„Скопје 2014“ и големиот Друг на груевизмот (3)

15.09.2016 12:50
„Скопје 2014“ и големиот Друг на груевизмот (3)

Постои и трета константа во наративот на Скопје 2014, која може да се нарече и мета-тема на целиот проект - а тоа е опседнатоста со историјата! Поточно опседнатост со историјата на древна Македонија и на ВМОРО.

Неискажаното

Но дури и во оние делови од проектот каде што експлицитно се нагласуваат (издигнуваат на пиедестал) одредени личности поврзани со историјата на Македонија – нивната манифестирана содржина треба да се гледа како замена за нешто друго, нешто „не-искажано“.

Со неискажаното во наративот (она што Жак Лакан го нарекува Реалното3) се соочуваме на оние места каде врската меѓу формата и функцијата е прекината, т.е. во оние моменти кога формата веќе не ја следи функцијата, и функцијата престанува да ја одредува формата. Она што останува после ваквиот прекин е обопштена естетизација. Врвната точка на ваквата естетизација се статуите „воин на коњ“ и „незнаен војвода на коњ“. Особено интересен е изборот на нивните имиња, а уште поинтересен е јазот помеѓу името на статуата и нејзината симболика. На секој просечно образован човек му е јасно дека воинот на коњ е Александар Македонски, а незнајниот војвода на коњ е Тодор Александров, но авторите на Скопје 2014 сепак решаваат нивните имиња да ги остават неискажани. Некој би можел да тврди дека воинот на коњ не е експлицитно наречен Александар Македонски за да се избегне дипломатска реакција на Грција, но тогаш како да се оправда неименувањето на статуата со Тодор Александров?

Кому тогаш му се обраќаат со оваа симптоматична порака? Одговорот го дава Лакан, со неговото мото дека секој симптом е обраќање кон големиот Друг. Во случајов станува збор за големиот Друг на македонската историографија.

Во овој контекст е полезно да се спомене концептот на Џејмсон за „политичкото несвесно“. За него идеологијата не е само ограничување, т.е. игнорирање на одредени факти на Историјата, туку исто така и потиснување на основните противречности на цели историски процеси. Материјалната сила на идеологијата ја има способноста да потисне историски факти и процеси, на ист начин како што соновната цензура ги потиснува исконските нагони и желби на несвесниот ум. Политичкото несвесно на Џејмсон претставува колективно негирање/потиснување на темелните историски противречја на човечките општества.

Славој Жижек објаснува дека „симптомот се јавува онаму каде што зборот пропаѓа (не успева). Симптомот е еден вид продолжување на комуникацијата со други средства: пропаднатиот, потиснат збор доаѓа до израз во кодирана, шифрирана форма“. Скопје 2014 укажува на вакво потиснување, т.е. негирање на делови од историската реалност.

Она што наративот на Скопје 2014 го прикрива (маскира) се противречјата во официјалната македонската историја, регулирана од МАНУ, во врска со древна Македонија и ВМОРО/ВМРО. Не можејќи да ги симболизираат овие противречја, авторите на Скопје 2014 проблемот го решаваат преку нивно потиснување и де-симболизирање, а со тоа и нивно редуцирање но попримитивна (имагинарна) форма на изразување. Ваквата естетизација на противречните историски настани и личности, т.е. нивното претворање во статуи, слики, рељефи и др. претставува обраќање кон формата (телото) како гол темел на идентитетот. Статуите на Скопје 2014 се форма без содржина, означител без означено. Тие се испразнети од значење и извадени од местото кое го заземаат во контекстот на историските процеси како празни означители играат улога на неми статисти во театарот на Скопје 2014.

Но иако испразнети од симболичка содржина, тие сепак „функционираат“, давајќи му структура и доследност на наративот. Како празни означители, кои секој момент (по потреба) можат да се исполнат со ново значење, тие се „сидришта“ (и гаранти) за авторитетот на големиот Друг на груевизмот. Тие се и референтни точки за оправдување на режимските акции против внатрешните и надворешни непријатели.

Пример за ваквото де-симболизирање на личности од историјата и нивна употреба како празни означители за легитимизирање на политики на актуелната владеачка класа во Македонија е Институтот за македонско наследство „Павел Шатев“. Павел Шатев е македонски револуционер и анархист, еден од организаторите на солунските атентати, и прв министер за правда во повоена Македонија – но тој е исто така и комунистички деец и активист на Коминтерната. Овој втор дел од симболичкиот идентитет на Павел Шатев е потиснат/игнориран, и како резултат се добива симптоматична ситуација во која институт основан од десничарска конзервативна партија носи име на македонски комунист и деец на Коминтерната.

Друг пример за десимболизирање на историски личности се воинот на коњ и војводата на коњ, т.е. Александар Велики Македонски и Тодор Александров. И покрај тоа што огромното мнозинство светски авторитети за древна историја потврдуваат дека аристократијата на древна Македонија себеси се сметала за хеленска а државата за дел од хеленскиот свет, и иако сите пронајдени натписи во археолошките локалитети се на старогрчки – сепак официјалната наука во Р. Македонија, раководена од политичките директиви на ДПМНЕ, не ги признава овие историски факти ги потиснува. На ист начин авторите на Скопје 2014 ја третираат и историската фигура на Тодор Александров. Александров е револуционер на ВМОРО, кој по првата светска војна ја возобновува македонската револуционерна организација (овојпат под името ВМРО). Базиран во пиринска Македонија, како раководител на ВМРО и војвода на чети, тој неуморно се бори против српските и грчките поробувачи на вардарска и егејска Македонија. Тој е војвода и неспорен македонски револуционерен лидер, но во исто време тој е и бугарски националист и офицер во бугарската армија за време на балканските и првата светска војна. Повторно, оваа втора страна на неговиот историски идентитет е игнорирана од страна на авторите на Скопје 2014 и поддржувачите на груевизмот.

Иако сведена на ниво на празен означител, непосредната материјалност на статуите воин на коњ и војвода на коњ се доволен гарант за „вистинитоста“ на позициите на груевизмот и за легитимизација на нивната кауза пред симпатизерите на ДПМНЕ.

Кога процесот на формирање на идентитетот е ограничен на ваквата огледална фаза, т.е. идентификување со формата (а не содржината) како основа за идентитетот - тогаш субјективноста на индивидуата, а и онаа на групата, останува да стагнира во доменот на имагинарното. Тоа не е доволно, за жал, таа да го одржи стабилното чувство на идентитет.

Фетишизирањето на македонската историја и идентитет, официјализирано преку Скопје 2014, е радо прифатено од значаен дел од народот – најверојатно како одбранбен механизам од соочување со траумите на сиромаштијата, социо-економската стагнацијата, бесперспективноста, негирањата од соседите, изолација итн. Ова поистоветување со имагинарното како темел на идентитетот, наспроти идентификувањето со симболичното, потсетува на митот за Нарцис и неговата патолошка опседнатост со сопствениот одраз во водата. Она што не смее да се заборави е дека митот за Нарцис завршува со неговата смрт.

Можно решение?

Ваквиот начин на справување со противречјата во македонската историографијата воопшто не е нов феномен. Скопје 2014 и груевистичката ревизија на официјалната македонска историја се само поекстремена верзија на иста пракса кој се одвива со децении, уште од првите години на Социјалистичката Република Македонија.

Станува збор за традицијата, наследена од СФРЈ, на политички интервенции во историската наука. Најјасен пример за ваквите политички интервенции на социјалистичкиот режим е начинот на кој македонската историографија во СРМ ги третира дејците од десницата на ВМОРО. Водечкиот принцип при анализирањето и симболизирањето на делата на дејците од ВМОРО е бинарната логика: левица наспроти десница - патриоти наспроти предавници. Во симболичниот универзум на македонската историографија дејците од левицата на ВМОРО се борци за македонска самобитност и независност, а дејците од десницата се предавници на македонското дело и агенти на бугарски двор. Вистина, пак, е дека како меѓу левицата така и меѓу десницата на ВМОРО постоеле искрени поборници за независна Македонија. Истовремено, и во левицата и десницата имало и такви кои биле поборници за присоединување на Македонија во рамките на бугарската држава. Неискажаното (лакановото Реално) во овој пример, т.е. она што е потиснато и игнорирано е фактот дека огромното мнозинство од раководителите на ВМОРО, а подоцна и ВМРО, имале бугарска национална свест, т.е. се сметале за дел од бугарскиот народ.

Овие моменти од наративот на официјалната македонската историја се невралгичните точки зад недоразбирањата и конфликтот со Софија. Исто така, важни аспекти од конфликтот со Атина се темелат врз начинот на кој македонската историска наука (особено во последните 20 години) ја толкува историјата на древна Македонија.

Проблемот не е ограничен само на Македонија. Во Бугарија и Грција исто така постои силно мешање на политиката во историографијата. И во двете држави многу настани и личности поврзани со Македонија се игнорирани, и на тој начин потиснати во политичкото несвесно. Во Бугарија на пример, официјалната историска наука никако не може да го симболизира фактот дека во втората светска војна илјадници Македонци им се придружуваат на партизаните (вклучувајќи ги тука и оние луѓе чии предци се декларирале како македонски Бугари), и со пушки во раце војуваат против бугарската војска и полиција. За бугарските историчари е сеуште несфатливо дека помеѓу двете светски војни огромното мнозинство од народот во Македонија со голем ентузијазам го прифаќа македонскиот национален идентитет. За да може некако да го симболизира овој факт, бугарската историографија тврди дека народот во Македонија бил изманипулиран, дека поголемиот дел од партизаните не биле етнички Македонци, туку Срби и Власи, итн.

Грчката историја, пак, го доживува како ужасна траума фактот дека во втората светска војна и за време на граѓанската војна во Грција целото словенско население во егејска Македонија, дури и луѓе со потекло од гркомански семејства, го прифаќа и отворено го декларира својот македонскиот национален идентитет - и масовно се вклучува во антифашистичката борба барајќи притоа и статусни права на национално малцинство.

И бугарската и грчката историја имаат свои неискажани делови, кои се невралгични точки во меѓудржавните односи. Но во случајот со Македонија проблемот е поделикатен. Имено, местата кои биле подложни на политички интервенции и потиснување опфаќаат голем дел од официјалната историјата. Без оглед на сè, од суштинско значење за иднината на Македонија е овие проблеми да се разрешат.

Главната пречка во досегашното третирање на „спорните“ историски личности е во тоа што нивните дела се анализирани низ призмата на денешната современа форма на македонска национална субјективност. Со други зборови, во пишувањето на официјалната македонска историја, на овие личности им се проектира современиот македонска идентитет (каков што го разбираме и негуваме денес) – а со тоа тие се вадат од својот историски контекст, и како такви не можат да бидат адекватно симболизирани. Единствен начин да се вклопат во официјалниот наратив е низ формата на празни означители.

Според тоа, демократската власт која ќе дојде по падот на груевизмот е должна да иницира научна конференција на која овие „неискажани“ моменти во нашата историографија ќе бидат искажани и соодветно научно симболизирани. На тој начин, македонскиот национален идентитет не само што нема да биде загрозен, туку и ќе добие посилна и постабилна основа бидејќи ќе биде јасно дефиниран – за разлика од денешната состојба, каде македонскиот национален идентитет под груевизмот е сведен на кловновска копија на хеленизмот.

Доколку биде успешна, ваквата иницијатива би претставувала и прв чекор кон „европско“ решавање на споровите со јужниот и источниот сосед - а тоа од друга страна би создало поволни услови за решавање на другите отворени прашања, вклучувајќи го и прашањето за статусот на македонските малцинства во овие две држави.

Неодложното разрешување на овие проблеми е од непроценливо значење за Македонија од две причини. Како прво, без успешно симболизирање на противречјата во нашата историјата, македонскиот идентитет ќе остане оспоруван и „непотполн“. Како второ, оставањето на овие прашања нерешени ќе доведе до подем на нови груевизми и слични идеологии – да не заборавиме дека главниот означител во политичката реторика на ДПМНЕ изминатите неколку години е тезата дека само оваа партија е способна и желна да го заштити македонскиот народ од оние кои го негираат неговиот идентитет. Сè додека постои основа за македонскиот идентитет да биде оспорувани, ќе постои и плодна почва за виреење на груевизмот или друга слична патологија.

Или овој комплексен и деликатен проблем ќе се реши или македонскиот идентитет ќе продолжи да биде „преоткриван“ и постојано редефиниран преку нови антиквизации и нови проекти од типот Скопје 2014.

Трета опција нема.

(крај)

3 Тука терминот „неискажано“ соодветствува со Лакановото „Реално“. Реалното, според Славој Жижек, е она што е „исконски потиснато“ - не-претставливото Х, на чиешто „потиснување“ основа е реалноста. Наједноставна дефиниција за Реалното е: „она што сеуште не е симболизирано и кое ја избегнува симболизацијата“.

Слики: Anne Buckwalter

Кон првиот дел

Кон вториот дел

 

БИБЛИОГРАФИЈА

“Introductory Lectures on Psychoanalysis”. Sigmund Freud. 1989
“The Lacanian Subject”. Bruce Fink. 1996
“Narrative, Political Unconscious and Racial Violence in Wilmington, North Carolina”. Leslie Hossfeld. 2005
“Psychoanalysis and Architecture“. Aisling Campbell. 2008
“Architecture and Revolution: Contemporary Perspectives on Central and Eastern Europe”. Neil Leach. 1999
“The Political Unconscious of Architecture. Re-opening Jameson's Narrative”. Nadir Lahiji. 2012
“Theoretical Psychoanalysis and Literature”. Jasna Koteska. 2011
“Derrida Vis-à-vis Lacan: Interweaving Deconstruction and Psychoanalysis“. Andrea Margaret Hurst. 2008
“Jacques Lacan (1901—1981)”. IEP. by Matthew Sharpe

Слични содржини

Јавни простори / Психологија / Теорија
Јавни простори / Психологија / Теорија
Книжевност / Психологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото