Душан Јовановиќ: Првпат го погледнав „Ослободувањето на Скопје“ на отворањето на Манаки

16.09.2016 12:55
Душан Јовановиќ: Првпат го погледнав „Ослободувањето на Скопје“ на отворањето на Манаки

Филмот „Ослободувањето на Скопје“ во режија на Раде и Данило Шербеџија, го отвори 37-то издание на филмскиот фестивал Браќа Манаки во Битола. Филмот е изработен според истоимената театарска претстава по текстот на Душан Јовановиќ, која од своето појавување во седумдесетите години на минатиот век, направила вистински бум во Југославија.

Јовановиќ вели дека таа театарска претстава во режија на Љубиша Ристиќ своевремено била култна и сензационална, а успехот кој следувал бил глобален. Во австралија ја одиграле 30 пати, а претставата била толку популарна што публиката доаѓала час порано седне на своето место во преполните сали.

Душан Јовановиќ е драматург, писател и професор кој живее и работи во Словенија и чии дела се преведувани на повеќе од десет светски јазици. За својот опус добивал бројни награди на просторите на Југославија и пошироко, а негова најпозната претстава е несомнено „Ослободувањето на Скопје“. Токму Скопје е градот во кој за време на Втората светска војна Јовановиќ проживеал дел од своето детство, па од таму потекнува и инспирацијата да се напише оваа драма. Јовановиќ вели дека за Скопје го врзуваат најубавите и најинтимните спомени на неговото растење, како и најдраматичните искуства на војната, пријателството и животот. Токму во Скопје за првпат го обзела магијата и љубовта кон театарот која опстојува до ден денеска.

-Што е она што се губи и она што се добива, кога една театарска претстава доживува своевидна промена на агрегатната состојба и станува филм? Дали сте задоволен од целокупниот финален продукт на режисерската палка на Раде и Данило Шербеџија?

-Нема некое конкретно правило што се добива, а што се губи. Филмовите се работат по романи, приказни, драмски текстови, или пак се пишува оригинално сценарио и никогаш не знаете што ќе излезе од тоа. Инаку, многу луѓе бараа од мене дозвола да го екранизираат филмот, околу 7-8 режисери. Раде долги години сакаше да го направи филмот, а со него сме работеле заедно многупати. Јас првпат го погледнав филмот во целина токму на отворањето на фестивалов. Претходно гледав само некои сникмки кои не беа поврзани од кои добив некаков впечаток како ќе изгледа, но филмот како целина не се наѕираше. Некои велат дека филмот е пребрз и би требало да биде побавен за да дојдат до израз емотивните делови, но мене ми е ок.

-Која е за вас примарната улога на уметноста, посебно театaрот – да понуди портал за излез од тмурното секојдневие или напротив, да ја отслика реалноста и при тоа да прикаже одредена ангажирана општествено-политичка димензија?

-Тоа е стара дилема, но воедно и обид кој никому не му успеал. Општетството има свој тек, своја судбина, оди понатаму и никого не го прашува. Едноставно никој не може да влијае на тоа, ниту еден поединец или група. Тоа е забрането и минирано подрачје на кое што не можеш да стапнеш, а да не загинеш.

-Скопје е град за кој несомнено Ве врзуваат многузначајни спомени од детството и покрај немилите воени околности во кои сте престојувале. Ја одржувавте ли до сега низ годините поврзаноста со Скопје и како го доживувате градот сега, посебно откако во последните неколку години претрпе интензивен „естетски инжињеринг“?

- Со Скопје имам силни врски. Вотој град бев чест гостин, сестра ми живееше во Лисиче, доаѓав за театарски претстави, а имам и многу пријатели драматурзи. Понекогаш доажав и на снимањето на филмот и се дружев со филмската екипа.Мене пред се ми се допаѓаше она старото Скопје, пред земјотресот, кое беше исклучително убаво. Тоа беше град кој имаше некоја душа. Ова сега на ништо не личи. Отворено велам дека тој „естетски инжењеринг“ не ми се допаѓа воопшто, но мислам дека луѓето со тек на време ќе се навикнат и на тоа, ќе го прифатат и работите ќе продолжат со својот тек. Којзнае што се ќе измислат овие кои што се на власт, бидејќи очигледно прават се што ќе им падне на памет.

-Koja е иднината на театарот? Како најмногу се промени театарската уметност во новиот милениум, кои се новите елементи дискурси кои што сега најчесто се наоѓаат во представите?

-Видете, театарот е наука која многу брзо напредува и се развива, но суштината на театарот секогаш останува иста. Софокле, Есхил, старите Грци се уште останаа некоја ориентациска и вредносна точка. Во секој случај тие нудат еден ориентир на човечност, како и на катарзичното значење на театарот – на пример приказот на тешки гревови проследени од катарза или прочистување од гревовите. Сега пак се прават многу работи во театарот, тој се промени и естетски. Има многу обиди полето и хоризонтите на театарот да се прошират и театарот да се насели во сите можни нови контексти. Но, значајните творци на денешницата се свртени кон суштината на театарот онаква каква што отсекогаш била. Тие се уште ја истражуваат човечката природа и општеството.

Што работите во моментов?

-Сега во Словенија работам една драма на америчката писателка Џенифер Хејли, „The nether“. Тоа е драма за педофилија, која сега е преселана на интернет и тука се поставуваат етичкото прашање - ако се реализираат опаките страсти во виртуелниот свет, дали тоа е се уште злосторство? Главниот лик во таа драма вели,таков сум, непоправлив, па затоа се повлеков во виртуалниот свет. Но, оваа млада истражувачка смета дека од морална гледна точка тоа се уште е злосторство.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото