Мала смрт (LA PETITE MORT)

17.09.2016 09:41
Мала смрт (LA PETITE MORT)

„Во моментов човештвото е во еволутивна криза, криза во која се таи изборот за неговата судбина; бидејќи, достигнато е ниво во кое човечкиот ум има постигнато голем развој во одредени насоки, додека во други насоки е во застој и во збунетост, па не може да си го најде патот... Човекот создаде систем на цивилизација кој стана преголем за неговиот ограничен ментален капацитет и разбирање и за неговите уште поограничени духовни и морални капацитети, преголем е за да може да управува со него и правилно да го користи, премногу опасен слуга е на сопственото заслепено его и апетити.

...На прв поглед инсистирањето на радикална промена во природата на човекот изгледа ја обесхрабрува сета надеж на човештвото за далека развојна иднина; оти трансцендирањето на нашата нормална човечка природа, трансцендирање на нашето ментално, витално и физичко битие е навидум премногу голем и тежок напор и во овој момент за човекот таков каков што е, невозможен (напор)...Но, она што се изискува со оваа промена не е нешто потполно непристапно, туѓо на нашето постоње и радикално невозможно; оти она што треба да се развие е тука во нашето битие и не нешто надвор од него: ОНА ЗА ШТО ЕВОЛУТИВНАТА ПРИРОДА ПРИТИСКА Е БУДЕЊЕ ЗА ЗНАЕЊЕТО НА СЕПСТВОТО, ОТКРИВАЊЕ НА СЕПСТВОТО, МАНИФЕСТАЦИЈА НА СЕПСТВОТО И ДУХОТ ВО НАС И ОСЛОБОДУВАЊЕ НА ТОА СЕПСТВО-ЗНАЕЊЕ, ТАА СЕПСТВО-МОЌ, НА ТАА ПРИРОДНА СЕПСТВО-ИНСТРУМЕНТАЦИЈА. Тоа, впрочем, е чекор за кој целата еволуција беше била подготовка и која ни се доближуваше во секоја криза на човековата судба, кога развојот на менталот и виталот на битието ја допираат точката каде интелектуалната и виталната сила достигнуваат одредена кулминација на тензија со нужност да пропаднат, да се повлечат кон вкочанетост на пораз или во починка на непрогресивна летаргичност, или, да си го распараат патот преку копрената наспроти која се напрегнуваат…“ (Ш. Ауробиндо, The Life Divine)

LA PETITE MORT се случува во секој момент.

Секој момент умира нешто во нас, се деконструира стар и се конструира нов склоп. Тоа можеби е и пулсот на елан виталот, еден континуитет на животот, кој воопшто не е механика која бескрајно се повторува, мртов стереотип, туку секогаш нова свежина и убавина...

Сè додека сме обземени од себична, силно арогантна идеја за себеси, (како на пример дека светот не може да постои без нас - таква некоја голема опседнатост со сопствената незаменливост) тоа е показател дека сè уште сме вкоренети во его- центризмот. Кога ќе почнеме да се доживуваме како Едно-ставност, БЕЛИНА, Празнина (Полна) па дури и „никој и ништо“, тогаш го губиме его-центризмот, значи, се де-центрираме, односно, се транс-центрираме...

Напоредно со тој процесот во прв план избиваат душевни особини како искреноста, чистотата, чесноста, сочувството, емпатијата, грижата за другите, за сите суштества и целата планета, соработка, заедништво, искрена љубезност, љубов.

Просто е неверојатен фактот што нашата ДУША е толку едно-ставна и сосема природна состојба на нештата, небаре ветерот и шумолот на лисјето, појот на птиците.

ПОЛНОТАТА на душата е Сепството, Сепството е Внатрешно Сонце.

ЧОВЕШТВОТО се наоѓа во длабока еволутивна криза, криза во која се таи изборот за неговата судбина.

Човештвото стигна до уште една своја раскрсница, во точка на прекршување, кога императивно мора да ја промени насоката на движење.

Или по инерција ќе продолжиме да се движиме кон уште поголема морална деградација и СМРТ или ќе се бориме за влез во повисок статус и ЖИВОТ.

Затоа, ние луѓето немаме друг избор, освен да се промениме, радикално.

Оти, го потрошивме, така да се каже, го прокоцкавме сиот свој Капитал - ИЗБОРОТ на својата слободна волја, за небитни и помалку битни работи...

Постојат битни и помалку битни работи и многу битни и најбитни. Најбитна работа за човекот е да ја спознае својата ДУША која е универзалната душа во сите нешта. Кога ќе го спознае тоа тој ќе заживее живот во хармонија со себеси, светот, другите луѓе, сите суштества и планетата Земја и Космосот...

Можеби тоа ќе го постигне во овој циклус на Времето и Просторот. Можеби не. Сè зависи од неговата одлука кон кој пат од раскрсницата ќе се сврти и какви акции ќе превзема од сега натаму.

ЧОВЕКОТ ОД ЗАПАДОТ

влезе во Постмодерната ера во потрага по задоволство, Ананда, како вистинско ослободување на неговото битие. Нашата душа е Ананда (радост, блаженост), и таа потрага избликнa како најприроден човечки импулс. Но, Ананда требаше да се реализира во сите нивоа на неговото битие, за вистинско ослободување!

Ние, луѓето, сакаме апсолутна слобода!

А, знаеме ли што е апсолутна слобода? Кога сакаме (да достигнеме) апсолутна слобода, прво, треба да разбереме дека мораме да прифатиме апсолутно тешки задачи кои треба да ги совладаме за да стигнеме до неа, и, второ, да прифатиме потполна одговорност за последиците од нашите постапки! Оти, ако истовремено не развиваме и свесност во и за своите постапки некој друг нашето незнаење ќе го (зло)употреби за свои цели! Во овој наш далеку од совршен свет да се експлоатираат, поседуваат или на друг начин да се манипулира со луѓе може да значи „апсолутна слобода и право“ според нечие друго сфаќања на слободата. Сето време наметнување физичка сила од позицијата на моќ е во игра, суптилно или задскриено, или перфидно, или сосема отворено, брутално.

Логички следува дека ако сакаме СЛОБОДА, значи, прво ќе треба да ја сакаме ВИСТИНАТА ( да ја спознаеме), слободата на Сепството која е неусловена (од било кои и какви надворешни фактори), а, тоа значи да се спознаеме себеси, сопствениот идентитет!

Во таа трка по задоволство, Ананда, човекот го добива или едното или другото: или потполна слобода или потполна неслобода!

Вистинското ослободување е Смирена Радост или Љубов, стварноста на психички-духовното битие! Таа стварност е крајна Едно-ставност, верувале или не! „Токму овој дух е Буда!“ велат таоистичките будисти! Ете, тоа е!

Всушност главната пречка во напредокот на човекот е доминацијатата на обичниот ум. Обичниот ум склучува сојузи со пониските страсти, постојано ја злоупотребува својата „моќ“, и периодично го води човештвото кон разни катастрофи (покрај обичниот ум постојат уште две други нивоа на умот опишани во The Life Divine: Надум, Overmind и Supermind, Gnosis).

Што е всушност постмодерната состојба? Таа е револт против големите мета-нарации (концепти - стереотипи на обичниот ум) кои институциите на власта ги користи за да манипулираат и да ја наметнат својата идеологија и демагогија! Значи легитимирањето на овие Големи Приказни или мега-нарации не се повеќе прашање на вистинитост и правда туку на моќ која се наметнува преку овие концепти. Токму затоа постмодерната состојба е борба на малите вистини на безбројните мали наративи со големите наративи (сега за тоа кој ќе го контролира знаењето и средствата за пренесување на знаењето, бидејќи „знаењето е и ќе биде главен влог, можеби најважниот, во светското натпреварување на моќта...“(Лиотар))

Таквото бескомпромисно отфрлување на категоријата авторитет е меч со две оштрици, но и неизбежен процес низ кој требаше да помине западната култура. Тоа, од една страна, доведува до ослободување од лажните авторитети, но, од друга страна, создава опасна стапица - заробување во авторитетот на сопственото его. Затоа ослободувањето треба да биде двојно: прво, од лажните авторитети, второ, од сопствениот егоцентризам. Вистинско ослободување е состојба на Празнина – како таа на таоистите и будистите! Или, можеби, и како празнината на некои естетичари, како на пример Јулија Кристева, во конекст на прогласување на авторот за празнина, белина, „никој и ништо“. Аскет.

Таа Белина, Ништо, Зеро, кое го нареков и Полна Празнина, колку да се разлачи од дијаметрално различната нихилистичко –десперадо-дефетистичка струја, е придобивка на овој процес на ослободување од лажните авторитети...

НО, ЧОВЕКОТ УПОРНО НЕГУВА РАЗНИ ПОГРЕШНИ ИДЕИ ЗА СЕБЕ!

Најстрашната погрешна идеја која ја негува за себе е идејата дека неговиот живот нема повисока, повозвишена цел или смисла, духовна димензија.

Несвесно воден од таа идеја тој тоне во сетилност, хедонизам, комформизам.

Ја потроши шансата за постепено, нијансирано, преминување во повисок статус и самиот себе се доведе до ѕид. Само со многу болна катарза, со други зборови, со соочување со себеси интегрално, тој, евентуално,ќе успее да се спаси од големата неволја во која западна!

А, тоа нема да биде мала смрт туку ГОЛЕМА СМРТ НА НЕГОВИТЕ ГОЛЕМИ ЛАЖНИ ИДЕИ ЗА СЕБЕ, за светот, за Универзумот и за Креацијата.

И за Уметноста.

Слики:
1) Текстов е дел од поставката на дела на Татјана Миљовска ( слики Бели пламени 1,2 и Ткиво 1,2, масло на платно) во склоп на изложбата La petite mort, во Музеј на град Скопје. Куратор - Емил Алексиев.
2) Татјана Манева, Летна долгоденица, комбинирана техника, 2016
3) Роберт Дандаров, Црно огледало, масло на платно, 2016
и Жарко Башески, Себе-сознавање, 2015-16
4) Шќипе Мехмети, Без наслов, сува игла, 2016
и Татјана Миљовска, Расцут и Пламен, глина, 2010
5) Дијана Богдановска, Крунисување на кралицата на мртвите, 2016
и Татјана Миљовса, Тркалезни форми, гипс, 2010
(Авторката Дијана Богдановска во еден момент се запраша дали рамките од нејзиното дело треба да бидат едноставно празни?! И честитам за Полната Празнина !, Т.М.)

Изложбата La petite mort е достпана за јавноста до 30 септември.

Покрај овие автори со свои дела се присутни: Милан Андов, Тања Балаќ, Атанас Ботев,Билјана Василева, Златко Глигоров, Инес Ефремова, Јана Јакимовска, Петра Јовановска, Јасминка Новковска, Ирена Паскали, Борис Петровски и Мирослава Микица Трујкановиќ.