Хиперреалност

19.09.2016 20:03
Хиперреалност

Прашањето на лицитирањето колку македонски војводи навистина имале коњи и колкумина од нив биле фотографирани на истите како да добива „национални димензии“, иако всушност не е баш во центарот на вниманието на овие текстови. И е безмалу ирелевантно. Или, од друга страна, е релевантно во контекстот на некои познати такви фотографии, споредени со денес направените споменици. Еклатантен пример за тоа е споменикот на Васил Чакаларов. Но до тоа ќе дојдам подоцна. Инаку, постои и една фотографија на четата на Чакаларов каде што се гледаат дури три коњаници! Но, што со тоа? И во што би нè убедил тој факт? Дека во тогашна Македонија комитите шетале на коњи како на некогашниот Див Запад? Понатаму, не се спорни ни фактите за коњите на војводата Чаулев, за Сандански, за Питу Гули … И кога веќе го спомнувам Питу Гули, една споредба, само колку за размисла: споменикот на Мечкин камен, оној од Димо Тодоровски, каде востаникот фрла камен врз (претпоставено) турскиот аскер (согласно историјата за битката на таа локација), и овој на Питу Гули, на коњ, во Скопје (иако овој споменик го сметам за еден од подобрите коњанички споменици кај нас!)? Споредбата само како дилема, естетска, се разбира.

Но, сето ова денес има своја (скриена или откриена) тенденција. Современите семиотичари и филозофи постмодернисти велат дека, всушност, во технолошки напредните и постмодерни општества реалноста како веќе и да не постои, туку истата е заменета од хиперреалност. Нам, денес и тука, свесно ни се наметнува една хиперреалност како замена за реалноста, состојба во која што реалното и фикцијата се измешани до крајни, дури непрепознатливи граници, соживеани една со друга и тешко одвоиви едната од другата. Ние веќе немаме механизми да ги раздвоиме и да кажеме каде завршува едната, а каде почнува другата.

Бодријар ја дефинира хиперреалноста како „генерација според модели на реалното без потекло или реалност“. Ние сè уште сме ја задржале оригиналната референца – барем во поголемиот број случаи – но сме создале конфузија мешајќи го „реалното“ со разни симболи и знаци коишто создаваат слика што не постои / постоела! Сме ги задржале имињата и (донекаде) ликовите, ама во сосема видоизменет (да не речам лажен) контекст. „An image without resemblance“ (Deleuze). И тоа дефинитивно е хиперреално (општествено) злосторство!

Впрочем, ние некако свикнавме на оваа македонска хиперреалност. Не само на онаа на плоштадот „Македонија“, туку и на онаа која што секој божји ден ни се сервира низ најголемиот дел од медиумите. Всушност, живееме две реалности: онаа наметната и онаа што не’ опкружува, што ја гледаме секој ден низ улиците. Онаа според која што сме секогаш и секаде меѓу првите – секогаш сме шампиони во бизнис клима, во можности за инвестирање, во животниот стандард, во спортски и културни потфати …, и онаа што не’ удира в лице по улиците или низ вестите на оние малку слободни медиуми: дека се’ поголем број луѓе пребаруваат низ контејнерите, секој четврти македонец живее во беда, дека 300.000 млади се отселиле од државата, дека нивото на загаденост кај нас е над сите светски мерила …! Ние сме нагледен пример за хиперреалност.

Дали навистина толку ни недостасуваа(т) херои, до толку да мораме да ги ре-креираме? Се разбира – не, зашто херои имало и ќе има, но биле луѓе од крв и месо, нормални луѓе со доблести и мани, а Илинденците оделе или пеш или на магаренце, а ретко на „коњи врани“. И дали со тоа им се намалува значењето, важноста за државата и македонската историја? Можеби, но само кај полуписмени идиоти за кои формата е побитна од суштината. И кои цел живот страдале од комплекс на помала вредност.

Дали целта на оваа галопирачка скопско-македонска хиперреалност е (одново) да креира херои-модели на кои ќе се восхитува и огледува денешната младина? Зарем некој денес навистина може да биде толку неук и наивен да помисли дека современи модели за младата генерација можат да бидат комитите, гемиџиите … илинденците, па нека се качени и на слонови, а не на коњи? Се разбира дека тие треба да се учат, да се паметат, да се чествуваат кога им е времето, ама – од нив да се создаваат нови култови? Па малку ли ни беа култови? Или оние социјалистичко комунистичките беа лоши, ама овие се – добри? И кој тоа одлучува кои се лоши а кои добри? Сигурни ли сме дека се одбрани токму оние кои навистина треба да служат за пример? Како Ќосето? А што ќе прават оние историски личности кои заслужуваат подеднакво јавно внимание, но немаат така силна ПР агенција каква што е актуелната власт, што ги застапува интересите на другиве? Дали и кај нас е на дело Данинг-Кругеровиот синдром на некомпетентност, на неможност да се препознае сопственото незнаење? Да, и тоа отворено го потврдуваа(т) не само некомпетентните политичари, туку и поединци како божемни претставници на „академската“ заедница кои, како паднати од Марс, тртљаат за некаков национален идентитет, за некакви континуитети и слично: „Според мене, тука лежат причините за проектот „Скопје 2014“, во јакнењето на идентитетот, самоидентификација. Целта е денешниот Македонец да сфати дека е посебен народ со свое минато различно од она на соседите (се разбира, со нив имал поблиски или подалечни релации), дека Република Македонија не е никаква бановина или окупирана територија. Идејата е да се прикаже дека овој народ има континуитет од антика, преку Словените, до денес, дека во сите тие мешавини од луѓе јадрото е задржано, како посебен народ со своја култура, јазик, обичаи, територија, минато и иднина, па нека биде прикажано и преку спомениците“[1]. Е па, ако навистина, денешниот Македонец се’ уште не „сфатил“ (како да е тоа учење да возиш автомобил!) кој е и што е, дека е посебен народ со своја историја, тогаш тоа никогаш нема да го „сфати“.

Ако самоидентификацијата му е толку комплицирана работа, тогаш не ја ни заслужил. Иако, всушност, ваквите будалаштини служат само како приказни за незрели деца и тенко алиби за потрошените преку 600 милиони евра за идиотштини од типот на оние што секојдневно блеат во нас од националните височини. Или, ако саката, ако националната свест и идентитет така лесно се импутираат преку неколку споменици, и тоа на коњи, тогаш ние сите – односно оние повозрасните – би требало да се чувствуваат Срби зашто со години пред очи (пред Камениот мост) им стоеа натопорени коњаничките споменици на српско-југословенските кралеви Петар Први и Александар Први Караѓорѓевиќ! И? Тие споменици успеаа да не посрбат, како што овие сегашниве ќе успеат да не помакедончат? Или, можеби, ако почесто го гледаме споменикот „Воин на коњ“ (кому не смеат дури ни вистинското име да му го кажат), навистина ќе поверуваме дека сме антички Македонци? Можеби, конечно, има и такви недораснати (или незрели, не знам) луѓе, како тој Сламков и компанија, на кои таквите будалаштини имаат сериозно влијание! А сепак, и покрај ваквите шарлатански „објаснувања“, останаа премногу отворени прашања, премногу дилеми за еден јавен потфат со такви димензии, значење и (особено!) цена на чинење.

Слика: Свирачиња

Извор: http://www.plusinfo.mk

Слични содржини

Јавни простори / Став
Став
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото