И мене ми се слоши!

24.09.2016 11:48
И мене ми се слоши!

И мене ми се слоши на крај. Па луѓе мои, што се случува? Не волци, лешинари беа околу неа. Кој би издржал таква негативна енергија, злоба, гадење, непочитување на личноста? Сето тоа беше насочено кон специјалната обвинителка Катица Јанева не само од пратениците на ДПМНЕ туку и од „независниве“ пратенички. Си разговараа со Димовски, си климаа со главите, тие беа заедно против кого? Против кого беа тие две дами „интелектуалки“? Па ако се интелигентни и интелектуалки треба да ја гледаат поголемата слика. Поголемата слика и разбирање за целата ситуација и контекстот!

Јас исто така не сум вербален тип. Едноставно мислам дека не ме сакаат камерите. Неколку пати бев поканета на дебати и одбив да учествувам. Мислам дека не сум личност кој може да одговара на дебата во живо. Можеби сум, можеби не сум таква личност, не знам. Едноставно, не се чувствувам како за настап. ТОА е. Кога пишувам е друго. И толку. Ете, нека ми се намали вредноста бидејќи и така не можам да одговорам.

Па луѓе мои! Вредноста е во делото, во професионалноста, во тоа дали својата работа ја работиш добро или не. Делото е битно. Зошто морам да бидам нешто повеќе од тоа што сум? Добро, велат, требала да се подготви! Да вежба малку настап! А има ли време за тоа? Што попрво да прави? Колку ленти дневно терба да преслуша? И дали знаеме под колкав психолоши притисок е, бидејќи судбината на цела држава сега зависи од неа? Олабавете малку. Оставете ја жената нека се одмори, нека оздрави, нека се ревитализира, па нека си ја работи работата што најдобро ја знае. Нејзината РАБОТА е најважна за нас. А тоа е да го организира, да го менаџира СЈО да даде максимум резултати.

Ѝ објавуваме војна на малограѓанштината. Еднаш засекогаш и крај. Ова е знак (како Индијаниците кога ќе видат некој знак, орел како лета, на пример) дека Шарената револуција пак треба да излезе на улица и да му даде уште поголема поддршка на СЈО. Така И НИЕ да ја истераме својата РАБОТА до крај, како одговорни, совесни и сочувствителни граѓани. Се придружувам на новинарот Тричковски во неговата поддршка и симпатии кон специјалната обвинителка.

Според мене, г-ѓата Катица Јанева не морала да оди ни на интервју во МРТВ ако не се чувствувала „како за настап пред камери“. Сега и во Собранието три дена мора да слуша секакви гадости и да одговара на прашања? Зошто да одговори? Па и така ниту сакаат ниту можат да ја разберат најголемиот број присутни пратеници. Пред нив треба да се оправдува деко сето време ѝ прават сопки, секакви опструкции, институциите не соработуваат, аболиции и нивно повлекување ѝ го трошат скапоценото време итн. Да се оправдува пред луѓе кои не ја ценат, не покажуваат трунка почит кон нејзината личност и ја мразат?

Јавноста, пак, треба да се крене и да протестира. Овој пат до крај, до конечна победа. Сега со уште една цел - да се победи малограѓанштината, бесчувствителноста. Ете добар повод пак да се дружиме.

Слика: Небојша Гелевски

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото