Хохштаплерски чудесија!

12.09.2016 06:36
Хохштаплерски чудесија!

Има голема симболика во тоа што, во предвечерието на Празникот на независноста, 8 септември, во центарот на Скопје (2014) се отвори огромна дупка и се наполни со… фекалии, заради градежните зафати што ги изведува фирма од Белизе. Силината на таа асоцијација е моќна: четврт век независна Македонија, Ано Домини 2016, е претворена во една голема дупка што забрзано се испонува со… фекалии, во изведба на сопствениците на разни фирми од Белизе. Маестрално! Од пропаста во… фекалиите ќе се спасат само оние што ќе се качат на Ноевите бетонски галии во Вардар, сите други ќе се исподавиме!

Додека ги пишувам овие редови, сигурен сум дека во државно-партиската централа заседава некакво раководство на агитпропот на ДПМНЕ за да одлучат кого од СДСМ јавно ќе го обвинат за тонењето на зградите покрај Вардар и нивното полнење со… фекалии. На десет метри од Вардар, со багери копаат под нивото на речното корито, и не можат да се изначудат од каде се појавува вода?! Да не ја носи некој со цистерни од Морава? А Коце Трајановски да клекне, да сркне, да проба да не е солена, да не ни ја пуштаат низводно Грците од Егејско Море? Па уште, глупациве, ја развалиле и главната градска канализациска цевка!

Аааа, нееее, па не може тоа така, мора некој од СДСМ да сноси одговорност за ова!

Бидејќи, гледајте, систем е во прашање: за два-триесет мртви од поплавите од пред некоја недела нема ни прекршочна пријава, а на кумановскиот градоначалник Циц сега му поднесоа кривична пријава за наводно небезбедна крстосница што ја пуштил во употреба во 2008 година!

Хохштаплерски чудесија!

НИ ФАСАДАТА НЕ ДРЖИ

Пред некој ден, присуствував на промоцијата на резултатите од истражувањето на јавното мнение во Македонија презентирани од прилепската невладина организација АГТИС – проектот генијално го насловиле со: „Фасадата држи – темелите тонат“ – на која речиси сите клучни „реформски“ институционални проекти на Груевски од последните десетина години (од „Компјутер за секое дете“, преку „Купи куќа, купи стан“, до индустриските зони и намалувањето на глобите за стопанските субјекти) се оценети со над половина одговори како неуспешни, со различен степен на убеденост во тоа во јавноста. На пример, за „Скопје 2014“ дури 74 отсто од испитаниците мислат дека е сосема неуспешен проект; или за простувањето на долговите на (сиромашните) неплаќачи тој процент е со високи 65 отсто од анкетираните. Во истото истражување, граѓаните убдедливо велат дека процедурите во институциите сега, во споредба со порано, се усложнети; дека за услугите од државата плаќаат повеќе; дека се воведени бројни нови давачки коишто порано не постоеле; дека за услугите и повеќе се чека од порано… Дури 65 отсто од испитаниците мислат дека власта неоправдано ја задолжува државата; речиси 60 отсто мислат дека зад замешателството со безбедносната хаварија во кумановско „Диво насеље“ стојат Груевски и Мијалков, лично; и дека државата, а не „странски служби“, е таа што прислушува и следи, што малтретира и рекетира… И така натаму.

Па, зошто тогаш стотици луѓе што ми приоѓаат ја имаат варијацијата на истото прашање, исполнето со страв и неизвесност: „Ќе паднат ли овие во декември?“

ПОЗНАТИ РЕЦЕПТИ

Феноменот на „сакрализацијата на политиката“ е добро опишан во литературата: кога власта создава разработен систем од нова „политичка религија“ (што во теоријата уште и се нарекува нова „државна“ или „граѓанска“ религија). Покрај неколку германски автори, најдобрите анализи веројатно се наоѓаат кај италијанскиот историчар Емилио Џентиле кој, со вивисекциска прецизност, го анализира движењето и самата личност на втемелувачот на фашистизмот во модерната политика, Бенито Мусолини. Рецептот е јасен: на 500 грама митови и заговори, додавате многу политички популизам, па ги мешате во два литри зовриена сеопфатна државна пропаганда, што раѓа нов начин на политичка мобилизација. Кога таа смеша ќе ја ставите во добро загреана историска и социо-економска рерна, за само неколку години политичкото тесто израснува во „нова свест“ кај граѓанството. Уште неизладено, таквото тесто го преливате со бројни спектакли и церемонии, во амбиент на огромни државни знамиња, патриотски песни, херојски споменици и монументална, нео-класична архитектура. Додавате „непријатели“ и „предавници“ по желба. Ваквото јадење се сервира за појадок, ручек и вечера на нацијата, а се дели и за секојдневна ужинка низ сите степени на училишното образование.

Овој неорелигиски политички пристап резултира со, барем привремено, социо-инженерско менување на менталитетот на населението и со создавање „нов човек“ од ариевско потекло – „нов Македонец“, на пример, со антички херојски корени! Во таквата „нова свест“ пропагандно се вбризгуваат нови споделени вредности – од тоа како треба „новиот Македонец“ да се храни („јадете повеќе маслиново масло и морски плодови“?!?!), колку деца треба да направи, со кој спорт треба да се занимава и како да навива, како да се облекува и кои книги треба да ги чита отпечатени од државата (а најубаво е ништо да не чита, само редовно да гледа телевизиски дневник), до тоа за кого да гласа на изборите. Тоа се нарекува „тотална идеологија“.

Секоја религија, нова или најстара, бара и свое „свето писмо“. Како што одлично забележа Јасна Котеска во една неодамнешна колумна, Македонија ја има и „Библијата“ на оваа наша нова политичка религија: се вика „Преродба“, а чекорите ѝ растат со секои нови избори – во 2006 година нивната преродбеничка „Библија“ имаше 116 страници; во 2008 – 200 страници; во 2011 – 284 страници; во 2014 – 384 страници. За годинава, во декември, претпоставувам дека овие начертанија ќе нараснат на 400-500 страници… Оти, нели, „народот верува во проекти и позитивни промени“!

Затоа и „бомбите“ на Заев ги доживувам како Мартин-Лутеровиот превод (вернакуларизацијата) на Библијата од латински, на обичен, разбирлив јазик за народот; од тој 16-ти реформациски век наваму, селанецот му вели на учениот во мантија: „Не, бе, попе, не пишува така во Библијата!“… Благодарејќи на тој „превод“ на Заев, и овдешниот народ доби шанса да разбере како, всушност, да ја чита нашата современа, проектна, преродбеничка „Библија“.

КОГА ЈАГНИЊАТА ЌЕ СТИВНАТ

Понатаму, како и секоја религија, и оваа се потпира врз Еден кој ја говори Вистината. Мисијата на ваквиот полу-митски лидер, на владетелот – кој е сеопшт „обединител“, кој дели милост наоколу преку „новата политичка институција, мобилениот телефон“ (Мерсел Биљали) и кој е врвниот „помирител“ во државата! – расте паралелно со привидниот успех на ново-религискиот проект. Сакам да кажам: ние упорно докажуваме дека е диктатор, а тие во него гледаат Месија – нашите рационални аргументи НИКАДЕ не се допираат со нивните емотивни верувања. Затоа е Македонија поделена земја во два паралелни света. Како на верниците, кои ќе добијат и Рајска градина во Аеродром, рационално да им докажете дека Бог не постои?

Целото тоа движење – памтите, кај нас ДПМНЕ дури и официјално посака, од партија да прерасне во политичко движење кое би градело нешто што Бранко Героски, половина на шега, го нарекува „православна џамахирија“ – е втемелено и врз силна хиерархиска („клерска“) структура кај која лојалноста кон Месијата и кон „светото писмо“ е поважно од тоа дали под мантиите се кријат педофили или измамници од секаков вид; или токмаци што прифаќаат да бидат министри со траење од половина ден. Верската тензија се негува и со редовно разоткривање, а потоа и јавно распнување на „неверниците“. Целиот систем раѓа широко распространет фатализам кај населението: сѐ е судбина, таксират, така ни е пишано, и кога се давиме во… фекалии, и кога ќе огрее сонце.

Убаво е да се потсетиме: за доаѓањето на Хитлер на власт не гласаа мнозинството Германци, но тоа мнозинство потоа се ПОМИРИ со неговото владеење, како нешто што не може да се избегне. Со тоа германскиот народ стана соучесник во сите негови епски недела.

Во таквите системи луѓето прифаќаат законите да ја штитат државата, а не индивидуите. Во таквите системи полицијата е над судството, а тајната полиција над сите. Но, внимавајте, тоа не значи дека во таквата партизирана, „концептуално де-институционализирана“ (Љубомир Фрчкоски) држава владее безвластие; напротив, тоа само значи дека правото го има во изобилие и се дели арбитрарно, правото е субординирано од политиката. Ве потсетува ли следнава статистика (ја најдов неодамна во една од извонредните книги на историчарот Марк Мазовер) на некои наши, домашни искуства: по пропаѓањето на Вајмарската Република, за првите три години од Третиот Рајх, меѓу 1934 и 1937 година, во „гласачката машина“ на Рајхстагот се усвоени преку 4.000 нови законски и подзаконски акти. Во Македонија, колку за потсетување, во моментов има 22 правни факултети, а кај и да е, уште 2-3 ќе се отворат до избори.

На партискиот конгрес на своите национал-социјалисти во 1936 година Хитлер ја соопштува суштината на тоа како се спроведува новата нацистичка „религија“: „Не нѐ командува нас државата, туку ние (партијата) ја командуваме државата!“

„Државата пред сѐ!“, што би рекол еден наш истакнат современ преродбеник, еден од потечените распопи што ни ја пропагираат новата македонска државна религија.

„ВЕРНИЦИ“ ИЛИ ГЛАСАЧИ?

Така ви е тоа во денешно време: ќе почнете за скопските јами исполнети со… фекалии, па мислата сама ќе го најде патот до Мусолини и Хитлер! Не знам зошто. Можеби затоа што немам сигурен одговор на прашањето: „Ќе паднат ли овие во декември?“

Всушност, проблемот на мојот „аналитички“ став по однос на изборите во декември најдобро го опишува вицот што неодамна ми го раскажаа. Елем, телевизиска екипа прави анкета на улица за тоа кој каде бил на одмор, па сопира еден триесетгодишник, прототип на „верниците“ од новата македонска „сакрализирана политика“ што се обидов да ја опишам погоре:

Се извинувам, господине, бевте ли на одмор некаде летово?

Не, бе, девојче, не бев нигде, каде на одмор… Немам јас ни работа, ни пари, ни друштво, ни женска, ни кола… ни кола… никола… Никола, Никола, Никола!

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото