Те дуа

17.09.2016 15:49
Те дуа

Многу ме интересира што ќе се случеше ако наместо албанскиот се предложеше турскиот како втор официјален и задолжителен јазик во Македонија. Ме интересира што на тоа ќе кажеше целана пропагандна, полуписмена и вкоренета во омраза булумента на Грујо, бидејќи нашиот Коле во последно време негува многу присни односи - најверојатно на диктаторска основа - со тамошниот вожд. Исто така, и двајцата имаат повремени халуциногени пројави - дека некој им подготвува “пуч“; а се вистински експерти во прогон, затворање и етикетирање на политичките неистомисленици...

(Да се разбереме: текстов воопшто не е упатен кон Турците во Македонија, кои од некои други причини имаат поинаква визура кон Ердоган. И тоа е во ред, но во контекст дека тоа е нивно право на толкување, нивно мислење и го почитувам како искажан став, иако не се согласувам со нив.)

Во случајов ме интересираат дпмнеовските горди патриоти, чија организација е формирана за ослободување на Македонија од османлиското ропство. Откако османлиското царство пропаднало и се реформирало многу логично било и тие да бидат расформирани, бидејќи целта им станала бесцелна. Мислам дека токму поради настанатата безидејност или поли-идејност во подоцнежната ВМРО (онаква, оваква, секаква), тие стануваат познати во светот исклучиво по атентатите и по леењето македонска крв, најчесто по улиците на Софија.

И кога ќе си помисли човек дека е тоа најсрамно што можело да ѝ се случи на оваа божем слободарска организација која ја втемели идејата за Македонија како самостоен бисер среде Балканот, тие паѓаат во уште погнасно “свињско корито“ и во време на окупација на Македонија од бугарскиот, италијанскиот и германскиот окупатор, тие стануваат нивни најгнасни и најкрволочни измеќари. Слуги на окупаторот! Фашисти!!!

Кога конечно си помисливме дека ВМРО дефинитивно не може и не смее да биде ништо друго туку богат и контроверзен материјал за историско проучување, по педесетина години мумифицираност, веројатно од преголемото количество крв што во тоа време се пролеа низ целиот Балкан, се повампири и тој последен македонски вампир - ВМРО!

Да, не се срамам од тоа што бев меѓу нивните поддржувачи при уривање на комунизмот (социjализмот), и при освестување на народот дека Југославија сеуште постои само на школските географски карти и дека неминовниот распад ние треба да го поттикнеме, да се освестиме и да реагираме слично како што реагираа Словенците. Брзо отцепување, први или меѓу првите, а не млатење “празна слама“ на сојузните седници за обид да се сочувува СФРЈ, бидејќи тоа не беа седници туку парастоси. Кога сме кај СФРЈ, зошто бе браќа патриоти - а верувам дека 99 % од вас биле ученици, студенти, па и професори во тоа СФРЈ време - не се буневте против изучувањето на уште еден задолжителен јазик - српско-хрватскиот, па дури и алтернативните словенечки и македонски. Тогаш велевте - нема штета од знаење, а и сепак сме една држава. Добро тоа, ама не се побунивте ни на разните начини на асимилација - како што беше ЈНА и единствениот службен јазик во ЈНА, српско-хрватскиот. Понатаму, раритет беше некоја книга преведена на српски да биде преведена и на македонски. Да не зборам дека без одмереност и усул, и без да се парира и со наши производи на македонски јазик, голтавме српска мега продукција на серии, филмови, новогодиши програми...

Впрочем, така е и денес: вашите крадоначалници канат шунд српски “силиконски долини“ и по 20.000 луѓе во публика, во најголем број деца, родени во денешна Македонија, пеат и го знаат српскиот подобро од мајчиниот. Да не ви ги спомнувам тв-началништвата со програма полна со неморал, невкус и естетска катаклизма, пак на српски јазик. Ете за тоа ќе најдете мал милион оправдувања, а се работи за продолжување на еден вид најподмолна српска асимилација на Македонија, која не е запрена со векови.

Од друга страна паѓате во несвест или во патриотски транс, поради предлог нашите деца да го изучуваат јазикот на нашите соземјани, комшии, бизнис пријатели, на луѓе кои се исто така граѓани на оваа земја, со подеднакви права. Албанскиот јазик очигледно ве згрозува и ви пречи, иако е јазик на една третина од граѓаните на Македонија, на наши Македонци со поинакво етничко потекло. Тие се родени тука и семејното стебло во македонското тло можеби е подлабоко од многумина од вас; тука им е домот, бизнисот им е тука, тука го печалат лебот што го носат на своите “гладни пилци“ во гнездото свиено на заедничково тло...

Знам дека со моево писание нема да ви го сменам мислењето. Тоа е така бидејќи вие “Старата Чаршија“ не ја сметате за најубаво урбано место во Скопје, дел од градот кој единствен го сочувал духот. Во Скопје само тој дел го чуствувам како Скопје, како свое; тоа е музеј кој живее и функционира сеуште врз основа на беса, рабуш, ценкање, братство и еснафлук.

Својата младост ја минав во мојата “стара Чаршија“, оти таму беше пулсот на градот и најбитните места за излегување беа таму. Излегувавме во 23 ч. и се враќавме дома околу 5-6 ч. Имало големи љубови помеѓу мене и неколку скопјанки чии мајчин јазик беше, ете по некоја случајност, албанскиот - но не се оптеретувавме, ма не си ги ни поставувавме тие прашања, беа толку небитни, банални, сељачки. Ми беше криво што знам да кажам само “дашури“ и “те дуа“, а таа можеше да изрече сè што ѝ го трепери срцето. Тогаш, и не само тогаш, тоа ми останало до ден денес, кога сум имал некоја мошне битна работа, која морало да биде завршена, попрво се потпирав на пријателите, на браќата Албанци, оти секогаш степенот на поверливост, посветеност и гаранцијата дека “проблемот ќе биде решен“ за некоја ронка превагнувал на нивна страна... Да бидеме чесни и да си признаеме, почесни се и поверни пријатели од нас. Нивното пријателство беше чисто (иако и кај нив некаков црв почна да ги подјадува), но кај нас, кои еден со друг без проблем се именуваме со брат, кај нас пријателството е извалкано со лична корист: дали си влијателен или славен, дали тука ќе има нешто итн. (Однапред велам дека не генерализирам, не сме сите такви, и ние знаеме и умееме да се жртвуваме повеќе за другите, дури и исклучиво за другите, за пријателите, па и да е тоа на наша лична штета; но тоа станува кај нас ретко, како да си пронашол редок стар рудник на Ал-шар.)

Уф... севдахот за раната младост ми ги одвлечка мислите и поентата во поинаков правец... Затоа да скратам, уште подобро да го привршувам записов...

Размислете добро и тоа со ладни глави.

Прво, секое знаење е подобро од незнаење. Потоа, сакале тоа да се случи или не, за некои дваесетина година во Македонија тоа ќе стане нужност, дури и по тие ваши статистички податоци бројките и соодносите ќе бидат многу поизедначени. Зошто да не побрзаме и уште од сега не ја направиме Македонија мултиетничка, секуларна, европска и нерасистичка земја, каде бројките ќе бидат ирелевантни? И трето, дај отворете ги малку зачаурените срца и мозоци! Во Америка, во една зграда, да речеме во Њујорк, живеат припадници на сигурно преку дваесет различни народи од целиот свет, сигурно сите нијанси на човековата кожа ги има во таа зграда, има и хомосексуалци и стрејтери и транвестити и свингери.... секој верува или не верува во што сака - и никому не му е гајле за тоа; напротив, имаат почит кон туѓото порекло, религија и јазик но тоа воопшто не е битно, тоа е лично и исклучиво за по дома....

Ајде да се доближиме поблиску. Еден ваш Вожд (ВМРОВСКИ) има кажано: Македонија треба да стане Швајцарија на Балканите. Тоа не му била лоша идеја, но тој сакал да каже и постигне нешто друго со тоа, а јас сакам да ви зборувам за една поинаква Швајцарија, која има четири официјални јазици и еден од нив е избран за административен, а постои и изворен швајцарски јазик кој нема свое дефинирано писмо и правопис (и покрај тоа има писатели кои творат токму на тој јазик - и пак нема никаков проблем).

Е сега размислите вака: Мислам дека сте ставени пред дилема која, ако не сега, тогаш за десет-дваесет години, ќе стане нужна реалност: децата во Македонија да ги учат и македонскиот и албанскиот јазик како задолжителни, а факултативно (ова е моја лична идеја) да изберат дали ќе проучуваат еден од јазиците на помалите заедници -турскиот, ромскиот, српскиот итн. 

Или да учат англиски или некој друг туѓ јазик и да бегаат од Македонија која вие ја уништувате со својата кратковидост и ретардирање во времето и просторот. И никогаш повеќе да не се видите, освен преку скајп, еднаш месечно; да не ги видите внучињата кои се толку убави бидејќи се резултат на љубов меѓу Македонија и светот, меѓу Македонци/ки со сите други раси на светов!

П. С.

Очигледно не разбравте зошто фрлавме боја, зошто го извиножитивме целиот град. Да, еден дел беше знак на протест, но главниот бунт беше против еднобојноста, еднопартизмот, униформноста, сивилото, свирењето химна на деца во основно школо и нивно облакање во еднобојни униформи со еднобојни партиски обележја (лавчиња)... А пред сè сакавме да ве потсетиме дека постојат и многу други бои и дека сите тие бои се наши бои, универзални бои на современиот свет... Дозволете шаренилото да навлезе во вашите пори, во вашите души... Јазикот е богатство! Со секој нов јазик станувате сè побогати! Не сакате ли да се збогатите уште малку или барем вашите деца да бидат побогати од вас!?

И да не се каете во меланхоличните есенски ноќи кога ќе притиснат сеќавањата од младоста, па да повторувате: “Ах, глуп низаеден, неписмен, прост, зошто не знеаеше повеќе од тоа „Те дуа“...

Слики: Свирачиња