот е големиот Друг на груевизмот да се издигне на ниво на Его-Идеал за целото општество, и да биде референтната точка од која Македонецот ќе се набљудува себе си за да соодветствува со овој идеал. 

1 Кога Лакан говори за „таткото“ тој говори за симболичката функција на таткото. Според него, симболичката функција на таткото не се ограничува само на биолошкиот татко, туку и на секој друг машки или женски старател на детето кој е партнер на мајката. Симболичката функција на таткото може да биде и фигура на авторитет надвор од кругот на потесното семејство, со кој детето ќе може да се идентификува и на индиректен начин да ѝ/му помогне да излезе од Едиповиот ќорсокак/ситуација.

2 Да се потсетиме на патолошката сеча на дрва што се случува насекаде низ државата. Дрвото, според Фројд, е основниот симбол на жената во митологијата, фолклорот и соновниот јазик.

Слики: Anne Buckwalter

Кон првиот дел

Кон третиот дел

Слични содржини

Јавни простори / Психологија / Теорија
Јавни простори / Психологија / Теорија
Книжевност / Психологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото