Новинарот Божиновски: „Или ќе ме пуштат од притвор, или ќе умрам во затворот!“

22.09.2016 14:30
Новинарот Божиновски: „Или ќе ме пуштат од притвор, или ќе умрам во затворот!“

Новинарот Зоран Божиновски, кој е во притвор за случајот „Шпион“, од минатата недела започнал штрајк со глад поради неоправдано продолжување на притворот и одолжување на судскиот процес, а неговата здравствена состојба е сериозно загрозена, информираа денеска од Здружението на новинари (ЗНМ).

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, посочи дека, иако Божиновски штрајкот го почнал на 14 септември и затворската управа го знаела тоа, сепак од затворот не го информирале неговиот адвокат, ниту Народниот правобранител. Инаку, информацијата за ваквиот чекор на Божиновски, вчера вечерта на Фејсбук ја објави неговата сестра, по што претставници на ЗНМ и адвокатот на Божиновски денеска веднаш заминале да го посетат во затворот во Шутка.

- Многу сме загрижени за неговата здравствена состојба, која е сериозно влошена откако во изминатите седум дена одбил да прими храна и вода во затворот. Дневно прима двапати инфузија за да се одржи во живот. Тој е одлучен, или судијата ќе го ослободи од притвор, или ќе умре во затворот. Убеден е дека во притвор нема услови да ја подготви одбраната - рече Селмани.

Тој ја повика судијката Сандра Крстиќ веднаш да го укине притворот на колегата Божиновски, бидејќи во спротивно, неа ќе ја сметаат за одговорна за евентуалните последици што ќе се предизвикаат по неговото здравје и живот. Исто така, Селмани го повика и Народниот правобранител да го посети Божиновски во затвор и навремено да ги предупреди институциите за последиците, ако не постапуваат соодветно на ситуацијата.

Според Селмани, нема сомнеж дека процесот со новинарот е политички процес на власта, со цел да го замолчи.

Поддршка за ослободување на Божиновски даде и Рикардо Гутјерес, генерален секретар на Европската федерација на новинари (ЕФН). Тој рече дека го поддржува ЗНМ во барањето, Божиновски веднаш да биде ослободен.

– Иако побаравме од Кривичниот суд дозвола да го посетиме Божиновски, одговор не добивме. Овој случај го пријавивме и во платформата за новинари на Советот на Европа, за што од Владата сигурно ќе биде побарано објаснување. Досега од Македонија на оваа платформа имаме пријавено случаи за осум новинари врз кои било извршувано заплашување или биле уапсени, што е двојно повеќе од Албанија, за која имаме пријавено само четири случаи. Досега македонската влада нема дадено објаснување за ниту еден од овие осум случаи, што е разочарувачки, имајќи предвид дека Русија и Турција праќаат објаснувања - посочи Гутјерес.

Тој потсети дека Mакедонија на 13 март 2016 година ја потпиша Декларацијата за заштита на новинарите, но констатираше дека практиката во Македонија не соодветствува ниту со оваа декларација, ниту со Европската конвенција за човекови права.

Селмани не исклучи ниту една можност во борбата за ослободување на Божиновски. Сестрата на Божиновски, која беше присутна на прес-конференцијата, посочи дека е неопходно лекарски екипи да направат увид во здравствената состојба на нејзиниот брат и да проверат што содржи инфузијата која ја прима.

Божиновски беше екстрадиран во Македонија од Србија на 11 мај годинава. Тој е осомничен во случајот „Шпион“, во кој им се суди на 18 обвинети за злосторничко здружување, шпионажа и уцена. Божиновски се товари за три дела, но неговата постапка беше во прекин, затоа што српските власти што го уапсија во 2013 година, тогаш не ѝ го испорачуваа на Македонија.

Извор: Плусинфо