Новелички без шеќер

22.09.2016 12:30
Новелички без шеќер

„Новелички без шеќер“ на Оливера Ќорвезироска е втора книгичка во едицијата „Друга приказна“, која настана на истоимениот фестивал што го организираше издавачката куќа Темплум кон крајот на јуни 2016. Едицијата започна со концептуалната книгичка „Стар сум во Скопје“ на Давид Албахари, лауреатот на првото издание на Друга приказна. Новелата на Ќорвезироска е посветена на Давид Албахари и претставува своевиден омаж и дијалог со неговото творештво. Шеснаесетте раскасчиња, како што стои во белешката на почетокот од книгата, се „кратки поздрави за Давид Албахари“. Во продолжение, претставуваме три раскази од книгичката на Ќорвезироска.

 

ЉУБОВНИЦА

Љубовницата е стара. Има растурено точно 11 љубови; деновиве ѝ се токми на дванаесеттата. Има и единаесет прстени. За секоја каква-било, ама комплетирана и фискално затворена љубов, себеси си купува прстен. Внимателно бира, небаре ѝ е подарок од измислен сакан човек. Повеќе ја интересира дизајнот, помалку големината на прстенот. Прекрасните прстени ѝ стојат во прекрасни кутиички на полиците со прекрасни љубовни романи. Речиси никогаш не ги носи. Љубовницата има некаква кожна болест и ако допре каква било убавина до своите стари прсти, за само половина час тие тројно ѝ се здебелуваат, кожата ѝ станува тројно погрда, дури може и да пламне како ненадеен пожар.

Љубовницата е стара. Го чека судниот ден кога или ќе ја растури и најголемата љубов на светот, или ќе престане да го прави тоа.

Ако се случи првото – ќе си купи ѓердан; ако се случи второто – ќе ги стави сите прстени на рацете одеднаш (белки дотогаш сепак ќе бидат барем дванаесет!) и... ќе изгори во сопствениот пожар. Престанувајќи да јаде туѓи љубови, таа ќе умре од глад, ама нејзе тоа сѐ уште не ѝ е јасно. Мозокот ѝ е малку отапен од аутистичната желба да биде чија било најобична жена со убава кожа и скромен прстен на десната рака.

 

МАЈКА МИ ЗОРКА

Мајка ми е стара. Одамна невидлива и умрена, сѐ уште успева своите преживеани мисли да ги спроведе низ тајниот тунел на молкот директно во мојата најговорлива соба.

Нејзината старост ја одбра најубавата фотелја на мојата проза за починка, за испишување на премолченото, за исцртување на невиденото. Едночудо други нешта што се тискале пред вратата на нејзината смрт, бувнаа во моите реченици, евакуирајќи се пред заканата од заборав. Никој и ништо не може да исчезне и да се поништи само со негледање.

Иако не сум била ни родена во времињата што ми ги остави како чеиз, по нејзината смрт уредно се омажив за Зборот. Со сите обичаи, редови и нишани. Иако никогаш не сум ни облекла венчаница, јас сум невестата на свадбата на нејзината надеж, секое лето на 15 јули. Од 2005 го препеглувам она што го здиплила и потпикнала во нашиот длабок четирикрилен плакар на тишината и пак сум до никаде...

Мајка ми е стара. Ја нема веќе онаа цврстина со која ја држеше мојата немирна рака за да пишува само за она за што треба.

 

ФАРМЕРКИ

Фармерките се стари. Ни ги помнат телата и мислите какви што биле. Тексас-меморија на regular младост и strech старост. Каишот ни е доверлив пријател, зашто има дупчиња за идеално време, за ненадејно слабо невреме и за дебели утехи во црни чоколади. Со кора од портокал и барем 75% какао. Фармерките се стари. Во нив се влегува како во избледена љубов, како во затворено диско од осумдесеттите или како во забрането минско поле од страст. Фармерките се стари. Секој распаран штеп на нив може да се закрпи само со доволно цврста илузија.

 

Цртеж на корицата: Владимир Лукаш

Оливера Ќорвезироска е македонска писателка и критичарка. Авторка на книгите:

- поезија: „Трети кат“, 1982; „Високите бели“, 1999
- раскази за возрасни: „Страдањата на младиот лектор“, 2000; „Сплетени раскази“, 2003; „Две перници“, 2010
- роман за возрасни: „Заклученото тело на Лу“, 2005
- романи за деца: „Кифличката Мирна“, 1993; „Мојот брат од тринаесеттиот кат“, 2001
- сликовница: „Дедо Миле“, 2000
- критика и есеистика: „Отвораат ли сништата работа“, 1999; „Еден Текст и една жена“, 2016

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото