Скопје ‒ Скелет од адолесцент со мускулатура на атлет

13.09.2016 11:36
Скопје ‒ Скелет од адолесцент со мускулатура на атлет

Олга Папеш: Подигнувањето објекти на кејот ќе биде грешка на векот

Дали е тешко да се разбере дека тој простор треба да се сочува и заштити од непредвидени градби? Зошто сето тоа треба да го уништиме, зошто тој простор убаво замислен да го обезвредниме подигнувајќи објекти на кејот?
Да размислиме!

Ова ќе биде генерациска грешка. Грешка на векот!
Како заклучок: тој простор припаѓа на градот, на граѓаните и како генерација сме должни да го сочуваме.

Љубе Пота: Калето треба да биде четвртата страна на плоштадот!

Плоштадот „Македонија“ треба да се планира, развива со неговата подлога, оска, паралелно со Вардар, овозможувајќи на овој начин широки и слободни визури кон градскиот и вонградскиот пејзаж, наместо да се стеснува плоштадот и да „бега“ од реката со планирањето на затворен, средновековен плоштад.

Живко Поповски: Можевме, но не направивме светски град

‒Почнавме да правиме компромиси и да размислуваме како и ние знаеме нешто, а не само другите. Така почна да се урива идејата. Наместо нашите експерти заедно да ја надградат со странците, како едвај да чекаа да се дистанцираат од неа.

‒Во Скопје на еден хектар треба да има од 250 до 400 жители. Денес има над 800, што според нормативите за трусни подрачја е недозволиво.

Вања Стефановски: Скелет од адолесцент со мускулатура на атлет

‒Констатацијата дека Скопје стана жртва на сопствениот екстензивен модел на развој е основната карактеристика на изминативе три последни децении од неговиот живот.

‒Инфраструктурата на почетокот димензионирана и доволна за град од 350.000 граѓани, денес при град со околу 650.000 жители наликува на скелет од адолесцент со мускулатура на атлет.

‒Co премолчен благослов од тогаш актуелната политика планерите во триве изминати децении создадоа град на длабока социјапна и национална сегрегација (Цвеќара, Шуто Оризари, Маџир маало, Ново маало, Капиштец...) што денес е генератор на тензии од секаков вид.

Ника Грабар: Објектите од проектот Скопје 2014 се производ на лошо донесени одлуки

‒Покривањето на Скопје 2014 во километри историцистички фасади е далеку од каква било рационална замисла. Особено во време на економска криза кога на земјата ѝ се попотребни нови училишта и болници од музеи.

‒Објектите од проектот Скопје 2014 се производ на лошо донесени одлуки, што се манифестираат како насилство врз јавниот простор.

‒Вистинската трагедија не е во лошиот вкус во архитектурата кој веќе има направено лузна во деликатната урбана материја што го сочинува Скопје, туку во она што претставува наследство за младите генерации во најширока смисла на зборот. Се чини дека сегашните општествени услови создаваат чувство дека значењето на архитектурата е изгубено.

Борис Чипан: Каква власт, таква архитектура!

Во социјалистичкото време сите градоначалници беа мегаломани и сакаа Скопје да стане милионски град. Јас им велев дека со тоа не треба да се фалат, туку да се срамат. И навистина, вториот ден по земјотресот, кога дојде Циборовски рече: зошто сакате од Скопје да правите велеград, кога цела Македонија е еден град. Еден друг странец, пак, рече дека нам не ни треба влада и парламент, туку градоначалник на цела Македонија. Тоа мегаломанство и концентрација во Скопје на сѐ што ветува заработка го осиромаши останатиот дел на Македонија. Затоа Скопје има многу негативни работи. Сѐ е задушено до крај, од сообраќај, градење, дистанци и друго. За жал, така е зашто архитектура не е само архитектурата, туку тука спаѓа и урбанизмот.

ОкоБоли главаВицФото