Сигурен правец во пропаст

13.09.2016 11:51
Сигурен правец во пропаст

Како што дознаваат Новости од веродостоен извор, Зоран Милановиќ денес има намера да објави дека на внатрепартиските избори кои мораат да се одржат во следните 150 денови веќе нема да се кандидира за шеф на партијата.

„Ова не е среќен ден за Хрватска“, изјави вчера Милановиќ, откако стана јасно дека неговата партија е губитник на парламентарните избори. „Треба да се запрашаме колку сме одговорни за тоа“, им порача на собраните пред него, но и на сите оние кои во тој момент го гледаа на телевизорите или мониторите.

Резултатите од изборите беа понижувачки за Зоран Милановиќ. Потопот е комплетен и единственото корисно нешто што можат да го добијат припадниците на СДП е можност за сериозно освестување. Бројот освоени мандати сè уште може да делува залажувачки, но бројот добиени гласови открива сè. Рекордната изборна апстиненција се случи најмногу на сметка на Народната коалиција. Додека ХДЗ во однос на минатите избори изгуби околу 50 илјади гласачи или помалку од 7 проценти, блокот на Милановиќ изгуби 150 илјади или 20 проценти, значи, од 778 илјади падна на само 637 илјади гласови. Трендот е уште полош. На изборите во 2011 година, коалицијата Кукурику имаше 958 илјади избирачи, а партиите кои беа нејзин составен дел во 2007 година освоија повеќе од седум милиони гласови. Во последните девет години, откако Милановиќ е на чело на СДП, блокот од левиот центар помина пат на кој исчезнаа 400 илјади гласачи – огромни 40 проценти.

Тоа покажува дека Зоран Милановиќ не само што ги изгуби изборите, туку во изминатите четири години толку погрешно ги дефинираше идентитетот и политиката на партијата што, освен неговото промптно заминување, ќе ѝ биде потребна длабочинска трансформација за во блиска иднина да може да смета на враќање на избирачите. Стравот од ХДЗ, односно гласањето за СДП како помало зло, едноставно не е доволно, ниту е здрава мотивација. Причините заради кои гласачите ја напуштаат СДП уште во изборната ноќ како коментатор на ХРТ добро ги одреди политикологот Иван Шибер, предупредувајќи дека „СДП не може да победи на изборите натпреварувајќи се со содржините кои се во средиштето на политичкото битисување на ХДЗ“. Според Шибер, СДП мора да излезе со нови нешта, да ги конфронтира најновите трендови во светската цивилизација со конзервативната политика на ХДЗ, зашто клучните идеолошки поделби се оние во областите на културната, образовната, здравствената и социјалната политика и во полето на економијата.

СДП на Милановиќ, со сите негови свртувања кон десно, со неговиот Туѓман, неговите заштитници, неговата веронаука во училиштата, неговиот конфликт со Србија, неговата социјална и економска политика, едноставно не е доволно прогресивна партија па по нешто важно да се разликува од ХДЗ во умерена фаза и со себе да ги повлече граѓаните на кои им е потребна поинаква визија за Хрватска од зачмаената реализација на сето она што го замислил Фрањо Туѓман.

12.09.2016

Извор: http://www.portalnovosti.com