Луиз Буржуа (1911-2010): Уметност по мерка на животот

01.06.2010 16:04
Луиз Буржуа

Нејзините цртежи се ревелација. Нејзините платна – силно експресивни, концептуално минималистички сеќавања и толкувања на лични настани.

Нејзините инсталации – надстварни, трансцедентални простори.

Нејзините скулптури - физички, еротични, емоционални, биоморфни парчиња од травматичното детство. Нејзините книги - длабоко искрени, сентиментални, автобиографски белешки. Нејзините истражувања на телото и на женскиот идентитет, ја втурнаа во посебна сензуалност, со која и’ даде нов облик на современата уметност. Нејзиното творење – суптилна рефлексија на нејзиниот живот. Нејзината животна сторија – нејзина бескрајна, вечна инспирација.

Нејзиниот креативен израз е неможно да се категоризира и лимитира, зошто таа секогаш се движи по екстремните рабови на светот на уметноста. Таа често ги преиспитува темите, формите и стиловите. Таа постојано ги менува амбиентите, структурите и материјалите. Таа секогаш создава конфузност кај критичарите. Таа не припаѓа на ниту еден уметнички правец, ниту медиум. Таа, всушност, припаѓа секаде, зошто има доволно храброст, бесрамност, одважност и самодоверба за тоа. Таа е дефиниција за феминистка.

Таа е интуитивна и инстинктивна. Таа е ноторно енигматична, егоцентрична и скандалозна. Таа е редовно презрива и иронична кон јавноста. Таа е дежурна табу тема во галериските кулоари. Таа мрази институции, зошто самата е институција. Таа сосема спонтано и природно го внесе радикалното „женско“ движење во уметноста и му даде свој, сензуален печат.

Таа со своето апстракно скулпторство е пионер во американскиот надреализам. Таа воведе свои, нови визии и правила во уметноста. Таа е хероина на нашето време. Таа и на своите 90 години ја докажува и покажува својата инвентивност, слободоумност, контроверзност и проникливост како животен стил. Таа, како ретко кој жив уметник, имаше огромна чест да има ретроспективна изложба во Музејот на Современа Уметност во Њујорк во 1982 година. Таа ја преставуваше Америка на значајното венециско Биенале во 1992 година. Таа е Луиз Буржуа.

„Јас и не создавам уметност заради уметност или за да импресионирам некого. Јас само го пресликувам животот онаков каков е, и со тоа си олеснувам себе си“, ќе рече таа за своето творештво на XXIII-тото Биенале во Сао Паоло во 1996 година, каде имаше голема изложба на цртежи, слики и инсталации, во/со кои ја дебатираше женскоста.

Иако, според нејзиното видување, цртежите и’ се секундарни во однос на скулптурите, толку многу „што им недостасува моќта на егзорцизмот“ и иако нејзината работа на цртежите ја смета само како предходница за професионалното влегување во областа на скулпторството, Буржуа во сите свои дела, без разлика дали се работи за цртежи, слики или скулптури, ја открива својата вештина да господари со емоциите на посебно жесток, но, сепак, кршлив и ранлив, женски начин.

Далеку од тоа дека цртежите и’ се само скици и подготовки за скулптурите, далеку од тоа дека нејзините надреалистични слики не функционираат како засебни естетски форми или, пак, дека одлично визуелно решените просторни инсталации нè запрепастуваат со своите алузии и асоцијации, но, сепак, есенцијата на творештвото на Буржуа се скулптурите.

Само првиот впечаток и карактеристика за нејзините скулптури е апстрактност и ригидност. Тие предизвикуваат и вознемируваат со својот снажно сензитивен, феминистички набој. Буржуа во нив главно се обидува да се справи со исконската релација „маж-жена“ и поимите предавство, анксиозност, омазда, агресија, посесивност, неурамнотеженост, меланхолија и самотија.

Целата нејзина уметност „раскажува“ многу персонални и многу одредени приказни, меѓутоа, таа мошне брзо и мошне лесно може да се протолкува и процени како универзална заради својата нагласена сугестивност и веднаш воочлива искреност и непосредност.

Буржуа е најповеќе опседната со сеќавањата од детството, неразрешените конфликтни и двосмислени, на моменти и перверзни ситуации со нејзиниот татко, од една, и заштитничката фигура на нејзината мајка, од друга страна... и тоа во типичен, фројдовски манир.
Родена е во Париз на 25. 12. 1911 година, а пораснала во Choisy-le-Roi, мало место во Централна Франција, во семејство од средна класа. Уште како 12-годишо девојче почнува да се издвојува од средината, со своите необично напишани и илустрирани дневници.

Како адолесцент, помага во семејната работилница за изработка и реставрирање на таписерии, каде била задолжена за скицирање на цртежите, како основа за шиење и ткаење на нови и репарација на старите модели. Студира математика на Сорбона, но фокус на нејзиното интересирање е сепак, и единствено уметноста, па дипломира на париската Ликовна Академија. Во 1938 година, емигрира во Њујорк, заедно со својот сопруг, Американецот Роберт Голдвотер, историчар на уметност.

Иако си заминува од родната Франција и Париз засекогаш, домот, семејните теми, приказни, дилеми и фобии, опсесивно ќе ја следат во текот на целиот живот и ќе бидат главната, носечка оска, околу која ќе се движи целата нејзина творечка енергија.

Во Њујорк го започнува својот пробив и првпат го изложува своето типично, јасно видливо, надреално сликарство и гравирање. Сериите слики од овој период (од 40-те години), инспирирани се од пејсажите на регионот Cruise (Централна Франција) и сеќавањата од детството за областа како сушна, аридна и стерилна.

Овие сцени се необјасниви и извонредни, воедно. Таму каде што треба да има апсолутна тишина, таму има и звуци. Таму каде што треба да има мирување, таму има и движење. Очигледно неорганските форми имаат необична органичност: тие потчукнуваат, воздивнуваат, се придвижуваат во вознемирувачко бранување...

Бизарни амалгами од растенија, животни и машини, се субјекти во бројните нејзини цртежи, во периодот помеѓу 1940 и 1950 година. Овие двозначни дела обилуваат повторно и повторно со секвенци од животот на село, шивачката работилница, празнувањата, детските игри, веселбите... Буржуа во нив употребува разни техники (гваш, дрвен јаглен, молив, акварел) на разни видови хартија, преку кои, успешно ги изразува своите длабоки, суштествени вредности и пориви.

Во 1949 година, го прави првото јавно деби како скулптор, во Перидот Галеријата, во Њујорк. Скулптурите од овој период се долгнавести, дрвени и апстрактни форми, кои асоцираат на тотемите од африканската култура со детали од задолжителното предило за волна, асоцијација на таписериската работилница.

И покрај тоа што се сосема различни како медуими, одвреме-навреме, постои фрапантна паралела меѓу цртежите и скулптурите на Буржуа, како што е тоа во периодот на 60-те години. И во дво- и тродимензионалните дела, таа симултано ја повторува рецкавата и набраздена форма на „кумулот“.
Другите нејзини графички творби од 80-те, како сериите Progression и Insomnia се исто така апстрактни, но го немаат тој директен, скулптурален еквивалент.
Во своите најнови серии од 90-те, Буржуа експериментира со необични материјали: исечкани кори од портокал, распрснато мастило, изгорена хартија и сошиени парчиња хартија и картон со коноп.

Особеност на сите овие графички серии им даваат и нејзините коментари, поеми и прибелешки, педантно напишани, обично на опачината од цртежот. Тоа се обично едноставни текстови, практични поенти, кои само го потврдуваат нејзиниот концепт за уметноста, како белешки од дневникот или како моментален физички одговор и искуство на/од розово-синото секојдневие.

„Моето детство никогаш не изгуби од својата магија, никогаш не изгуби од својата мизерија и никогаш не изгуби од својата драма“, вели Буржуа, а кураторите и аналитичарите на нејзината уметност ја потврдуваат оваа изјава и објаснуваат дека позицијата на средно дете во семејството, авторитарната, уценувачки нетолерантната и сексуално настраната улога на татко и’, неговата љубовна афера со нејзината домашна учителка, заштитата на мајка и’, заплетканата мрежа од односи меѓу членовите од семејството, дисфункционалната релација татко-ќерка... само го потенцираат чувството на несигурност, страв, бес, гнев и револт кај младата девојка, кое толку експлицитно ќе го манифестира во своите дела.

„Корпусот на мојата работа“, изјавува Буржуа, „е моето рекурентно идентификување со двата клучни лика од книжевноста на Балзак. Јас сум и Евгенија Гранде и ќерката на чичко Горио. И двајцата – никогаш не пораснаа. Не им беше дозволено.“

Луиз Буржуа развива своја логика на инстинкти, кои многу повеќе ја по/врзуваат нејзината уметност со теми од животот и литературата, отколку со некакви општо прифатени и добро познати и признати уметнички шеми, системи и кодови. Тоа би значело дека кога се зборува за нејзиното творење, треба, т. е. мора да се зборува за материјали и теми, екстрахирани од конкретни животни ситуации, како репресијата, напуштеноста и лутината, копнежот и агресијата, комуникацијата и недостапноста на Другото.

Меѓу многуте нејзини теми, дефинитивно најзначајна е темата куќа или дувло или таканаречената тема „јас – ти“. Но, куќата, не како засолниште, место за комфор, среќа и мечтаење, туку, како простор за неверство, предавство и злоставување. И двата субјекта од оваа тема, потекнуваат од централниот проблем на нејзиниот живот и уметност, кој гласи: да се најде и изрази начинот и значењето на бидувањето и битисувањето со другите луѓе. За Луиз, односот меѓу две личности е најважното нешто и без него, животот би бил безвреден. Оваа релација, што таа ја нарекува „toi et moi“ е најчесто болно и страдално искуство, но сепак, таа е единствената работа за која вреди да се живее. Успешниот меѓучовечки контакт се дефинира како совршено „fifty – fifty“ или рамнотежа и еднаквост.

Темата „toi et moi“ се провлекува низ сите нејзини стилови и субјекти: секојпат кога едната фигура ќе се обиде да „допре“ до другата, секојпат кога две апстрактни форми балансираат, една спроти друга во просторот, секојпат кога балансот е уништен...

„Во моите автобиографски и еротични скулптури, да се трансформираат материјалите во уметност е физичка конверзија, но, не во религиска смисла, туку, исто онака како што струјата се претвора во сила“, потврдува Буржуа.

Тешко е да се пронајде доволно жива рамка од зборови, со која би се врамиле нејзините скулптури, велат психолозите. Обидите, тие да се подредат по некаква еволуција, историско-уметнички редослед, да се сместат во контекст на една или друга уметничка група, се покажаа како неуспешни и ирелевантни. Она круцијалното е тоа што во нејзините скулптури, константно се соочуваме со субјекти кои прижелкуваат, и тоа, прижелкуваат сексуалност. Тие не се веднаш и не се транспарентно сладострастни фигури, но јасно се позиционираат себе си како извршители на сладостраста. Нејзината одмазда и одговор на принудата „сакам да знам“ е да се искреира неред на забранетото. Правото да се знае е право дадено со самото наше раѓање. Изобилието од фалусни симболи во нејзините женски актови (Венера, Филет, Кршлива Божица, Безпомошна Жена), го разоткрива мажот, на истиот оној начин на којшто Пикасо ја „разголува“ жената. Тие се слики од предците, во мистичната приказна за човештвото и подготовка за сексуалниот чин.

Некои од нејзините скулптури издишуваат со слаткоста на еротичноста, други, пак, имаат екстремно дофатливи форми, како сензуалноста, на пример, толку слична и препознатлива во скулптурите на Дега. Без гради или со колонии од пластични и гумени гради, тие калкулираат со симболните референци. Еротицизмот на материјата, супстанцијата, формата... ја ослободува енергијата на либидото. Ако може да се говори за пластичноста на либидото, тогаш нејзините дела делуваат како фантазмагорична конверзија на физичката во либидна енергија. Светот на скулптурите на Буржуа е свет на опипливост. На скулптурите без гради им опонираат скулптури со гради во сензуални форми од камен или бронза. Целото еротично обраќање на овие форми, изненадно, грубо и отсечно е прекинато со завршувањето на работата на скулптурата и недостигот од органицизам, во потполно студен амбиент и во крут и цврт материјал.

Во своето студио, Буржуа чува и користи практични прирачници, грижливо средени според содржината, кои, како да се артикулација на сите нејзини методи и концепти за работа. „Тоа се научни книги за кроењето и шиењето, а создавањето скулптури е само кроење во три димензии“, изјавуваа таа.

Како дијаграмите на телото или како живи сеќавања, нејзиниот стил и однос кон облеката, воскликнува со фразата „За мене, скулптурата е тело. Моето тело е мојата скулптура.“ Фабриката е творец на закани и произведувач на вулгарен еротицизам. Целата таа структура и неумерената едноставност при ткаењето, модниот дизајн, архитектурата, кои употребуваат нагласена конкретност, мануфактурата и работата на облеката... и заведувањето... и мамењето...

„Ова не е само ‘parole antique’. Јас работам со сегашноста. Со вечните, универзалните и секогаш свежите емоции. Особено, со емоциите на насилството, љубомората и стравот.“

Уметноста на Луиз Буржуа е свет во кој мемориите, спротивностите и метафорите се во вечен судир и борба. На мигови, брутално реалните форми се заробени и освоени од оние спонтаните и сировите. Во перманентна конфронтација со инстинктите за чемерот, јадот, стравот и смртта и инстинктот за живот, нејзината уметност е болна и триумфална афирмација на егзистирањето и категорично ДА! за животот.

ОкоБоли главаВицФото