Тип

21.09.2016 15:37
Тип

Ако пораснеш во тип на жена која мажите сакаат да ја гледаат,
може тоа да им го дозволиш. Но не мешај ги очите со рацете.

Или со прозорците.
Или со огледалата.

Остави ги да видат како изгледа една жена.
Можеби никогаш не виделе.

Ако пораснеш во тип на жена која мажите сакаат да ја допираат,
може тоа да им го дозволиш.
Понекогаш, заправо, не посегаат по тебе.
Понекогаш во прашање е шише. Или врата. Или сендвич. Или Пулицер. Или некоја друга жена.

Но рацете прво тебе те нашле. Не мисли дека си чувар.
Или муза. Или ветување. Или жртва. Или ужина.

Ти си жена. Од кожа и коски. Вени и нерви. Коса и пот.
Не си сочинета од метафори. Ниту од извинувања. Ниту од изговори.

Ако пораснеш во тип на жена која мажите сакаат да ја гушкаат,
може тоа да им го дозволиш.

Цел ден тие вежбаат правилно да го држат телото.
И покрај долгата еволуција, тоа им е неприродно. И понатаму им ги стега мускулите,
рацете и кичмата. Само некои мажи ќе посакаат да научат како да се замотаат
околу тебе како прашалник,

да признаат дека ги немаат одговорите
за кои мислеле дека со време ќе ги стекнат.

Некои мажи ќе сакаат да те држат околу себе како Одговор.
Ти не си одговорот.

Ти не си проблемот.
Ти не си песната ниту загатката ниту шегата.

Жено, ако пораснеш во тип на жена кој мажите го сакаат,
може тоа да им го дозволиш.

Сакањето не е исто со да се биде сакан.
Кога ќе се заљубиш тоа е како да си открила океан
после години скокање низ барички. Тоа е како да откриеш дека имаш раце.
Тоа е како да си се качила на жица, а публиката веќе ја нема.

Немој да губиш време размислувајќи дали си тип на жена која мажите ја повредуваат.
Ако те остави со срце кое вие ко аларм, научи да ја пееш таа мелодија.

Тешко е да престанеш да го сакаш океанот. Дури и кога те прави задишана, полна сол.
Прости си за донесените одлуки, оние

кои и понатаму ги именуваш како грешки навечер пред спиење; и знај го ова:
тип си на жена која го бара своето место.

Нека паднат статуите.
Ти си тоа место отсекогаш.

Жена си која може сама да гради.
Родена си да градиш.

Превод: Ивана Галапчева
Анимиран ГИФ: Kaye Blegvad

Слични содржини

Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото