1019 hPa
66 %
11 °C
Скопје - Сре, 22.01.2025 15:47
Колку што мене ми се чини, гледајќи од страна, на десниот дел од македонскиот политички спектар се групираат различни партиски формации, кои некако ја преживеаја конзервативната диктатура на Груевски и Фамилијата. Во своите десет години владеење ДПМНЕ не беше нежна кон никого, но со право може да се тврди дека најголемите грубости сепак се случуваа на десницата, против сите оние што можеа да претставуваат некаква конкуренција на вредносниот систем и практичното однесување на владејачката партија. Не се работеше толку за идеолошка закана по ДПМНЕ – темите за патриотизмот, национализмот и омразата кон Албанците кај нас се веќе одамна тривијализирани низ прагмата на бандитскиот криминал и корупција за останување на власт по секоја, а најмалку по идеолошка цена – туку за загрозување на гласачката „инка“ низ која ДПМНЕ сакаше да ги преточи сите можни конзервативни гласови во оваа земја на своја партиска изборна сметка. Да се остане на власт барем една деценија беше императивот на мафијашкиот проект на Фамилијата и елаборираната месијанска психоделија на нејзиниот предводник.
Лесно се купија сите, на локално и национално ниво, кои за мали пари и голем срам, за скромни синекури или под нежни притисоци и лесни закани решија да ги сменат конкурентските десничарски дресови – на пример, лица како Филип Петровски и слични; имаше еден помал број „потрофејни“ уценети глави – како Љубчо Георгиевски – кои проценија дека им е поисплатливо да си молчат и да направат неколку бизнис-зделки со корпорацијата на власт, отколку да изигруваат херои; а за оние што пружија тврд отпор – името на Љубе Бошковски, се разбира, самото се наметнува – следуваа елаборирани операции за карактерна и политичка елиминација, извадени од историските читанки на неславното братоубиствено минато на ВМРО.
Некои луѓе од неистомислечката десница на ДПМНЕ навистина платија висока цена, покуса само од физичка ликвидација, затоа што не сакаа да ѝ се покорат на Фамилијата. За нив капата долу, не затоа што делиме исти светогледи, туку бидејќи и самиот знам колку непријатна може да биде директната конфронтација со интересите на Груевски и Мијалков.
Незадоволството е општо
Но, како што секоја власт има „бест бифор“ датум на траење, така доаѓаме и до истекување на рокот на владеењето на Груевски и Мијалков, громогласно најавен низ објавените „бомби на Заев“. Во декември годинава треба да се случи демисионирањето на Фамилијата, а шансата во тоа да помогнат, гледам, не сакаат да ја пропуштат сите оние што рефлектираат на (по)изворните вмровски вредности и традиции. Со оглед на големото општо незадоволство во Македонија, не е спорно дека политичката раздвиженост околу Љубе Бошковски, Јове Кекеновски, Стојанчо Ангелов, Љубчо Георгиевски и други, можеби збогатена со релативно скромните партиски потенцијали на Лиле Поповска и Павле Трајанов, сериозно се закануваат да „откинат“ десетици илјади гласови од изборната марабунда на ДПМНЕ. Општо е познато дека на некои од минатите избори збирот од нивните разединети изборни скорови изнесуваше околу 100.000 гласови, што за македонски изборни прилики, ако се здружени и правилно распоредени, може да донесат пристојни 5-10 пратеници во Собранието.
Затоа, сите знаат дека клучно за големината на нивниот сегашен изборен успех ќе биде нивното предизборно позиционирање: Кој сѐ ќе влезе во таа коалиција и со какви персонални амбиции? Уште поважно, ќе реши ли тој предизборен „пакет“ да формира гранде-коалиција со СДСМ или не?
Разни луѓе, со различни мотиви, се јавија со совети во јавноста по овие прашања. Се понудија речити аргументи за и против окрупнувањето на опозицијата, а се заподена и по некоја внатрепартиска и меѓуопозициска кавга на таа тема.
Две дилеми
Јас, пак, преферирам поинаков пристап. Имено, бидејќи сите ставови и сите здружено-раздружени залагања на оваа тема се познати, зошто се троши енергија и време на надмудрувања и политичко калкулантство, кога работите се сведени на релативно прецизна математика? Не им е на СДСМ и на останатите првпат да одат на избори во Македонија со нашиот изборен модел, па ќе седнат партиските изборни експерти и ќе ги пресметаат сите изборни равенки по гласачки места и по изборни единици. Математиката, на неумолив начин, ќе го каже своето. Онаму, пак, каде што изборната математика останува недоречена, се прават истражувања на јавното мнение. Ако добро се подготват, ако совесно се спроведат и ако детално се простудираат резултатите, од тие истражувања ќе се извлечат заклучоците што математиката не може да ги предвиди. А, потоа, со комбинација на математиката и статистиката ќе се дојде до претпоставени резултати врз кои ќе можат да се носат солидни политички одлуки. Ни така донесените одлуки нема да бидат ослободени од ризик некаде и за нешто да се погреши, но тој ризик е неспоредливо помал отколку грешките што ќе се направат ако опозицијата се потпре само на меѓусебните надмудрувања со десетици литри кафе што ќе се испијат во зачадените партиски штабови.
Во суштина, за опозицијата, остануваат две предизборни дилеми.
Првата е колкава е привлечната моќ на евентуалната предизборна коалиција на СДСМ со десничарскиот опозициски блок за оние гласачи што се разочарани во ДПМНЕ и Фамилијата и кои на денот на изборите ќе бираат меѓу останувањето дома или гласањето за обединетата опозиција во која би биле помешани и десницата и левицата? На опозицијата сите гласови против Груевски ѝ се важни, прашањето е со кој предизборен настап тие да се максимизираат.
Втората предизборна дилема е односот на СДСМ кон Албанците и кон тамошниот евентуален обединет опозициски фронт: предизборно да се настапи заедно или одделно? (Еден пријател Албанец цинично ми забележува: „Па, ние, Албанците, ако гласаме за СДСМ, тоа ќе го направиме токму затоа што таму нема Албанци, а не заради Муки?!“... Прво се насмеав, а потоа му велам дека е злобен и дека, иако СДСМ и понатаму нема конкретна и осмислена политичка понуда кон потенцијалните етнички албански гласачи, не треба да се потценува добрата намера ни кај Заев ни кај Мухамед Зеќири за неговото кооптирање во раководните тела на СДСМ.)
Да завршам: И за двете дилеми нема потреба од кафеански и порталски препукувања. Се молат партиските изборни експерти да излезат со своите математички и статистички модели и да нѐ поштедат од политикантски изборни метеорологии. Оти, во декември, Македонија треба сонце да ја огрее, ново сонце на слободата.
Акценти:
Математиката, на неумолив начин, ќе го каже своето. Онаму, пак, каде што изборната математика останува недоречена, се прават истражувања на јавното мнение. Ако добро се подготват, ако совесно се спроведат и ако детално се простудираат резултатите, од тие истражувања ќе се извлечат заклучоците што математиката не може да ги предвиди.
Иако СДСМ и понатаму нема конкретна и осмислена политичка понуда кон потенцијалните етнички албански гласачи, не треба да се потценува добрата намера ни кај Заев ни кај Мухамед Зеќири за неговото кооптирање во раководните тела на СДСМ.
Извор:http://www.plusinfo.mk