За еротизмот на рацете во уметноста

10.09.2016 15:13
За еротизмот на рацете во уметноста

Студија на десната рака на Еразмо од Ротердам, од германскиот сликар Ханс Холбајн Помладиот

Фејсбук го забрани цртежот на германскиот уметник Ханс Холбајн на кој е прикажана раката на Еразмо – иако тоа не е сексуално сугестивно уметничко дело. Штом едноставниот цртеж на ренесансниот мајстор ги прекршил општествените стандарди, сигурно се прашувате што би направил Фејсбук со останатите преубави еротски уметнички дела.

Медиумскиот социјален гигант претходно беше критикуван за забрана на сликата на Гистав Курбе насловена „Потеклото на светот“ (1866), ремек-дело на современата уметност, изложено во популарниот музеј „Орсеј“ во Париз, каде секој може да го види. Сега, незадоволен со цензурата на уметничката слика анализирана од секој студент по историја на уметност, Фејсбук привремено забрани дело чија непристојност е навистина тешка за распознавање.

Сликата „Нимфата и сатирите“ (1627) на францускиот слиакр Никола Пусен

Впрочем, „Потеклото на светот“ на Курбе е дело на вистинска еротска провокација. Но, кој гледа настраност во цртеж од шеснаесетиот век на кој е прикажана раката на писателот Еразмо? Очигледно во очите на регулаторот на Фејсбук има нешто сомнително во прецизната студија на Холбајн на десната рака на големиот ренесансен хуманист. Онлајн империјата ја промени својата одлука откако љубителите на уметност во знак на протест почнаа да постираат дела на кои се прикажани раце од уметници како што се Дирер и Леонардо. Бизарниот чин на цензура го објаснија како „човечка грешка“.


Сликата „Венера Урбино“(1538) на Тицијан

Ситуацијата ќе беше оправдана доколку стануваше збор за компјутерска грешка, но сепак, според Фејсбук, ова не е алгоритамска случајност. Вистински свесен човечки ум искрено мислел дека ренесансниот цртеж на кој е прикажана рака е непристоен. Или можеби кураторот мислел на тоа дека е објавена без соодветна дозвола за авторски права? Тоа прашање би можело да отвори голема дебата, но цртежот на Холбајн е стар околу петстотини години, па коректната употреба на истиот сигурно е дозволена.

Целава ситуација е навистина збунувачка. Сепак, тоа ме натера повеќе да размислувам во таа насока. Рацете можат да бидат непристојни во уметноста, се разбира дека можат. Прстите можат да бидат сугестивен, сексуално провокативен дел од телото. Еве неколку раце од кои Фејсбук треба да се пази.

Сликата на францускиот сликар Николас Пусен насловена „Нимфа со сатирите“ од 1627 година, прикажува рака која голата нимфа ја користи – како што се објаснува во текстот кој стои на ѕидот во Националната галерија – да се задоволи себеси. Таа е „толку задлабочена во својата дејност“, се потенцира во текстот, што не ги забележува сатирите кои уживаат во сопственото задоволство гледајќи ја. Грациозните прсти на „Венера Урбино“ (1538) на Тицијан, исто така лежат сугестивно поставени, подготвени за забава.

Ова е често и повторливо сценарио во ренесансната уметност. Не е чудно што кога Едуард Мане на својата модерна гола Олимпија ѝ наслика бледа бела рака чии прсти го галат својот сопствен бут, публиката во салонот се фиксира на овој особено непристоен детаљ. Можеби Мане алудирал на ремек-делото на Хокусаи Шунга, насловено „Сонот на жената на рибарот“, бидејќи прстите на Олимпија изгледаат како мали пипала.

Сцена од филмот „Андалузиски пес“ 

Во надреалистичката уметност, раката станува дури и повалкана. Сликата на Салвадор Дали од 1929 година, насловена „Трогателна игра“, покажува статуа на некој истакнат човек со енормно проширена рака. Овој мастурбатор со чувство на вина ги покрива очите од срам, додека фантазиите се расплетуваат пред него. Истата година во која ја насликал оваа слика, Дали соработувал со Луис Буњуел на филмот „Андалузиски пес“, во кој е прикажана една млада жена која се фиксира на отсечена рака фрлена на улица, а другата слика прикажува човек кој ја набљудува својата рака покриена со рој мравки .

Можеби цензорот на Фејсбук кој ја направил оваа „човечка грешка“, претходната ноќ го гледал филмот „Андалузиски пес“, па помислил дека и Холбајн е надреалист. Како и да е, се чини дека рацете и не се толку невини како што сме мислеле.

Извор: www.theguardian.com