Стапката на раст на „помалото зло“

23.09.2016 11:12
Стапката на раст на „помалото зло“

Или: зошто Зоран Милановиќ ќе остане запаметен како тажниот кловн на хрватскиот национализам

Излезе дека Фрањо Туѓман и дедото усташ на Зоран Милановиќ, откако шефот на СДП ги мобилизираше како свои (пред)изборни адути, им ја донесоа победата на противниците ХДЗ. Колку необично! Непрежалениот лидер и втемелувач на Хрватската демократска заедница – централната фигура на партиската државотворна митологија – наместо оние на СДП, ги привлече гласачите на ХДЗ. Колку неочекувано! Каков шок! Што се случи, по ѓаволите?

По спектакуларниот пораз на неделните избори, Зоран Милановиќ ќе мора длабоко да се замисли за да ги разреши големите дилеми, а можеби, ако биде доволно смирен, ќе се занимава и со некои попатни прашања. На пример: Дали се родив како имбецил или станав таков извршувајќи висока партиска должност? Дали се изградив во интелектуален и морален инвалид благодарение на сопствениот труд или тоа го наследив од мојот дедо усташ?

Два месеци претходно, додека ХДЗ се валкаше на дното од провалијата, ги гледаше раните од стрмоглавиот пат и трескавично се обидуваше да смисли начин за да ја преживее катастрофата предизвикана од краткотрајната консумација на власта, изгледаше дека изборната победа на СДП ќе падне како црвлива круша, а кон тоа посочуваа и сите релевантни истражувања на јавното расположение. Попрагматичните меѓу медиумските аналитичари тврдеа дека социјалдемократската партија во текот на кампањата не треба да прави ама баш ништо друго туку само да ја потсетува јавноста на дистописките размери на неуспехот на владата на ХДЗ и Мост, која функционираше едвај осум месеци и успеа да постигне ефект на негативен суперјунак, создавајќи максимална политичка и општествена штета во минимална единица време, што најпосле резултираше со навистина впечатливо самоубиство.

Меѓутоа, Милановиќ и друштвото се одлучија за сосема поинаков вид прагматизам: не кажаа ни збор за политичкото дивјаштво на Томислав Карамарко, за новиот терор на хрватството и патриотизмот, за „лустрацијата“ и „регистарот на предавниците“, за црнокошулашите што маршираа по улиците, за спомениците на усташките терористи, за профашистичката културна политика на Златко Хасанбеговиќ, но затоа лидерот на „либералната левица“ изведе импресивен десен продор: симболички го посади Туѓман на Марковиот плоштад, го извлече дедото усташ од правливите сандаци од таванот, мајката на Андреј Пленковиќ ја обележа како „воена лекарка“, Србите ги нарече „грст очај“, Босна и Херцеговина ја прогласи за „големо гомно“, а потоа секојдневно со заруменети образи ја изразуваше својата централноевропска дистанца кон „Балканот“, „Византија“, „Ориентот“ и, воопшто, „Истокот“.

Зоран Милановиќ и претходно приредуваше релативно чести упади со типично аграмерски шовинизам, но сега – навидум без причина – одлучи да го направи конзистентен и да го оформи во политичка програма. Реши да си ја проба среќата и да заигра против традицијата која во Хрватска се одомаќини како природен тек на нештата: да му порача на органското срање – значи на малограѓанскиот национализам на ХДЗ – дека може да смрди подеднакво интензивно или дури поинтензивно од него. Се покажа дека и оној извик што драматично го испорача кон крајот на минатата година – „Или ние или тие!“ – беше погрешно толкуван, зашто неговиот автор се стремеше кон чудна цел, кон радикална поделба на хрватското општество на едни исти луѓе.

И, се случи неизбежното: симпатизерите на ХДЗ во неделата масовно излегоа на изборите, а голем број потенцијални гласачи на СДП, до неодамна подготвени со својот глас (дури притоа да го затнат носот) да ѝ се спротивстават на цивилизациската регресија, одлучија да апстинираат. Имено, „помалото зло“ порасна до димензии кои пристоен човек тешко може да ги толерира. Како воопшто е можно, се прашаа, да го изберат „помалото зло“, ако тоа – наместо да го истакнува тоа што сепак е помало – ја рекламира својата забрзана хипертрофија?

Мотивацијата на ХДЗ-овците е нешто сосема друго. Иако веќе му се препуштија на колективното расположение како поразена војска, рекоа: Добро зборува овој СДП-овец, сè му е на место, прави божество од Туѓман, се фали со дедото усташ, ги пцуе Србите, Босанците и другите етнички архинепријатели, искажува презир кон византискиот Балкан, ја сее истата омраза со која се храневме пред минатата војна... Тоа се вредности заради кои вреди да се стане од гробот! За нив треба да се избориме, но не на тој начин што ќе го поддржиме несреќникот, тој гротескен сурогат кој сака да нè намами со своите чисти пароли, туку гласајќи за оние кои веќе четврт век доследно ја спроведуваат таквата политика, дури и кога од тактички причини облекуваат одела од пофин западен штоф! Кој рационален би избирал копија покрај живиот оригинал?! Кој покрај органското срање би се одлучил за вештачко ѓубре?!

Значи, во неделата пристојните луѓе останаа во домовите. Ширум ги отворија прозорците и со стоички мир набљудуваа како небото го окупираат густи валкано сиви облаци, најавувајќи долг и тежок дожд. Меѓу другото, причината за таа тапа статичност лежи во искреното признание на нивното потенцијално „помало зло“ дека „не му е грижа за поздравот 'Подготвени за татковината'“, лежи во оној „грст очај“, во „големото гомно“ и другите националистички пцовки преку кои пристојните луѓе, ете, не можеа да поминат. Причината е во директната порака која им ја испрати лидерот на СДП: Држете се подалеку од мене, мајката ваша лекарска!

Заради тоа Зоран Милановиќ ќе остане запаметен како тажниот кловн на хрватскиот национализам, како некој кој, затекнувајќи се на чело на погрешната партија, не успеа да капитализира дури ни од флексибилното народно шовенство. Како се случи закоравен туѓманофил и верен следбеник на идеологијата на ХДЗ да раководи со СДП, па уште и да одигра цела кампања за противничката формација, ќе мораат да разгледаат надлежните партиски тела, но дури ни тие нема да можат да го оспорат фактот дека станува збор само за фарсично довршување на долгорочниот процес. Како што кажавме, тој процес се стреми кон радикална поделба на хрватското општество на едни исти луѓе.

Бедата на хрватската социјалдемократија, која со години настојува да го легитимира својот статус во рамки на „политичкиот центар“ дисциплинирано следејќи ги сè потврдокорните капиталистички налози и сè повоинствените националистички наративи – не сакајќи да согледаат дека токму „златната средина“, со својот обврзувачки патриотизам и придружните култови, ги има сите обележја на екстремизам – најпосле, е запечатена со излив на „политичкиот центар“ во мозокот, па Зоран Милановиќ со ударнички напор успеа да ги уништи и последните остатоци од левичарскиот идентитет.

Неволјата со социјалдемократите – за жал – е во тоа што речиси сигурно од дебаклот наместо поука ќе извлече алиби. Судејќи според почетните цимолења, вината ќе падне на глупавите избирачи, на навиката на непросветените хрватски граѓани, од необјасниви причини, „да ѝ укажуваат доверба на десницата“ и на тој начин да го трасираат патот за сопствената несреќа, а не за „лево-либералната“ партија која, бесрамно угодувајќи им токму на ригидните десничари, пристојните луѓе ги оддалечи од гласачките места. Виновни ќе бидат оние на кои им се згадила стапката на растот на „помалото зло“.

Заради тоа на хрватските социјалдемократи, по поразот, не треба да им се посака скорешна рехабилитација, туку, напротив, што потешка и позлобна болест, таква што можеби ќе отвори простор за веродостојна лева алтернатива, а самата СДП ќе ја префрли во надлежноста на воените лекари.

13.09.2016

Извор: http://pescanik.net

ОкоБоли главаВицФото