Феноменот на коњот и лавот во современата македонска монументална „уметност“ (3)

16.09.2016 11:19
Феноменот на коњот и лавот во современата македонска монументална „уметност“ (3)

Македонската историја сè уште е преполна со тајни. Денес особено. И секој ја допишува каде и како ќе стигне. Особено Македонците. Како историјата да е елемент на (раз)говорна традиција, или бајка во која секој вметнува по нешто што му се чини прикладно за одредено време, за одделни ситуации и(ли) потреби, а според актуелната диоптрија. Којашто, се покажа(ло), е најчесто патолошки искривена. За среќа, останати се и оригинални документи, сведоштва, фотографии … особено фотографии.

Иако и фотографијата умее да биде лажлив „документ“ – што веќе многу пати било потврдено низ не така долгата историја на фотографијата – таа сепак (со мали резерви) може да се третира како уверлив аргумент. Некогаш многу поуверлив од интерпретацијата, дури и кога истата доаѓа и од наводно компетентни (посебно македонски) историчари. Или, особено кога доаѓа од неколкумина од нив, кои уживат да раскажуват за македонската историја како да биле рамо до рамо со вистинските учесници. И со каква занес, со каков жар тие тоа го прават, како да ѕиркале низ клучалница!?

Во овој контекст, иако не можам себе си да се сметам за историски добро поткрепен, еден пример за нашето толкување на настаните ми останал во сеќавање. Тоа е таканаречената Епопеја на Ножот, историски настан во којшто, според тврдењата, „Педесет и четири Македонци ја испишаа највеличествената страница на македонската историја по Илинденското востание, саможртвувајќи се на каменестиот врв Ножот во близина на Плетвар, пред 100 година на 14 јули 1907, на вториот ден по Петровден. По долгата борба со турскиот аскер на жешкото јулско сонце, откако им снемува муниција, преостанатите живи комити легнале врз последните бомби и колективно заминале во смрт“1. Наредниот ден, велат, на местото на настанот дошол еден италијански капетан (Џузепе Луци), кој снимил фотографија на лице место, која што денес се смета како доказ за херојството на овие комити. Не сакајќи воопшто да спорам со аргументацијата или да го доведувам под сомнение тоа што се случило на Ножот, сепак, фотографијата како валиден дикумент, поставува (барем) две прашања.

Прво, на неа, и тоа во прв план, се гледаат две (а во позадината уште неколку) безживотни тела на комитите. Тие не сведочат во полза на приказната за нивната смрт односно тоа не се тела што биле разнесени од бомби! Тука фотографијата не може да лаже дури и да сака. И второ, еднакво интересно, телата на фотографијата се целосно разголени, без облека. Што пак, повторно, наведува на неколку прашања (да не речам сомнежи): зошто телата на комитите се целосно голи; кој им ја соблекол облеката; и со каква цел …? Едно е сигурно – тие не го направиле тоа самите, зашто не би сакале така недостоинствено да загинат. Второ, бомбите активирани со цел да се самоубијат преостанатите борци секако не можеле така „селективно“ да дејствуваат (само) на облеката. Трето, телата на фотографијата не сугерираат таква насилна смрт. Ако пак разголувањето на комитите го направил турскиот аскер (како што сугерираат некои), прашањето е – зошто? Кому му требало да соблекува мртви комити, и заради што? Едно прилично чудно „објаснение“ го тврди токму тоа, дека „Наеднаш чуката поцрне од аскер. Дел од нив се оддадоа на грабеж, сооблазени од облеката и обувките на четниците2. Што упатува на тоа дека турските војници ја пљачкосувале облеката на четниците. А што е прилично наивно, да не речам детски, кога се знае дека турскиот аскер во тоа време (особено по модернизацијата на армијата од страна на Селим III и Махмут II) важел за една од најдобро опремените војски во Европа. Зошто тогаш турските војници би ја одземале сиромашната облека на комититите?

Можеби и сите овие прашања, да не речам сомнежи, се непотребни, ама: нешто во оваа приказна недостасува! Или, ако сакате, фотографијата како документ противречи на приказната / митот како квазидокумент. Како и во многу други комитски (современо прераскажани) приказни и „толкувања“, за современа употреба. Како и да е’, поентата беше дека дури ни не така далечната македонска историја не ни е баш докрај чиста, јасна, научно интерпретирана, без „зачински додатоци“ со претерано сомнителен национален (да не речам – националистички) вкус.

Или, ако сакате, не можам да се сетам на некоја фотографија на која што се гледа комита на коњ. Освен една на комитата Ѓорѓи Сугарев. Не велам дека ги нема(ло), ама … На стотици, илјадници оригинални фотографии ќе ги видите македонските комити во полна воена опрема: пушки, пиштоли, бомби, сабји, ножеви, реденици … Ама коњи – нема! Дури ни војводите или опеаните херои (Делчев, Карев, Тошев, Пиперката, Александров, Сарафов …) не можете да ги видите на коњ. Можете да се восхитувате на различните униформи (Александров, Сарафов), на воружувањето и позите при фотографирањето (Ј. Пиперката), и слично, ама тешко дека ќе видите до нив четвороножно животно што барем малку заличува на коњ!

Ако овие командни личности навистина поседувале коњи, тогаш недвојбено дека ќе барале да бидат фотографирани на истите, во борбена или слична поза. Велат дека комитските војводи уживале да се фотографираат пред секоја битка. Тогаш – зошто не на коњ, ако веќе го имале? Во секој случај би делувале подостоинствено, ако не поборбено. Меѓутоа, такви фотографии (барем во јавноста) нема. Едновремено, и македонските комитски чет(н)и(ци), наредени за фотографирање, по правило се седнати, легнати, или стојат, ама никогаш во близина нема ни коњ, ниту магаре. (За лав да не правиме муабет!). Ни за лек.

Оттука, од каде таа идеја, денес, сите тие комити – знајни и незнајни – да се претставуваат токму на коњ, како јавачи не баре од Дивиот запад или произлезени од некој од филмовите на Џон Форд. Особено последниве споменици, оној на војводата Пере Тошев, Никола Русински … и претходно на Васил Чакаларов, Тодор Александров, Борис Сарафов, на Даме Груев и Гоце Делчев … сите тие се седнати на коњи не баре цел живот јавале низ македонските прерии. А генерал Апостолски се осмелиле да го претстават, онака исправен на коњот, како некаков каскадер на Џон Вејн!

[1] Виктор Цветановски, Епопејата на Ножот 100 години сведочи за македонската драма, Утрински весник, 12.07.2007
[2] (Аноним), Битката на ножот, Македонска нација (веб портал), 14 јули 2010

Извор: https://teodosievskiumetnost.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото