Македоња, тој мрачен предмет на желбите

17.09.2016 10:09
Македоња, тој мрачен предмет на желбите

„Непријателот може делумно да го уништи човека, но потребен е добронамерен и неразбран пријател за да ја заврши работата и да ја доведе до совршенство“. Вака Марк Твен - тој маѓепсник на отровниот хумор - ја коментира улогата на нашите меѓународни пријатели во разрешувањето на „политичката криза“. Зачуден како тоа тој ги квалификува како „неразбрани“ Соединетите Држави и Европската Унија – светскиот Олимп на либерализмот и неприкосновениот Парнас, планината на демократските музи, го запрашав Твен за коментар. Му велам: Марк, да го употребиш атрибутот „неразбран“, демек, непромислен, за колевките на либералната демократија и глобалните чувари на демократските вредности, нели е малку неразумно или, дури, необмислено од твоја страна? Ми се насмеа генијот низ кралемарковските мустаќи, додека старечката горчина му се пробиваше низ чадот што го пафкаше од лулето. А, бе, дете, ми вели тој, не сум неразумен јас, што ве гледам и ве жалам како чемреете со години мамени, крадени и силувани од разбојничка банда што ви ја украде државата. Туку, вам кај ви е мозокот, кутраци, што целото тоа време се надевате дека проблемот ќе ви го решат силните меѓународни пријатели – и тоа истите оние што така нападно дипломатски неутрално го набљудуваа децениското траење на злочинот!? И, се уште мислите дека во меѓународниот поредок империите можат да се однесуваат како луѓе – со човечка логика, чувства и доблести, па да можете од нив да ја очекувате пријателската лојалност и емпатија! Ееееј, рдокви едни наивни, се вцрвени во лицето Твен, не ли го читавте лордот Палмерстон, што уште додека јас бев дете му ја објасни на светот разликата во релациите помеѓу луѓето и државите!?

Тука го баталив избувливиот старец и се фатив малку за книга да го најдам тој лорд што заслужил и Твен да го споменува. И, навистина, ја читам концизната дефиниција на лордот – што испадна дека е до денес безброј пати цитирана, од што не малку како да е излезена од устата на други државници. Вели тој: „Англија нема вечни пријатели, Англија нема постојани непријатели, Англија има само вечни и постојани интереси“. Верно вели лордот Палмерстон, државите не можат да имаат пријатели - та немаат тие ниту мозок, ниту пак душа на човек! Државите – а империите уште појќе - имаат трајни и постојани геополитички интереси, а нивните вицеконзули и амбасадори, емисари и протектори имаат за цел во земјата домаќин да ги претставуваат и штитат токму тие интереси. Што значи дека тие (амбасадорите) не се испратени во библиската земја да ни помагаат нам - на најстарата бела раса на земјата и колевката на сите цивизации на петте континенти, ха-ха, а можеби и пошироко – заедно да ја одзатнеме преплавената партиско-мафијашка септичка јама чиишто ѕидови вемерето успеа да ги совпадне со државните граници. Не. Нивната единствена улога е да ги штитат нивните империјални интереси, и да влијаат на развојот на настаните тука, во библиската земја, на начин што најмногу им погодува токму на тие долгорочни, како што вели лордот, постојани и вечни, геополитички интереси. Тоа, пак, значи дека разбојничката коалиција на ВМРО и ДУИ опстои непречено осум години и ја уништува не само демократската, туку и културната и цивилизациската супстанца на земјата, единствено затоа што геополитичкиот императив за ова парче балканска рељефна збрчкотина – од аспект на евроатланскиот либерално демократски империум – целово ова проклето време беше (и се уште е) единствено политичката стабилност и контролибилност на територијава. Демократијата, степенот и природата на (не)остварувањето на човечките и граѓанските права, социјалните односи, внатредржавните политики и практики се финеси пикнати на дното на долгата листа на империјалните приоритети.

Геополитичката положба на библиската земја е длабоко под половината на евроатланската империја, под таканареченото „меко меше“ или уште подолу, некаде во седалото на големото евроатланско империјално тело, а таму – верувајте ми на збор - стабилноста е најголемата доблест. Империјата својот прибор за шминка и разубавување го употребува само за погорните делови од телото што сака да му ги покажува на светот. Газот – кај што геополитички се наоѓа Македоња Вечна – треба да биде само стабилен, тивок и кооперативен. За да се разбере оваа анална геополитика, треба да се знае основниот империјален тактички принцип: империите секогаш нестабилностите ги „префрлуваат“ далеку од газот, отаде надворешната страна на нивните секогаш подвижни граници. Исто како и во античкото доба, кога бунтовите и војните, делбите и несреќите секогаш се поместуваа подалеку од Рим, како што лимесот на џиновската империја постојано се поместуваше кон соседите. Така што, во земјите преку коишто поминува или треба да помине нејзината граница, империјата е подготвена не само да ја толерира, туку и да ја користи политичката нестабилност, доколку е таа во согласност со нејзините интереси. Во такви ситуации таа е загрижена за демократијата, за човечките права, за граѓанските слободи, таа ги помага и ги финансира демократските движења, кога треба интервенира, а богами, ако треба и бомбардира. Во нашиов случај, кај што границата поминала пред години (и сега е далеку во украинските степи), како што реков, стабилноста е далеку посилниот императив од демократијата. Што во потполност ги објаснува млаките и попустливи, неделотворни и нелогични решенија што вицеконзулите ни ги наметнуваа во име на медијаторската помош во совладувањето на македонската фашистичка голгота. И, повеќе од тоа, токму во име на нивната проценка дека единствениот ризик за стабилноста на регионот е албанско-македонскиот судир, а не состојбите со демократијата и човечките права, целово ова време ДУИ добиваше упатства од империјалните ментори по секоја цена да остане во цврста коалиција со ВМРО-Фашистичка.

Како тогаш, ќе прашате почитувани читатели, претставниците на меѓународната заедница го сменија бескрајно здржаниот и толерантен став кон недемократскиот режим на Груевски и неговата партиска мафија? Промената на односот се случи поради две причини. Првата е тоа што степенот на злоупотребата на државата и непредвидливата инфантилна некомпетентност на бандитите од ВМРО, практично ја разоткрија подготвеноста на режимот да ја жртвува и стабилноста на државата и регионот за да се одржи на власт. Ужасната трагедија во Диво насеље, во која режимот се поигруваше со судбината на земјата и во злосторничка инсценација жртвуваше десетици човечки животи (за остварување на малоумно сценарио во кое режимот требаше ѓоа да ја докаже својата решителност и ефикасност во справувањето со безбедносните предизвици), ги разбуди вицеконзулите на империјата. Поттикнати од заканата за геополитичката стабилност на територијата, тие реагираа – како што сите се сеќаваме - секавично и резолутно. Втората причина е што со „Вистината за Македонија“ беше разоткриена вулгарната злосторничка природа на режимот до таа мерка што со нив стана невозможен процесот на евроатланските интеграции на земјава, а таа суштинска блокада (не формална и ирационална како проблемот со името) повторно ја загрозува стратешката стабилност на регионот. Значи, и двете причини за тоа што империјата побара Груевски и неговата криминална врхушка да ја напуштат власта се сведуваат на единствената работа што од геополитички аспект се „брои“ во нашиот случај – а, тоа е геополитичката стабилност на Македоња, тој мрачен предмет на желбите.

А, што би била поуката од оваа геоанална анализа? Можеби само сознанието дека опозицијата и цивилното општество во Македонија - значи сите што се борат за евроатланските демократски вредности, а против партиско-мафијашката држава – можат да сметаат дека ќе бидат на истата страна од барикадите со претставниците на демократскиот Олимп, само доколку никогаш повеќе не им дозволат на Груевски и ВМРО-Фашистичка да бидат во ситуација на меѓународниот пазар да тргуваат со нашата геополитичка стабилност. Никогаш повеќе.

Слики: Igor Smirnov
Извор: Слободен печат

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото