Баш ме заболе

16.09.2016 12:53
Баш ме заболе

Серијата умерени земјотреси го извади најчовечкото, најгрижливото и најемпатичното од нас. Во 48 часа успеавме да ја почувствуваме сопствената ранливост, конечноста на животниот век, но и да се заштитуваме заемно, да се грижиме за другите, да се информираме и организираме. Со други зборови, да ја градиме сопствената безбедност и благосостојба заедно. Чудно како природните катастрофи успеваат да нè направат свесни и активни граѓани. Чудно, зашто тоа досега не го направила ниедна катастрофа со човечки лик. А ги имаме во нашето општество многу. Дури и премногу.

Отсуството на здружени акции и солидарност во справување со корупциски или демократски катастрофи го покажува степенот на политичка (не)култура кај еден народ. Што ќе каже просечниот Македонец на фактот што вработените во скопска леарница со денови штрајкуваат поради неисплатени плати и придонеси? „Баш ме заболе, не работам таму.“ Што ќе каже просечниот Македонец за рушењето на домовите на Ромите што сега се на улица: баш ме заболе, јас си имам дом. Што ќе каже просечниот Македонец на фактот дека со нашите пари раководи и располага една мафијашка и мегаломански алчна банда: баш ме заболе, сите крадат. Па сепак, едно општество претставува економска, здравствена, културна и индустриска инфраструктура чии делови се меѓусебно исплетени и зависни. Болката на бездомните Роми денес не нè афектира директно, но таа рана која никој не ја лекува може да биде повик за граѓанска солидарност и акција за лекување на сиромаштијата во нашата земја. Починатата пациентка од лекарска негрижа е болка за нејзиното семејство и блиски, но нашиот влез еден ден во здравствениот систем што убива наместо да лекува е неминовен, а за исходот подобро е навреме да се погрижиме. Конечно, сечија болка е заедничка болка.

Додека обезбедувавме една елита со сеизмички градени станови по најнови стандарди, додека им ги плаќавме мерцедесите од пола милион евра, додека им ги покривавме дебелите патни трошкови, ги облекувавме во брендови и шетавме по израелски плажи, ние се гушевме се подлабоко во сопствената болка, осиромашувавме, заглупувавме, тоневме и се оддалечувавме едни од други небаре сме на пат кон местото на умирање. Додека ним им обезбедувавме живот, се навикнувавме да преживуваме. Преживувањето е човечка трагедија, но уште пострашно е кога просечниот Македонец на преживувањето гледа како на животиште, живот и пол. Тоа не е скромност, тоа е очајно себезалажување. Ние можеме да бидеме или луѓе или статисти на нечија приватна луксузна забава.

Кога третоосомничената во приватен разговор ги нарекува своите увезени гласачи - човечиња, таа не лаже. Политички мртви луѓе се луѓенца, политички апатичен човек е човече. Сè се случи како на филм - вели една од владините кампањи. Токму така, тивко, полека ние се претвораме во човечиња чија животна агенда се врти околу часовите на евтина струја и бесплатен автобуски превоз. Кога, побогу, престанавме да се грижиме за себе и другите и станавме нечии робови? Не, тоа не се процеси во кои свесно се впуштивме.

Тоа се сериозно и обмислено градени контексти во кои амбисот ни делуваше како единствен излез. Науката и истражувањата издвојуваат повеќе причини за политичка апатија кои се разликуваат во дадени контексти/општества/држави. Сепак, некои од нив се повторуваат. Една од тие причини е лошото владеење. Кога една влада се однесува игнорантски кон потребите на својот народ тоа ги демотивира луѓето активно да се интересираат и вклучуваат во политички активности. Лажирањето избори е уште еден начин да им покажеш на луѓето дека нивниот глас не вреди ништо и да ги убедиш дека изборниот циклус најдобро е да си го поминат дома пред телевизор. Казнување политички непријатели од страна на власта е совршена можност преку ширење страв, елитите да обезбедат послушни и тивки луѓе што им ја гарантираат доминантната позиција. Конечно, креирањето слика на опасен надворешен непријател (Албанци, ИСИС, Грци итн.) е стратегија на одвраќање на погледот од вистинските непријатели кон фиктивните, со што се обезбедува непречено и елегантно опустошување на заедничките ресурси заради задоволување на лични манијакални апетити. Партиите на власт навистина работеле 24/7, само на наша штета. Тие не го граделе само центарот на Скопје од стиропор и гипс картон, туку и нашиот живот и нашата држава од евтин материјал и со налудничав изглед. Колку полошо и посурово владееле, толку полојални приврзаници добивале.

И кога денот ти почнува со телефонски јавувања од пријатели од цела Македонија со прашањето - абе, вие таму добри ли сте? Ви треба ли нешто? Почнуваш да се чувствуваш не само побезбедно, туку и почовечки. Сфаќаш колку сме си важни едни на други. Земјотресот можеби нема да нè убие, ама државата е на добар пат да го направи тоа. Овие катастрофи со човечки лица се посилни од природните катастрофи. Тие ја гасат нашата суштина и достоинство. Секој ден, вредно и безмилосно. Кога удираат по еден, тие секогаш удираат по сите. Можеби, моменталната политичка криза е најдоброто нешто што можеше да му се случи на еден клинички мртов народ. Можеби сега е време да си кажеме - да, нас нè боли! и да станеме спремни да преземеме нешто зашто оние што ни се наметнаа како господари, да не се лажеме - баш ги заболе.

Слики: Свирачиња
Извор: Плусинфо

Слични содржини

Ирена Цветковиќ
Ирена Цветковиќ
Ирена Цветковиќ
Ирена Цветковиќ
Ирена Цветковиќ

ОкоБоли главаВицФото