Кого ќе го менуваме од власт – ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ? (Басната за змијата и магарето)

16.09.2016 10:31
Кого ќе го менуваме од власт – ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ? (Басната за змијата и магарето)

Кого ќе го менуваме од власт?

Прашањето “Кого ќе го менуваме од власт?” не е веќе толку едноставно како во годините кога на власт беше коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. На пример, пред изборите во 2011 година, за секој вистински опозиционер беше кристално јасно кого ќе го менуваме од власт. Се знаеше: Ако сакаме промена на власта, мора да ја смениме коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ на чело со криминалецот Груевски како премиер. По “Договорот од Пржино”, откако СДСМ стана дел од владата, а Груевски даде оставка, работите се искомплицираа со поимањето на власта. Сега, во 2016, за некои е многу логично да се постави прашањето: “Кого ќе го менуваме од власт – ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ или и СДСМ како дел од власта?”

Токму во оваа насока почна да размислува и да се однесува дел од опозицијата. Некои од опозиционерите-интелектуалци почнаа да го третираат СДСМ како дел од власта, а не како контролор на власта пред изборите. Дел од критичарите на режимот почнаа да го напаѓаат и Зоран Заев како дел од проблемот, а не како дел од решението на проблемот. И, “шу праиме” сега, што би рекла поранешната министерка на МВРО позната по хитот „ливче нека снема”? Кому најмногу му одговараат вакви кавги и расколи во опозицијата, на неполни три месеци од изборите?

Басната „Ни змија, ни магаре“

Да се потсетиме на опозициските кавги пред повеќе од пет години, некаде пред изборите во 2011. Дали и тогаш имаше слична медиумско-пропагандна опседнатост со СДСМ и Бранко Црвенковски, иако тогаш СДСМ не беше дел од власта? Дали ги научивме лекциите од 2011, кога опозицијата не настапи здружено, туку дел од неа почна со кампања и против опозицијата?

Се сеќавате ли колку неславно заврши кампањата “Има излез: Ни змија ни магаре” за опозициската партија ЛДП која се одлучи самостојно да настапи на тие избори? Во кампањата подеднакво се таргетираа и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, и Никола Груевски и Бранко Црвенковски, а ЛДП се себепромовираше како “трета” опција. Најтрагикомичен момент од кампањата беше кога дотогаш уштирканиот лидер на ЛДП Јован Манасиевски како “урбан лик” го посети Кратово, народски касна лепче и солца и заедно со Розе (во бело шалче) заиграа орце среде Кратово на народната песна “Море сокол пие…”. Главна атракција на народниот митинг на елитистичката ЛДП беа вистинско магаре (водено од млад човек со маица “има излез”) и питон околу вратот на еден партиски активист како илустрација на кампањата “Ни магаре, ни змија”.

Паметам дека во 2011 на привремена работа во опозицијата беше и поранешниот портпарол и заменик на Груевски како премиер, Ивица Боцевски. Во ЛДП толку му веруваа дека е прекален опозиционер и борец против “султанизмот” на Груевски, што го наградија со високо место на самостојната пратеничка листа. Со Боцевски/„Двоцевски“ како најкрупно засилување, ЛДП во 2011 храбро и полетно зачекори во уривањето на режимот, за да го спаси на избори народот наш, ем од змијата, ем од магарето.

И, како завршија ЛДП на изборите во 2011? Многу поучна приказна. Со нивни зборови кажано, ем змија ги апна, ем магаре им го бапна. По изборите се виде дека мнозинството од ЛДП испаднаа насамарени, а нивните гласачи се почувствуваа измамени. Наместо неколку пратеници (ако беа дел од опозициската коалиција), ЛДП освои 0 (компир) пратенички мандати, а 16,5 илјади освоени гласови отидоа во “бунар”. Во 2011 во “бунар” отидоа и 28.2 илјади гласови на ВМРО-НП, речиси 20 илјади гласа на “Демокрација е Ре – Партија за нова демократија”, 17 илјади гласа на “Обединети за Македонија”, 8.8 илјади гласови на “Достоинство”. Сите овие партии не освоија ниту еден пратенички мандат, иако ќе освоеја барем 10, ако настапеа заедно, а Македонија беше една изборна единица. Ако се соберат сите опозициски гласови што не освоија мандат, се добива бројка од околу 90 илјади гласа, а разликата помеѓу големите коалиции на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во 2011 година изнесуваше под 70 илјади гласови. Накусо, тогашната влада успеа да се задржи и да го зацврсти режимот и покрај тоа што немаше доверба од мнозинството граѓани. Тогаш за ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ гласаа вкупно 49.2% од гласачите, а заедно освоија дури 68 мандати, односно беа наградени со 8-9 мандати од изборниот модел (чичко “Донт”).

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ дојдоа на власт во 2011 со злосторнички методи

Се разбира дека можеме да ја критикуваме тогашната опозиција дека немала добра стратегија пред изборите во 2011. Можеме да ја критикуваме и за избрзано признавање на изборниот пораз, на пар часови пред грозоморното убиство на Мартин Нешковски, и пред политичкото апсење на Љубе Бошковски. Но, не е правично подеднакво да се критикуваат жртвите со џелатите.

Сега ни е уште појасно дека опозицијата беше жртва на голем криминал и неправда на изборите во 2011. Сите бевме жртви на масовно прислушкување, а злосторничкото здружение за изборен криминал немаше да освои ниту 49.2% од гласовите ако не ги користеше злосторничките методи, детално опишани во “извештајот на Прибе” и нотирани во истрагата на СЈО за “Титаник”. Сега, откако ни е јасно дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ дојдоа на власт во 2011 со злосторнички методи, не е фер да ги критикуваме опозициските партии кои жестоко се спротиставија во 2011 година на злосторничкиот режим. За жал, заслужената победа им беше одземена од злосторничкото здружение со груби фаули, гол од офсајд и уште еден гол од непостоечки пенал досуден во 91-та минута.

Поуки од басната за змијата и магарето

Какви поуки можеме да извлечеме од изборите во 2011 година?

Најбитно, само здружена опозиција може да го победи овој режим на избори. Сега е многу поедноставно да се согледа ова отколку во 2011, кога голем дел од опозициските партии сами отидоа на избори.

Поучени од 2011, оние партии кои што навистина сакаат да дојде до политички и општествени промени во Македонија ќе се приклучат на здружената опозиција која настојува да формира ново парламентарно мнозинство за да го смени постојниот режим на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Партиите што нема да се приклучат на здружената опозиција (без оглед на нивните добри или лоши намери) практично ќе помогнат за одржување на „статус кво“, исто како што тоа го направи опозициската ЛДП во 2011. Кампањите од типот “Ни змија, ни магаре”, “Ни Курто, ни Мурто” одмагаат во создавање широк фронт против режимот и практично му помагаат на корумпираниот режим на Груевски и неговата забегана фамилија да се одржи на власт.

Исто како во 2011, кога сегашниот амбасадор Ивица Боцевски глумеше бескомпромисен опозиционер, и сега имаме активни политичари кои глумат жестоки опозиционери, а практично работат на оневозможување на широка опозициска коалиција која е најголема закана за постојниот режим. И сега, како пред 5 години, некои се обидуваат да водат кампањи “Ни змија, ни магаре” за одлевање на опозициски гласови во „бунар“. И сега некои се обидуваат да ги насамарат граѓаните со нови верзии на басната за змијата и магарето.

Ако сме паметни, и учиме од грешките, ќе извлечеме поука од изборите во 2011 и ќе ја здружиме сета опозициска енергија против злосторничкото здружение за изборен и друг криминал. Набрзо ќе се види кои политичари и јавни личности само глумат дека се за пад на режимот, а кои навистина се борат за пад на режимот.

Извор: http://slobodna.mk