Дали владата на Груевски е мафија?

23.09.2016 09:43
Дали владата на Груевски е мафија?

Во Република Македонија, поимот мафија го изгуби своето значење. Најчесто се употребува на шега - сите држави на светот имаат своја мафија, а само во Македонија, мафијата има своја држава. Или пак, за опишување на ситуација врз која не можеме да влијаеме - не се мешај таму, сè е тоа мафија. Но, мафијата и организираниот криминал кој таа го поттикнува, врши или прикрива не се воопшто за потценување.

Кога нејзиното функционирање е испреплетено со политичките процеси, тоа е рак рана за секое општество кое сака да биде слободно и демократско. Ги изместува вредностите, го уништува слободниот пазар и правниот систем. Кај нас, тој канцер е метастазиран. Нема дел од општествениот систем што не е уништен под чизмата на Груевски и неговата банда.

Во далечната 1996, акад. проф. д-р Владо Камбовски ја напиша дефиницијата за организиран криминал, која сè уште се предава на сите правни факултети во државава и која е основа за значењето на поимот организиран криминалитет во речиси цела национална легислатива. Според него, организиран криминал е „извршување на кривични дела од страна на злосторнички здруженија заради остварување на профит и/или постигнување на моќ, со употреба на насилство, или со користење на посебната положба во општеството, со намалување на ризикот преку вклучување во легалните економски, политички и други активности, како и однапред направен систем за заштита од гонење“. Ајде да одиме по ред:

1. Извршување на кривични дела - барем дел од однесувањето на организираната криминална банда треба да бидат кривични дела. Воопшто не е важно дали тоа е доминантниот дел – трговија со дрога, чии приходи потоа, преку перење на парите се внесуваат во легални бизниси; или пак минорниот дел – изградба на комплекс згради (целосно во согласност со законските прописи), врз основа на криминален тендер, со делење провизија на лица од владејачките структури.

2. Од страна на злосторнички здруженија – Кривичниот Законик на РМ ги дефинира поимите група, банда или друго злосторничко здружение или организација како најмалку три лица кои се здружиле за вршење кривични дела, во кој број влегува и организаторот на здружението. Бандата на Груевски е многу побројна од три лица.

3. Заради остварување на профит и/или постигнување на моќ – ова е еден од најважните елементи и се однесува на целта на делото. Тоа значи дека дури и кога конкретното кривично дело не резултира со дирекна финансиска добивка, а резултира со фактичка моќ во општеството, тоа сепак е дело на организиран криминал (доколку ги исполнува и другите елементи). Најеклатантен пример за ова се изборните измами.

4. Со употреба на насилство, или со користење на посебната положба во општеството – ова се однесува на начинот на извршување на делото. Класичен пример на употреба на насилство се протестите пред Општина Центар, претепувањето на студентите од страна на „спонтано организирани верници“ на Плоштадот во Скопје, претепувањето на активистот на СДСМ од Охрид, Јане Милошески, нападите на новинари, активисти и сл. Но, далеку повеќе кривични дела се извршени со користење на посебната положба во општеството. Прикривањето на убиството на Мартин Нешкоски, милионските провизии, криминалните тендери, „Скопје 2014“. Сите овие дела можат да бидат извршени само од позиција на власт и никако поинаку.

5. Со намалување на ризикот преку вклучување во легалните економски, политички и други активности – врхушката на ДПМНЕ се најбогатите луѓе во државата. Факт е дека не сите пари им се стекнати на начин спротивен на законите. Но, со самото тоа што ја злоупотребуваат својата политичка моќ за да стекнат имотна корист, макар и „во согласност со Уставот и законите“ (кои нели, тие самите ги креираат) - тие вршат криминал. Без разлика што конкретните пари потекнуваат од изградба на автопат, а не од, на пример, трговија со дрога или оружје. Дополнителен факт е што легалните процеси се користат како награда за криминлни дејства. Кога газда на фирма која нелегално ја финансира кампањата на ДПМНЕ, потоа ќе добие милионски тендер, тоа е организиран криминал. Кога агенцијата за обезбедување која тепа пред избори, потоа ќе склучи договор со општината за обезбедување на училиштата, тоа е организиран криминал.

6. Однапред направен систем за заштита од гонење – кога Јане Милошески од Охрид беше брутално претепан од страна на „бандитите“ на Горде, Сашо и Мартин, тој беше обвинет, а потоа и осуден за напад на службени лица при вршење на службена должност. Зврлевски, со месеци не постапуваше по ниту едно дело од бомбите. Првите обвиненија на СЈО паднаа во рацете на судијка со многу сомнителна претходна практика (Михајловска) и судијка која го креираше поимот на Сваровски судство (Петровска). Уставниот суд, пак, е приказна сама за себе.

Па друштво, дали Груевски е само амбициозен политичар, или е мафијашки дон?

Единствен начин за борба против мафијата која ја има киднапирано целата држава е силно, одлучно и здружено НЕ! Нивната најголема моќ доаѓа од перцепцијата дека ништо не може да се промени. Така, ја убиваат секоја можност за борба со мафијата уште пред да започне.

Нашиот најголем проблем е што оваа криза ја третираме како политичка, а не како криминална криза. Со нас управува мафија и тоа вистинска, како од филмовите. Премногу долго мижиме пред реалноста, надевајќи се дека ќе добиеме дел од колачот или заблагодарувајќи се дека не сме нивна директна мета.

Затоа, доста беше кревање на раменици и велење „тоа е“. Доста беше страв дека ако кренеме глас, ќе бидеме следните Кежаровски, Бошкоски или стотиците други кои скапуваат по затворите како резултат на бескурпулозноста на овој мафијашки режим.

Едноставно, доста беше Груевски!

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото