Мобилизација на телото за борба против ракот

22.09.2016 10:48
Мобилизација на телото за борба против ракот

Стив Кара очекувал дека лесно ќе ги помине медицинските прегледи неопходни за зголемување на неговото здравствено осигурување во октомври 2014 година. Но, резултатите биле поразувачки. Имал рак на градите во педесет и третата година. Ракот почнал да се шири и лекарите му рекле дека не можат да го оперираат.

Пред две-три години би му предложиле хемотерапија. Меѓутоа, сега, неговиот онколог, д-р Метју Хелман од Центарот за рак „Слоун Кетеринг“ во Њујорк, му предложил експериментално лекување – имунотерапија. Наместо непосредно да го напаѓа ракот како што прави хемотерапијата, имунотерапијата се обидува да го поттикне имунолошкиот систем на пациентот за да се бори против болеста.

Користењето на имунолошкиот систем за борба против ракот, дамнешниот медицински сон, станува реалност. Исклучителните приказни за туморите кои исчезнуваат и неизлечливите болести кои се повлекуваат, поддржани со цврсти податоци, во последниве години доведоа до експлозија на интересот и милијарди долари вложувања во сè поразвиеното поле на имунотерапијата. Фармацевтските компании, филантропите и програмата за борба против ракот на владата на САД вложуваат пари во развојот на имунотерапевтските постапки. Медицинските конференции со оваа тема се преполни.

„Ова е темелна промена на начинот на размислување за лекувањето на ракот“, вели д-р Џед Волкок, шеф на одделот за меланоми и имунонтерапија во Центарот „Слоун Кетеринг“.

Стотина клинички испитувања на имунотерапијата, поединечно или здружени со други постапки, се спроведуваат за речиси секој вид рак. „Луѓето прашуваат, чекаат, молат да влезат во тие испитувања“, рече д-р Арлин Сифкер-Радке, онколог во Центарот за рак „Андерсон“ на Универзитетот во Тексас.

Имунолошкиот систем – мрежа од клетки, ткива и нивните биохемиски секрети – го брани телото од вируси, бактерии и други натрапници. Но, ракот наоѓа начини да се сокрие од имунолошкиот систем или да ја оневозможи неговата борба.

Имунотерапијата се обидува да му помогне на имунолошкиот систем да го препознае ракот како опасност и да го нападне.

Во моментов, истражувачите се фокусирани на два вида терапии кои ветуваат. Една постапка се прилагодува за секој пациент поединечно, на тој начин што се вадат некои имуноклетки, генетски се менуваат за да го убиваат ракот, а потоа се враќаат во крвотокот. Овој пристап доведе до долготрајни подобрувања кај неколку стотици деца и возрасни заболени од смртоносни видови леукемија или лимфоми. Другиот пристап, оној со кој се обидува Стив Кара, ги користи масовно произведените лекови кои не се прилагодуваат на поединците. Лековите ослободуваат имуноклетки за борба против ракот така што го блокираат механизмот наречен рампа, со која ракот го онеспособува имунолошкиот систем.

Овие лекови наречени инхибитори на рампи, Управата за храна и лекови на САД ги одобри за лекување на поодминатите меланоми, Хоџкиновиот лимфом и ракот на градите, бубрезите и бешиката. Пациентите искрено ги бараат овие лекови меѓу кои е и „китруда“, познат и како „оној лек на Џими Картер“, благодарение на кој, со хирургијата и зрачењето, болеста не се врати кај поранешниот претседател на САД, иако меланомот му се проширил и на црниот дроб и мозокот.

Имунотерапијата ветува многу, но засега успева само кај помал број пациенти, а истражувачите се обидуваат да дознаат зошто. Знаат дека на располагање имаат можно оружје, но сè уште не го сфаќаат сосема и не можат да управуваат со него.

Исповедта на еден пациент

Стив Кара, раководител во индустријата за облека од Њу Џерси, имал микроцелуларен рак на градите, најчест вид од таа болест. Во декември 2014 почнал да се лекува со два инхибитори за рампи. Трошоците од ова лекување се околу 150 000 долари годишно, но како учесник во истражувањето не морал да плати.

Овие лекови го поттикнуваат дејството на „клетките-убијци“, лимфоцитите Т, подвид на белите крвни клетки кои често се опишуваат како војници на имунолошкиот систем. Тие клетки се толку жестоки што имаат вградени сопирачки – таканаречени рампи – кои ги гаснат и ги спречуваат да го нападнат здравото ткиво за да не дојде до автоимуни нарушувања како што е Кроновата болест, лупус или ревматски артритис. Една сопирачка ги спречува лимфоцитите Т да се размножуваат, друга ги ослабува и им го скратува векот. Инхибиторите на рампи ги блокираат тие сопирачки, па ракот не може ги употреби за гаснење на имунолошкиот систем.

Стив Кара добивал лекови за затворање на двете рампи. Секои две недели со интравенозна инфузија добивал „јервој“ и „опдиво“, лекови од производителот „Бристол-Мајерс Сквиб“. Во почетокот немал проблеми, само бил преморен по инфузијата.

Но, по два месеци добил осип на мускулите, грбот и градите, толку силен што терапијата морало да биде прекината. Кортизонската крема го отстранила осипот и Кара можел да продолжи со лекувањето – но само со еден лек, „опдиво“. Лекарите го прекинале вториот лек со надеж дека ќе ги намалат несаканите последици.

Првите снимки од март 2015 биле вчудоневидувачки. Туморот се намалил за една третина. Повеќе од половина тумор исчезнал до август. Меѓутоа, осипот се вратил и се влошил. Кортизонот повторно го направил своето, но во октомври се појавило многу поопасно и несакано дејство – тешкотии во дишењето. Лекарите утврдиле дека станува збор за пневмонитис, воспаление на градите предизвикано од напади на имунолошкиот систем.

Кара престанал да добива инфузии, но лекувањето кое траело со месеци го преобликувало неговиот тумор од фаза два на фаза четири, што значи дека сега можел да се оперира. Пролетта, хирурзите му отстраниле една третина од десното градно крило и откриле дека туморот исчезнал. Судејќи според сè, имунотерапијата ја уништила болеста. „Тоа е вчудоневидувачки, неверојатно“, вели Стив Кара.

„Реагираше на најдобиот можен начин“, рече д-р Хелман. „Се надевам дека оваа состојба е трајна. Времето ќе покаже.“

Лековите кои делуваат само кај некои

Кога дејствуваат инхибиторите на рампите, тогаш навистина се делотворни, доведуваат до долготрајни подобрувања кои делуваат како излекување и со нив се продолжува по завршување на терапијата. Дваесет до четириесет проценти од пациентите, понекогаш и повеќе, реагираат поволно. Но, кај многу пациенти лековите не успеваат. Кај други, пак, одредено време дејствуваат, а потоа престануваат. Горкото прашање е: зошто?

Една теорија вели дека за тоа можеби се одговорни дополнителните рампи. И покрај нецелосното знаење, инхибиторите на рампите сè повеќе се користат и се тестираат на поодминати видови рак кои вообичаената хемотерапија не може да ги лекува. Но, можностите за несакани последици не можат доволно да се нагласат, велат лекарите. Во статија на едно медицинско списание објавено 2010 година, пишува дека неколку болни со меланом починале од споредните ефекти на лекот „јервој“.

Освен што предизвикуваат воспаление на градите, инхибиторите можат да предизвикаат и ревматски артритис и колитис, тешко воспаление на цревата, како последица на нападите на зајакнатиот имунолошки систем. Инхибиторите можат и да ја забават работата на важните жлезди – хипофизата, надбубрежната и штитната жлезда – и да создадат потреба за хормонско лекување.

Стив Кара сега мора да зема лекови за тироидната жлезда.

Д-р Џејмс Алисон и неговата жена, д-р Падмани Шарма, само што се сместиле во авионските седишта кога една патничка им се приближила со насолзени очи и им се заблагодарила што создале лек кој го одржува во живот нејзиниот маж.

Тоа е лекот „јервој“, првиот инхибитор на рампите. Одобрен е за употреба против поодминати меланоми во 2011 година. Докторот Алисон добил бројни истражувачки награди, а многумина очекувале дека ќе добие и Нобелова награда.

Тој го посветил целиот живот на проучување на имунологијата, особено лимфоцитите Т. На ракот му се посветил подоцна. „За ракот се заинтересирав бидејќи однесе многу членови од моето семејство“, вели д-р Алисон, шеф на имунолошкиот оддел и извршен директор на имунотерапевтската служба од центарот „Андерсон“. Мајка ми, брат ми и двајцата вујковци умреа од рак.“

Кон крајот на минатиот век д-р Алисон, тогаш професор на Беркли, и д-р Џефри Блустоун од Калифорискиот универзитет во Сан Франциско независно дошле до значајно откритие дека молекулата за која се верувало дека го активира имунолошкиот систем, всушност истиот го деактивира. Тоа е протеинска молекула со површина како лимфоцитите Т – клучните рампи – и служела како пат преку кој природата ги зауздува лимфоцитите Т, судејќи според сè, за да ги спречи да го напаѓаат здравото ткиво. Клетките на ракот понекогаш можат да се закачат за рампите и да ги онеспособат лимфоцитите Т.

Д-р Алисон се запрашал дали е можно да се блокираат рампите и да се испратат лимфоцитите Т во борбата против ракот. Тој и неговата колешка од постдокторски студии, Дејна Лич, развиле антитела кои се лепат за рампите и ги блокираат. Кога истражувачите им ги дале тие антитела на глувци заболени од меланом, туморите исчезнале.

Многу фармацевтски компании биле сомничави, но една создала човечка верзија од тие антитела и на лекот му го дала името „јервој“.

Тоа бил првиот лек кој им го продолжувал животот на луѓето заболени од овој смртоносен вид рак. Бројни истражувања покажуваат дека од 1 861 пациент во поодмината фаза од болеста, околу 22 проценти биле живи три години по лекувањето, и тоа без знаци на враќање, што е вчудоневидувачки успех за болеста која речиси секогаш е смртоносна. Некои живееле десет и повеќе години.

Извор: The New York Times