Бламираат фактите што ги открива СЈО, а не настапите на Катица Јанева

23.09.2016 11:03
Бламираат фактите што ги открива СЈО, а не настапите на Катица Јанева

Неколку интернет медиуми, кои се оценети во дел од стручната јавност како провладини, веднаш по вчерашното интервју на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, на Македонската телевизија во централните вести, излегоа со содржини кои уште во насловите се јасно определни кон дискредитација на првиот човек на ова обвинителството:

Спин:
• „Јанева се избламира во интервјуто за МРТВ“;
• „Договорени прашања и празни одговори: Јанева се појави во МТВ во квази интервју (Видео);
• „МТВ сокри од јавноста: Катица Јанева не знаела за кои кривични дела е обвинението за Пуч“;
• „Партискиот уредник на МТВ го избламира Јавниот сервис: Јанева целосно се изрезили“;
• „Реакции: Каков резил за Катица Јанева и МТВ – кој чита нарачани прашања?…

Контраспин: Станува збор за воспоставена и детектирана технологија на спинување, која поаѓа од порталите, се пренесува на т.н. провладини телевизии и утредента завршува во дневните изданија на дел од весниците, а во деспинувањето на ова оркестрирано извртување на вистината, ќе се позанимаваме со факти.

Првиот факт е, дека Јанева, која на покана на МТВ, а во врска со едногодишнината од работата на СЈО дала снимено интервју, одговараше на новинарските прашања мошне прецизно. Ако се проанализира интервјуто во времетрање нешто повеќе од 8 минути, ќе се забележи дека се одговорени сите новинарски прашања, при што на некои, како на пример на првото и второто, се дадени одговори онолку колку што му е дозволено на еден од учесниците во судските постапки, во овој случај Специјалното јавно обвинителство.

Хартиите биле забранети?

Вториот факт е дека Јанева навистина има пред себе хартии и делумно при одговорите гледа во нив, но, од кога тоа е нешто што е забрането за соговорниците при интервјуата? Според тврдењата на порталите што го пласираат спинот, станувало збор за однапред подготвени одговори на однапред договорени прашања. Според други медиуми, станува збор за шестмесечниот извештај за работатата на ова обвинителство што веќе ѝ е достапен на јавноста, а наскоро ќе биде презентиран и во Собранието. Според спинот, тоа било доказ за „бламажата“ на Јанева!?

За да ѝ биде спинот појасен на јавноста, таа треба да знае дека новинарските постапки при подготовките и изведувањето на интервјуто можат да бидат различни. Од тоа однапред да се испратат прашања, како што бараат многу соговорници не само во Македонија, до тоа да се договорат, евентуално, само темите на разговорот, па сè до правење интервју без никакво посочување на темите, туку само со наведување дека тие ќе бидат од „делокругот на работа“ на интервјуираниот. Каков пристап ќе се одбере меѓу новинарот и соговорникот, е право на избор на двајцата, а каков ќе биде крајниот производ, цени јавноста.

Факт е дека од страна на новинарите се претпочита интервју „во живо“, бидејќи може повеќе да се извлече од соговорникот, исто како што е факт дека тоа не мора ништо да значи и дека одлични интервјуа се правени дури и по „меил-технологија“, со пратени прашања и одговори. Но, како што може да се види, тука ова се користи за спин, во насока на лична дискредитација Јанева и тоа затоа што имала хартии во рака, т.е „одговори на однапред доставени прашања“. Ќе повториме – од кога тоа на соговорниците им е забрането да имаат хартии во рака при интервју, а на медиумите им е забрането да ги илустрираат и монтираат интервјуата што се претходно снимени?

Третиот факт, кој говори дека станува збор за извртување на вистината, е всушност заокруженоста на темите – од конкретни случаи, до проблемите во соработката со институциите и потребата од законски измени за поуспешна работа на СЈО, до лично прашање, но поврзано со работата.

Прво интервју за јавниот сервис

Четвртиот факт, кој ја потврдува спинерската позиција, е дека интервјуто со Катица Јанева, барем откако СЈО почна сериозно и ефективно да работи, е прво интервју за Јавниот сервис, кој по природата на нештата би требало постојано да се занимава со темата на работа и на СЈО, зашто тоа е интерес на јавноста од прв приоритет. Наместо тоа, дел од спинерите, што ги наведовме како примери, ја извртуваат вистината дека ова интервју било доказ за неспособноста и на опозициската СДСМ и на уредникот на информативната програма именуван по предлог од опозицијата:

Иако СДСМ ветуваше професионализација на МРТВ со инсталирањето на својот партиски уредник, денешното интервју со Катица Јанева беше вистински пример за тоа како изгледа новинарството замислено од опозицијата. Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева вечерва имаше скандалозно свое интервју во Дневникот на јавниот сервис (Прес 24).

Како што може да се види, спин до спин. Мотивите не треба да се бараат многу длабоко. Доволно е да се прочита последниот извештај за работа на СЈО, во кој веќе има информации за две обвиненија, четири истраги, 38 предистражни постапки од кои 22 се поврзани со прислушкувани материјали кои досега не биле објавени во јавноста, дека има над 60 осомничени лица, итн. Дел од предистражните постапки, пак, се однесуваат на незаконско финансирање на медиумите:

Предистражните постапки се однесуваат на незаконското следење на комуникациите – прислушувањето, како и незаконитости во врска со финансирањето на медиумите, разни злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, разни коруптивни дејствија и разни злоупотреби на службена положба и овластувања, финансиски истраги, како и незаконитости во постапките кои се однесуваат на градежни работи, итн. (Извештај на СЈО, стр.9)

Оттука, нема никакво сомневање дека дел од интернет медиумите направија спин од првото поголемо интервју на Јанева за МТВ по подолг период, при што главен таргет беше СЈО, а спореден СДСМ и уредничката на информативната програма на МТВ, Санта Аргирова.

________________________________________

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка наамериканската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Извор: http://vistinomer.mk/