Хорорскоп

29.04.2009 10:42

 

„Постојано го гледав како влегува или излегува, но мислев дека е Зафир Хаџиманов“
Анонимна сосетка во истата зграда на белградското предградие , го среќавала маскираниот Радован Караџиќ како Драган Дабиќ

 

Случајот во кој сосетката на Радован Караџиќ, кој бил маскиран како исцелител под име Драган Дабиќ, живеела со години покрај поранешниот лидер на босанските Срби, обвинет за воени злосторства, е само еден од бројните примери како медиумите можат до крајност да ја искриват нашата слика за реалноста. Кутрата старица, сосетка на „Дабиќ“, живеејќи во псевдо-реалноста на својот шлагерски свет, од својот сосед, еден од најбараните осомничени злосторници на денешницата, исконструирала лик на мајсторот на песната во ликот и делото на Зафир. Ако чесно се погледаме себеси, ќе мора да признаеме дека во секој од нас има нешто што нè поврзува со оваа пензионерка, токму заради тоа што „реалноста“ на нашите животи ја конструираме како и таа, со колажирање од фрагментите на медиумските слики расфрлани насекаде околу нас.

Иако социолозите и другите општествено повикани фактори и актери, сложно како антички хор, предупредуваат на влијанието на медиумите, мислам дека ние како култура уште не ја разбираме моќта која ја имаат самите медиуми, и спокојно како старогрчките трагични ликови дозволуваме да нè носи фабулата на нашите современи трагедии. Едноставно не разбираме колку медиумското криво огледало влијае на нашите животи, а критичката свест за тоа што се медиумите и како функционираат кај повеќето од нас чмае негде закржлавена во малите мозоци.

Во рамките на содржините кои се претставуваат и претендираат да бидат фактографски, денес доминираат прилозите и статиите од црната хроника. Ударните вести и насловните страници се преплавени со информации за убиства, силувања, педофилија, чедоморства, инцести, освети, банални убиства, за конечно истите да бидат зачинети со актуелните епидемии и пандемии, како крешчендо на овој жанр на стравот, кој како да се преселил од кино салите во нашите домови преку окната на нашите телевизори, компјутери и весници. Она што некогаш можевте да го најдете на седма или осма страница на нашите весници, денес има таков приоритет кај уредниците, а со тоа и во нашето внимание, што хорор сториите едноставно доминираат со медиумските содржини. Бруталните слики од местата на злосторствата, „возбудливите“ репортажи од лице место, пикантните детали, интервјуата со сведоците или вмешаните, се врв на новинарската посветеност и „квалитетното“ покривање. Сите други стории паѓаат во втор и трет план.

Пред некој ден ни беше онака ладнокрвно сервиран злосторот од Штип каде сопругата го исечкала својот маж, кој пред тоа ја малтретирал, и живо ни беа опишани деталите на злосторот и како таа и нејзиниот син ги расфрлувале деловите од парчосаното тело низ штипската околија. Новинарите, очигледно под импресии од „CSI“ серијалите, се погрижија да ги реконструираат сите поединости и да се пофалат дека како Хорацио Кејн ја истерале „истрагата“ до крај.

Неколку недели пред ова, бевме сведоци на можеби првото медиумско сериско убиство, кога на почетокот од март во текот на една недела се случија три брутални инциденти со осум човечки жртви, сите предизвикани од љубовна одмазда. Не можеш а да не ја воочиш, и тоа како обичен гледач, нивната поврзаност. Медиумскиот форсаж на првиот инцидент во Чешка во која македонски граѓанин застрела 4 лица, веројатно како капка која ја прелеала чашата повлијаела на двојното убиство во Скопје, на што, пак, сериски се надоврза и двојното „љубовно“ убиство во Охрид.

Зошто се овие случаи значајни за вашето почитувано читателско внимание?
Се работи за показни примери како во современите општества се практикува диктатура посурова и од северно-корејската, пототалитарна од иранската и помасовна од нацистичката: диктатура на медиумски посредуваниот страв. Стравот е најсилното оружје на секој медиум. Ништо не може да ве прикове пред вашиот телевизор како стравот: стравот од масакр, стравот од епидемија, стравот од „надворешниот непријател“, од терористичка акција, од бруталниот политички соперник. Дури и порнографските содржини кај зависниците од нив предизвикуваат заситувачки ефект; но не и стравот. Тој секогаш е свеж, автентичен и директен во секоја своја теле-еманација. Фасцинацијата од злото и крвта е само преоблечен Страв, таков каков што можеме да го толерираме за да не вриснеме. Поединечните животи престануваат да течат кога медиумски посредувана „хорор“ сторија оди во етер или печат. Колективното во тебе ја презема контролата врз твоите реакции и свеста, стануваш само клетка во масата која нема свои моторни функции, туку е буткана и туркана од надворешни сили.

Систематско и редовно аплицирање на стравот во различни форми и дози, е еден вид цивилна вежба која публиката ја условува кон соодветни и предвидливи реакции, како песот од експериментите на Павлов, а медиумите ги вежбаат своите „бицепси и трицепси“ за контрола на публиката. Тие ја управуваат публиката и нејзиниот однос кон реалноста преку стравот, а оние кои ги контролираат медиумите со тоа го контролираат општеството. Формулата е едноставна, но во нејзината едноставност се крие и тајната на нејзината ефикасност. По проценка на центрите на моќ, кои секогаш се сведуваат на поединци, вака навежбаните медиумски машинерии за сеење страв, кога и да добијат работна задача, подготвени се колективното „тело“ да го наведат, на сосема демократски начин, кон соодветни реакции и расположенија, во каква и да е зададена ситуација. Што ти вреди слободата на говорот, дебатата, полемиката, и другите крилатици на општествената колективна свест и јавното мислење, кога тие мошне бргу и ефикасно можат да бидат укинати преку потсвесното, отсликано во стравот? Рационалното го завршува својот валцер и почнува чочекот на ирационалното и колективното потсвесно.

Следни важни последици од доминантноста на медиумскиот хорорскоп, покрај контролата, се атомизацијата на општеството, губењето доверба во позитивните човечки вредности, стравот од својата околина, тегобноста и бегањето во сопствениот заграден простор, заштитен од сопствените психолошки и бетонски ѕидови, зад кои единствено можеш да се чувствуваш безбеден од опасностите на животот. Атомизацијата и поделбата на општеството по разни чопоро-центрични групации е само комплементарна методика на контролата, не многу различна од контролата наметната преку стравот.
Ваквиот модел на репресија преку стравот е оној секојдневниот што е најтоталитарен во секаква смисла. Тој е „Mother-ship“ на сите тоталитаризми кои преку истите механизми на заплашувањето и атомизацијата потоа мошне лесно можат да се применат во сите сфери.

Илустрации: Baseman

I have been visiting various

I have been visiting various blogs for my r4i research. I have found your blog to be quite useful. Keep updating your blog with valuable information... Regards

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото