Градот што веќе не е мој

21.09.2016 11:09
Градот што веќе не е мој

Вечерва (21.09, среда) во 20 ч. во Клуб-ресторан МКЦ ќе се одржи промоција на поетската збирка „Градот што веќе не е мој“ на Јовица Ивановски, која излезе од печат во издание на Темплум, како книга број 12 во едицијата Градот.

За книгата ќе зборуваат: Влатко Галевски, Владимир Боројевиќ и Иван Шопов. Песни од книгата ќе читаат: Емил Рубен, Ана Голејшка и Саша Павловиќ-Фрешко.

Во продолжение, претставуваме шест песни од книгата.

 

ЗАСКИТАН НА ПОЗНАТ ТЕРЕН

Десет прсти
а ги користиш
само показалците.
Море од мозок но
ти не мрдаш од плитко.
Едно мало срце изабено од љубов.
Твоите вени се најпрометните булевари.
Џигерот-боемска улица (меана до меана).
Притискот ти е зголемен ко волуменот
на музиката што го навредува твојот вкус.
Толкав свет послан за твоите чекори
но ти знаеш до кај ти стига чергата.
Од твојот Триумфален прозорец
гледаш во најголемиот пораз.
На врвот на Водно го распнаа небото.
Вардар тече само зашто мора.
Мостот е замрзнат скок над река,
но нема река што може да поднесе
толку скокови на метар квадратен.
Мислиш дека сѐ си видел,
а ништо не ти е јасно.
Ти си едно збунето дете
изгубено во луна-парк
за ненормални.

24.09.2015


ВРАТЕТЕ НИ ГО ГРАДОТ

Вратете ни го градот
во кој не сте израснале!
Улиците на кои не сте згазнале,
нерамната калдрма
со штрбави коцки.
Костените со стари коски,
тополите кои ги надвисивте
со многукатноста на алчноста.
Вратете ни ја невиноста!
Граѓанството кое го уништивте
умислувајќи си дека сте граѓани.
Вратете ни го плоштадот што го
осакативте со импланти!
Дискотеките кои работеа цела ноќ.
Бристол кој го отвораше изгрејсонцето.
Вратете ни сѐ што ни украдовте!
Ги паметам старите имиња на улиците
и до крај на живот ќе чекорам по нив.
Се лажете ако мислите дека сте ни
го столчиле чувството за убаво.
Скопје 2014 е земјотрес на вкусот.
Вратете ни ги старите градби,
нашите згради од чисти сништа,
изградени да разубават,
не да побијат и испоганат.
Со модернизмот можат да си
поигруваат постмодернистите,
а не архитектите-безрбетници.
Ни во турско не било полошо.
Ни го уништивте градот,
но за тоа нашол лек Нобел,
уште пред 149 години.
Градот убав пак ќе никне,
како германските градови
по Втората светска војна.
Градот пак ќе биде наш,
догодина, кај и да е.

28.06.2015

 

НЕКОЈ ДРУГ ТИ

Ти си санта мраз пред Титаник,
трескот во зората и ехо на иднината.
Мрсулаво дете и заскитан тинејџер.
Модернизацијата ти е минато,
иднината во турско.
Жив пример дека времето не само што
може да стои, туку и оди во рикверц.
Ти си костимограф во театар кој на
сите им дели облеки за маскенбал.
Задоволен просјак пред починка
и уморна курва во осум сабајле.
Распонот на твоите гласни жици –
од експлозии на лелеци до зарипнатост
(и одвај прошепнати радости).
Ти требаат луѓе со слух и врвен диригент.
Само така кренатиот глас на народот
може да ги раздрма ушите на Горниот.
Зиме си најгрд, напролет насмеан,
лете разголен, во магла неодолив...
Познат ко дланка а неоткриен ко лек за рак.
Ме знаеш од бебе, но и јас тебе, од бебе.
Сум ти го мерел пулсот во три по полноќ,
сум те љубел до пет сабајле, па ракија
на гладно срце и гаргара со ноќта.
Утра со младост, лето и сезонска миграција,
и чувство дека сум повторно сам дома.
Нови урбаноними, ориентири – така било
отсекогаш – старите негодувале, младите
се привикнувале.
Птичјите гомна што на споменикот му
прилегаат ко новите споменици на градов.
Твоите најнови недвижности
што треба под итно да проодат.
Кожните болести на фасадите,
оџаците непрочистени ко душите
на станарите.
Бившите паркчиња од кои никнува бетон...
Како ќе го прекрстиш плоштад Слобода,
по името на некој петтоколонаш?
Зајдисонцата на Партизанска,
изгрејсонцата од Железара...
Ти си рудар кој копа во смог,
хигиеничар кој смрди на пот,
бармен кој жонглира со политика...
Немаш смисла за хумор, но некогаш
знаеш да ме насмееш до солзи,
големи, небаре капат од мостот Око.
Те чекам од двете страни на реката.
Никогаш не си бил ксенофобичен, и токму
затоа, кажи му НЕ на национализмот.
Толку убави народи, народности, малцинства...
микс од култури и зачини, што го зачнуваат
но треба и да го зачуваат заедништвото.
Гласовите од минарето и камбанаријата
се среќаваат на иста висина.
Слични сме во нашите инаквости.
Обични луѓе, ништо повеќе.
Ние делови од тебе, ти дел од нас –
ни шеташ низ крвта додека крвавиме
во порите на твојот асфалт.
Круг на животот си ти,
за нас, најупорните, што
сѐ уште наивно ти веруваме
и за ништо на светот
не те менуваме.

27.01.2015

 

ДОЈДОА ВАРВАРИТЕ
(Во сонот сон)

На улицата на барокот
настрадаа најновите фасади.
Потоа еден шрапнел му ја
сотре фацата на воинот на коњ.
Мечот на Филип одлета заедно
со неговата недолжна рака.
Небаре ја читам Камшикот Божји на Замјатин,
но сево ова нема никаква врска со Хуните.
А Скопје не е Рим пред векови,
ниту пак, јас сум Кавафис
за да кажам дека Варварите
се какво-такво решение.
Солунските атентатори
дигнаа раце на себе,
а Илинденците по вторпат
паднаа за Македонија.
Хаос.
Не сакам да сум сведок на овој гнасен чин –
реков и го свртев погледот кога на крајот
сите почнаа да мочаат во новата плоштадска
фонтанта, која, патем речено,
сѐ уште не беше изградена.

24.08.2013

ЗОШТО ГО САКАМ, А ЗОШТО НЕ

Веќе нема да пишувам песни за мојот град.
На прашањето дали го сакам, нема да редам
примери ко некој амбициозен писател,
туку само ќе одмавнам со раката,
како за нешто целосно неважно.
Најпопуларните поети на денешнинава
пишуваат општо, за себеси и за светот,
па зошто јас да се сведам на обичен урбан поет.
Ќе направам пауза и ќе излезам надвор од него,
во светот, вистински или имагинарен.
А ќе му се навратам дури во староста
и ќе бидам крајно немилосрден,
стопати бетер од сега.

20.09.2013

СКОПЈЕ И ЈАС, ПИЛА И КОНТРАБАС
(Ебати скопскиот)

 Се знаеме одамна но сѐ помалку се познаваме, и колку повеќе се менуваме, помалку се сакаме. Ние сме најдобри другари и смртни непријатели, скарани роднини и развед(р)ени сопружници.

Ние сме планетата Земја и Хелиевата комета, последната дупка и првиот човек што стапнал над неа. Тоа е мојата детска болест и младешка заблуда, прва љубов и последна грешка, родно место и смртно легло. (Некогаш безрезервно верував во него и мене, но човек греши додека е жив – особено кога е млад и жив.)

Добро изгледа само на географска карта и на разгледница, на кијамет, од сателит и на Google earth. Сакам да го гледам оддалеку, од најдалеку; и затоа бегам од него – што почесто и што подалеку.

Но на враќање, несфатливо (а делумно разбирливо), се мочам од среќа кога влегувам во него, како во долго време баран ќенеф, во состојба на несовладлив зорт.

25.02.2009

ОкоБоли главаВицФото