Кога навистина би можеле да го ослободиме Скопје

15.09.2016 13:40
Кога навистина би можеле да го ослободиме Скопје

1.

Јасна Котеска сосема прецизно посочува на неколкуте суштински точки на „несвесната, „подземна“ логика зад проектот Скопје 2014, на она „што е либидалното јадро што го турка Скопје 2014 да се гради сѐ уште, а цели две години по неговото планирано завршување“: избегнувањето односно одложувањето на прашањето на одговорноста, обидот истиот да стекне право на „нормалност“, финансиско криминалниот аспект … итн. Ама јас би додал уште една, подеднакво битна, ако не и побитна: провинцијализмот сака да му свети пред очите, сака да шљашти, сака „луксуз“, калливи чевли помеѓу канделабри, ужива да се валка во кич како прасе во тиња … Така што сите спомнати аспекти, и многу други, ротираат на вртелешката на мрачните пориви за вечното траење на „Скопје 2014“. Или, ако сакате, Вангелов пред извесно време виспрено потсети на А. Гремас и неговата класификација на сите нешта: во култура (она што е „зададено“) и натура (она што е „дадено“). Оттука, кај оваа сељачана која што мисли дека гради “ново општество“, ова опкружување им доаѓа како „култура“ (се разбира, во наводници), ама провинцијализмот, простотијата и сето она што оди со тоа секако е – натура. И од тоа нема бегање, тоа е нешто дадено, длабоко во нив, неизбежно, како ДНК!

Затоа и сите нивни манифестации, сите случувања во земјава мора да се согледуваат и низ неизбежната призма на провинцијализмот. Но не мислам дека треба да се простуваат, иако се „дадени“ а не „зададени“, иако на „даденото“, во принцип, не може да се влијае. Тука ти е, си го носиш. Но, не треба да се простуваат особено и заради фактот што нивната простотија, нивниот темен вилает влијае и врз животите на другите, на сите нас. Кога провинцијалецот би се задржал во неговото кичесто гуњче кожурче осознавајќи (силен збор за тој тип луѓе зашто тие, во принцип, никогаш и ништо не осознаваат!) го светот низ неговата „шанделир“ призма, тоа можеби и би била негова (лична, „дадена“) работа. Ама не, тој сака да диктира, да води, да раководи … та дури и да гради … неговиот идеал е тотална провинцијализација!

2.

Не знам зошто сето ова ме потсетува на редица „наши“ (не)културни настани, фестивали, изложби … па и на неодамнешното отворање на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ и реакциите апропо истото. Можеби заради истите синдроми спомнати погоре, а од кои што не можеме да се ослободиме веќе цела деценија. Провинцијава заседна веќе долго и се виде себеси барокен европеец, во лакирани чевли и костуми „Битсиани“ и кринолини од некоја наша „генијалка“. А од ушите му ѕирка праз! Или од газот, сеедно.

И му засмета голиот човек. Оној, на сцената. Ама и како би знаел дека Ненад со „Голтарите“, и Македонија со него, ја апсолвираше темата пред многу години. А и да не беше така, како би можел нашиов „конзервативен“ провинцијалец да го прочита она што му се случуваше на сцената во Битола? Кога би можел навистина да го доживее Мартина Кочовски, не би бил провиницијалец, нели? А Долерес без чевли? Какво светогрдие на една државна манифестација!

И бидејќи веќе ги спомнав „Браќа Манаки“, Шербеџија искажа една генијална мисла. Вели: „Ова е филм за Скопје, снимен во Битола“! И тоа е најголемата вистина за филмот генерално – една голема шарена лага која што може да ви продаде се’ за ништо, и обратно. И затоа, впрочем, е убав. Освен кога самиот живот станува поголема лага и од филмот, продавајќи ништо – за се’. Како овој нашиов живот, воден од провинцијалциве на кои им пречи голиот човек. На сцена. Ама не им пречи на платната на нашиот никогаш непрежален Ацо Станковски звани Сарајлија, кога им ги поттура под нос божем Александар и Роксана. А оваа уште трудна! Тогаш и Хорхе и целиот државен врв доживува оргазмички просветленија и се замислува во нивно друштво. Дури и без облека, ако треба. Ќе го голтнат и тоа нашиве конзервативци, само да се со Александар.

Како што, впрочем, изголтаа и се’ друго што им го сервираа провинцијалниве кловнови – од милионски кражби до убиства, од корупција до манипулација, од партизација до фашизам. Мек, додуша. Ама светликав, шљашти, боли глава!

3.

И Медо, во Битола, кажа една голема вистина. За филмот, македонскиот. Ни тоа не им се допадна. Веднаш се организираа да одговорат. Всушност, секогаш добро се организираат. И толпата им е дадена.

Ех, кога навистина би можеле да го ослободиме Скопје!

Слика: Marty Olsen

Извор: https://teodosievskiumetnost.wordpress.com

Слични содржини

Јавни простори / Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Јавни простори / Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото