1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Не сум премногу изненаден од самата изложба, бидејќи веќе некое време цртежите на Кирчо Арсовски ги среќавам пре-постирани на ФБ. Мислам дека целиот циклус е многу интересен - надперсонално дистанциран а брутално отворен.
Последните две години Арсовски направил една огромна колекција цртежи, збирка на неповрзани сцени за едно општество во дезинтеграција, напукано со фрустрации и без траги од емпатија. Збирката тоа го доловува преку низата истрошени супер-херои, деформираните стрип-јунаци, избезумени, обезглавени, во несопирлива борба за надмоќ, со потенцијал за насилство и автодеструкција.
Тоа што ми е најинтересно во оваа огромна продукција како целина, е начинот на кој препознатливата иконографија од цртаните филмови и стриповите од златната ера како истовремено да се претвора во збирна слика за пикот на хиперпродукцијата, но и како продукт на некаков автоматизиран процес: output на хистеричниот алгоритам што низ архивите на поп-културата ја отсликува нашата „богата и раскошна“ , барокно монтирана и трагично забрзана сегашност - доминацијата на индустријата за забава, телевизиските програми без содржина и испразнети од емпатија, сеприсутноста на корпоративните брендови и придружната маркетиншка манипулација, корумпираниот апарат на поредокот и супер-патриотската идентификација заглавена во празна реторика, со јасни назнаки и на локалната општествено-политичка мизерија.
Тука како да е избришана границата помеѓу воајерскиот „поглед низ клучалка“ и наводно детабуизираната јавната сцена, под заслепувачката светлина на рефлекторите кои го шират својот дијаметар и каде што секој банален или брутален гест влегува во дефиницијата за култура со инфлаторни тенденции.
Иако е видлива извесна фасцинација со поп-иконографијата, мислам дека тоа е во втор план и јасно е дека нема место за патетични романтизации. Ликовите ја пробиваат виртуелната бариера на екранот и се материјалиираат насекаде околу нас создавајќи сеопшта параноја и нетрпеливост каде што секој на секого сака да му го начука, метафорично, буквално, или двете заедно, додека во заднината синестетички прозвучува дисхармоничниот микс: семплови од „веселите мелодии“, со хистерично смеење, или извештачените гласови од пропагандните пораки - забрзани, или бескрајно забавени, до стазис.
Очекуваниот комичен ефект е краткотраен, нагло се прекинува до болно и тегобно празнење,
и завршува во посоголено соочување со реалноста како постисториска депонија од која како да нема излез, и тоа токму преку асоцијативните фрагментирани текстуални исечоци кон енормните количини на вербално-визуелен мас-медиумски поп-шунд.
Од театарот на суровоста и мајсторите на безнадежноста и апсурдот, до новата европска и балканска драма од 1990-тите, се чини дека и покрај различните можности за артикулација на катастрофата и очајот низ епизодните пројави на анти-хероите, сепак како да сме осудени на тегобно, крваво провлекување низ судбината, токму затоа што идеолозите на неолоберализмот, преку политичките ударни тупаници, успеаја да го убедат огромното мнозинство дека „не постои општество“.
Привидното изобилие, претрупувањето, како стратегија за блокирање на паметењето и критичките капацитети, а со тоа и одговорноста, е една од главните одлики на ерата во која стануваат повидливи и пораспространети симптомите на малигниот нарцизам: солипсистичка прогресија и задоволството од вештото себезалажување, клишираните повици за заедништво без структура, само ја отвараат перспективата кон амбисот во кој единствено постои никогаш задоволеното Јас како совршен материјал за отуѓувачката капиталистичка матрица која нè принудува да се редуцираме на збир од анимални потреби, и да ги сведеме другите на дводимензионална слика, ентитети без автономна реалност која може и треба да се искомуницира.
Нееднаквоста расте, па така денес Бихнеровиот Војцек е секој втор човек, под закана да стане Бекетовиот „неименлив“ обесчовечен ентитет. „Супермаркетот“ на Србљановиќ е сè уште отворен, со нова, пошарена и потоксична роба, а „бурето барут“ на Дуковски расте - па слободно можеме да се вратиме на раниот Дизни, на малиот формат, на цртежот, на дрвените боички; впечатокот на бруталната реалност не се намалува.
А сепак, секое ново, брутално будење, е важно. Како што згрчените тела на Шиле и неговиот соголен еротизам стигнуваат до ангажираната фигурација на Леон Голуб. Или како психоделична средба на Дизни со Роберт Крамб, или колористички екстравагантниот и ангажиран поп-надреализам на Питер Сол. Повторувањето на формите усилено до максимум најдобро зборува и за развлечената постмодерна, постисториска заглавеност во повторувачки циклус: сепак, свесно повторување за повторувањето да стане видливо е неопходно.
Во овој циклус Кирчо како свесно да ја презема позицијата на претпоставениот „хистеричен алгоритам“ кој ровари низ поп-архивите за иконичка „инспирација“, за (како случајно) да ги вкрсти со фрагментарни коментари за сегашноста и да ги перпетуира до (навидум) апсурден ефект, како парадоксална но веродостојна претстава за комплексноста на ерата во која живееме. Дури и кога ги немаме одговорите за тоа како понатаму, како прв чекор, сосем е океј ако сме барем способни да го видиме ужасот.
Скопје, 21 септември 2016
Цртежи: Кирчо Арсовски